Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 и 28 февруари 2002 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 18 став 2 во делот за претседател и членови на управен одбор не може да биде именувано лице “кое со правосилна одлука му е изречена казна затвор заради кражба, измама, издавање чек без покритие, злоупотреба на довербата, фалсификат, лична изјава дадена под заклетва, освен ако му биде избиршана осудата” и член 28 во делот што се однесува на примената на член 18 став 2 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на РМ” бр.38/96).
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на наведените членови во точка 1 од оваа одлука од Законот за јавните претпријатија, затоа што тие не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Имено според наводите од иницијативата правните последици од некогашната осуда не можат да бидат трајни, туку тие можат да траат само определено време утврдени со конкретна правосилна судска одлука согласно одредбите на Кривичниот законик а не по сила на закон, како што е предвидено во оспорените одредби.
3. Судот на седницата утврди дека во член 18 став 2 од Законот за јавните претпријатија е предвидено дека за претседател и членови на управен одбор не може да биде именувано лице на кое со правосилна одлука му е изречено казна затвор заради кражба, измама, издавање на чек без покритие, злоупотреба на довербата, фалсификат, лична изјава дадена под заклетва, освен ако му биде избришана осудата.
Во член 28 од Законот е предвидено дека одредбите од членовите 17 и 18 став 1 и 2 на овој закон се применуваат и на директорот, деловодниот одбор на директори и на членовите на одборот за контрола на јавните претпријатија.
4. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Согласно член 32 став 1 и 2 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место под еднакви услови.
Прашањата што се однесуваат на кривичните дела и кривичната одговорност, мерките за безбедност, меѓу кои и забраната за вршење на професија, дејност или должност, правните последици на осудата и рехабилитацијата, спаѓаат во кривично-правната материја и се уредени со Кривичниот законик.
Со член 102 став 2 и 3 од овој законик е уредено дека правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна, а со бришењето на осудата престануваат правните последици на осудата. Инаку, правните последици на осудата можат да се предвидат само со закон и настапуваат по сила на законот со кој се предвидени (член 101 став 2 од Законикот). Рехабилитацијата, пак, која може да биде законска или судска, според член 103 став 2 од овој законик, значи предвремен престанок на мерките за безбедност и правните последици од осудата и бришење на осудата од казнената евиденција.
Тргнувајќи од изнесеното при оценување на уставноста на оспорените одредби, како превенствен критериум на уставноста треба да се одредбите од член 13 и 14 на Уставот кои, меѓу другото, утврдуваат два принципи на казнено-правниот однос, а тоа се, прво, дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис и второ, дека казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа, значи дека казнено правниот однос се исцрпува во релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорениот дел од одредбите по сила на законот, а не како казна (забрана) што ја изрекува судот во рамки на видовите на кривичните санкции, лицето не може да врши одредена функција, Судот оцени дека оспорените членови не се во согласност со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.175/2001
27 и 28 февруари 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов