12/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 27 и 28 февруари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 28 став 4 и член 84 став 1, точки 3 и 5, во деловите “или на општ акт на Фондот”, од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на РМ” бр.25/2000, 96/2000 и 50/2001).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од ова решение, затоа што истите не биле во согласност со Уставот на Република Македонија.

Имено, според наводите во иницијативата со членот 28 став 4 од Законот за здравствено осигурување, било овозможено лекарот да го одбие изборот на осигуреното лице односно да му укажува здравствени услуги од примарната заштита и да го следи неговото здравје, ако тоа лице покажува недоверба или не постапува според советите на лекарот, и со тоа се овозможувало всушност лекарот да врши избор а не осигуреното лице.

Ова било спротивно на членот 8 став 1 алинеја 8 од Уставот на Република Македонија, со која хуманизмот, социјалната правда и солидарност се втемелени како основни вредности на уставниот поредок.

Во однос на оспорените одредби од членот 84 став 1 точки 3 и 5, во деловите “или на општ акт на Фондот”, од Законот за здравствено осигурување, во иницијативата се укажува дека не може со општ акт на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, да се пропишува прекршок и овие одредби во оспорените делови не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, за владеење на правото, и членовите 51 и 98 став 2 од Уставот, кои се однесуваат на обврската законите да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и за самостојноста и независноста на судовите кои судат врз основа на Уставот и законите.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за здравствено осигурување се уредува здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување како и начинот на спроведување на здравственото осигурување.

Прашањето на здравственото осигурување на граѓаните со законот е уредено преку установување на задолжително и доброволно здравствено осигурување и во тие рамки се уредени правата и обврските од овие два диференцирани облици на здравствено осигурување.

Во однос на начинот на спроведување на здравственото осигурување Законот предвидел во членот 3, задолжителното здравствено осигурување да го спроведува Фондот за здравствено осигурување со својство на правно лице, кој согласно членот 53 се основа за таа цел, дејноста која ја врши е од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со овој закон.

Во сферата на постапката за остварување на правата од задол`ителното здравствено осигурување, Законот во членот 28 го уредил изборот на лекар во примарната здравствена заштита како право но и како дол`ност на осигуреното лице.

Притоа, со наведениот член од Законот, не се забранува или ограничува изборот на осигуреното лице во однос на промена на еднаш избраниот лекар.

Здравственото осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување секако за своја темелна основа ја има определбата на Уставот во членот 35 став 1, според која Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, како и уставната определба во членот 8 став 1, алинеја 8, дека една од темелните вредности на уставниот поредок се хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Исто така, Уставот во членот 39 став 2 утврдил дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Обезбедувањето на здравствените услуги на осигурените лица е фундаментална содржина на здравственото осигурување.

Со оглед на тоа законодавецот ја имал во предвид и компонентата на грижа и одговорност во обезбедувањето и вршењето на здравствените услуги на осигурените лица, кои произлегуваат од здравствената заштита.

Ако се има во предвид оваа димензија на здравственото осигурување, за грижата и одговорноста и за последиците од давањето на здравствените услуги спрема осигурените лица, произлегува дека здравственото осигурување содржи права и обврски како за осигурените лица така и за лицата кои ги обезбедуваат здравствените услуги.

Според мислењето на Судот, несоработката на пациентот со лекарот преку неприфаќањето на лекарските совети и здравствени услуги ја доведува во прашање целисходноста на давањето на здравствените услуги кои секако подразбираат и време и трошоци за стручниот ангажман на лекарот. Грижата и одговорноста на лекарот, во таков случај сосем оправдано го наведува лекарот да преземе соодветно дејствие односно да одбие како избран лекар на пациентот да му дава здравствени услуги, а со тоа се остава правото на пациентот да го промени изборот со друг лекар.

Неспорно е дека интенцијата на законодавецот е во текот на давањето на здравствените услуги лекарот да може да го одбие изборот на пациентот тој да биде негов избран лекар, а не како што наведува подносителот на иницијативата дека во почетокот на изборот лекарот го одбивал изборот на пациентот и со тоа се оневозмо`увало правото на избор на пациентот, што всушност не е содржано во одредбата.

И. Од погоре изнесеното, Судот утврди дека за одредбата од членот 28 став 4 од Законот за здравствено осигурување не мо`е да се постави прашањето за нејзината уставност.

И. 4. Понатаму, Судот на седницата утврди дека со оспорените одредби од членот 84 став 1, алинеја 3 и 5, во деловите “или општ акт на Фондот”, од Законот за здравствено осигурување, со парична казна за прекршок ќе се казни здравствената установа која не само спротивно на одредбите од законот туку спротивно и на одредбите од општиот акт на Фондот, ќе ги скусат или ограничат правата на осигуреникот или му наплатат услуги, материјални трошоци или лекови кога тоа не е предвидено или, пак, ако е предвидено а му наплатат повисоко учество или воопшто не му наплатат.

Со Законот за прекршоци (“Службен весник на РМ” бр.15/97 и 35/97), во членот 5 е утврдено дека прекршок е противправно дело што со закон е определено како прекршок и чии обележја се определени со закон.

Според членот 37 од наведениот закон, прекршочна санкција за сторен прекршок може да изрече само надлежниот суд во постапка што е поведена според овој закон.

Имено, прекршочната постапка пред надлежниот суд, согласно членот 48 од Законот за прекршоци, се поведува по барање на овластен орган и оштетениот. Овластени органи се органите на управата, јавното обвинителство, единиците на локалната самоуправа и други органи и организации што вршат јавни овластувања во чија надлежност спаѓа непосредното извршување или надзор над извршувањето на прописите во кои се предвидени прекршоците.

Имајќи го во предвид погоренаведеното, се констатира следново:

Со одредбите од Уставот, од вториот дел за слободите и правата на човекот и граѓанинот, јасно произлегува уставната определба дека правата и обврските на граѓаните можат да се пропишуваат само со закон и колективен договор, а не и со прописи и општи акти што ги донесува Владата на Република Македонија и органите на државната управа заради извршување на законите и другите прописи на Собранието.

Во спроведувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, Фондот кој се основа како правно лице, врши определени работи и задачи утврдени со членот 54 од Законот, меѓу кои со општи акти ги уредува прашањата за кои е овластен со закон.

Општите акти кои Фондот ги донесува секако треба да содржат одредби за спроведување односно операционализација на правата и обврските утврдени со законот а не и предвидување на нови права и обврски, кои само со законот можат да се утврдат.

Овој систем на операционализација на законските права и обврски уреден со општите акти на Фондот, е усмерен во практицирањето на Фондот и здравствените установи.

Значи, извршувањето на правата и обврските утврдени со Законот за здравствено осигурување е во непосредна врска со одредбите на општите акти на Фондот.

Оттука, здравствените установи неможат самоволно да го спроведуваат извршувањето на здравствените услуги утврдени со законот, надвор од системот уреден со одредбите во општите акти на Фондот, за што законот дал овластување.

Со оглед на тоа, доколку здравствената установа врши конкретна работа спротивно на одредбите од законот и одредбите од општиот акт на Фондот, со право може да се предвиди како противправно дело кое законот ќе го утврди како прекршок опишувајќи ги обеле`јата на прекршокот.

Имено, со оспорените одредби од членот 84 на Законот, всушност здраствената установа за прекршок ќе се казни заради извршување на конкретно опишани здравствени услуги, кога тоа извршување е спротивно и на одредбите од општите акти на Фондот.

Според Судот, во случајов со законот е утврден прекршокот и дадени се конкретно обележјата на противправното дело на здравствената установа, а во тие рамки основано е опфатено и практичното делување на установата кое треба да се движи и да биде во согласност со одредбите и на општите акти на Фондот кои го уредуваат спроведувањето на здравствените услуги. Анализата на членот 84 од Законот, не е во насока односно не е предмет на разгледување на Судот, дали конкретни општи акти на Фондот врз основа на својата содржина претставуваат или не извршни прописи односно дали со својата содржина излегуваат надвор од законското овластување за спроведување на задолжителното здравствено осигурување, бидејќи тоа може да се установи само со опсервација на нивната конкретна содржина. Законот определил дека конкретни дејствија на здравствената установа претставуваат прекршок и оваа слободна определба на Законот не може да се негира, а друго е прашањето што законот во набројувањето на прекршоците на здравствената установа го утврдува и спротивното работење на одредби од извршните прописи на Фондот, значи со третирањето на прекршоците задира во извршната сфера уредена со општите акти на Фондот.

Законот за здравствено осигурување со членот 84 утврдува што е прекршок на здравствената установа, па со оглед на тоа а имајќи го во предвид сето погоре изнесено, Судот утврди дека и за оспорените одредби од наведениот член не може да се постави прашањето за нивната уставност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.12/2002
27 и 28 февруари 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов