Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 6 март 2002 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од МЗ “Ѓорче Петров” (37), бр.07-307/4, донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров на 21 март 2001 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.6/2001), во делот што се однесува на урбанистичката парцела 3.42;
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Јовица Јовевски од Скопје, со Решение У.бр.199/2001 од 30 јануари 2002 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на делот од Одлуката означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и со член 18 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
4. Доносителот на оспорената одлука не достави одговор на наводите содржани во решението за поведување на постапката.
5. Судот на седницата утврди дека при јавната анкета по нацрт-Планот, која беше организирана од 27 јуни до 11 јули 2000 година, беа изнесени забелешки од Томислав Јовевски – татко на иницијаторот (на 10 јули 2000 година) кои се однесуваа на УП 3.42, меѓу кои и забелешката “барам мојата легално изградена гаража да се вцрта во новиот ДУП, а пристапот до градежната парцела 3.41 да е од друга страна, особено што во нацрт-планот наоколу се урбанизираат сите диво изградени гаражи, па и гаражата на Душанка Димитровска (од 3.41-н.з.), иако таа не поседува возило”. Во склоп на таа забелешка, Томислав Јовевски објасни дека на УП 3.42″ постои легално изграден градежен објект (гаража)…”, за што ги приложи и 14-те акти (решение за услови за градба, заверен проект,…), а ја објасни и ја поткрепи со докази управната и управно-судската постапка (видно од Анкетен лист бр.27 и прилозите доставени со него до Општината).
Понатаму, Судот утврди дека во одговор на Анкетен лист бр.27, поднесен од Јовевски Томислав, се наведува дека “забелешката се одбива бидејќи во текстуалниот дел на Нацрт-Планот, во одредбите за спроведување на планот е регулирана оваа материја, а согласно Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот, (“Службен весник на РМ” бр.11/97, 69/99 и 102/2000) засновано на член 15 од Законот за изградба на инвестициони објекти (“Службен весник на РМ” бр.15/90, 11/91, 11/94, 18/99 и 25/99) и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на РМ” бр.11/97, 69/99 и 102/2000)”.
Судот исто така утврди дека Правилникот објавен во “Службен весник на РМ” бр.11/97 престанал да важи на 6 ноември 1999 година со член 85 од Правилникот објавен во “Службен весник на РМ” бр.69/99 (значи, не обврзувал во време на јавната анкета од 2000 година), како и дека Правилникот објавен во “Службен весник на РМ” бр.102/2000 влегол во сила после јавната анкета (односно на 14 декември 2000 година), па и тој не обврзувал околу оваа јавна анкета. Во однос на Правилникот објавен во “Службен весник на РМ” бр.69/99 и член 15 од Законот за изградба на инвестициони објекти, од образложението не може поблиску да се види зашто забелешката на Јовевски е неприфатлива.
6. Според член 18 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96, 8/96, 28/97, 18/99 и 53/2001) “Извештај за стручната расправа и јавната анкета за плановите од член 17 став 5 на овој закон, со образложение за неприфатените забелешки, изработува општината, односно Градот Скопје”.
Со оглед на тоа што, во конкретниот случај, даденото образложение не ги дава јасно причините поради кои не е прифатена забелешката на граѓанинот, што е суштина на образложението, со што не му е дадена можност на граѓанинот понатаму да се бори за својот правен интерес, Судот утврди дека таквата постапка на донесување на Одлуката во оспорениот дел – УП 3.42 не е во согласност со наведената законска одредба, како и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот (владеење на правото).
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски
У.бр.199/2001
6 март 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов