Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 20 февруари 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на член 13 од Правилникот за систематизација на работите и работните задачи во ОУ “Петре Глигуроски”-с. Костинци, бр.8/1 од 16.03.1983 година и 03-24/1 од 9.03.2001 година.
2. Владимир Спасески од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на членот 13 од Правилникот за систематизација на работите и работните задачи во ОУ “Петре Глигуроски”-с. Костинци, бр.8/1 од 16.03.1983 година и 03-24/1 од 9.03.2001 година, во делот на работите и работните задачи кои се опишани за работното место на координаторот за административно технички работи поради тоа што со систематизацијата извршена со измените на Правилникот под бр.03-24/1 од 9.03.2001 година за ова работно место бил предвиден само еден извршител, а со тоа се намалил кадарот кој претходно ги извршувале работите и задачите како администратор и како благајник во училиштето. Според подносителот на иницијативата оспорениот акт не бил во согласност со Законот за работни односи, Законот за основно образование и Колективниот договор за основното образование на Република Македонија, со кои биле загарантирани правата на работниците кои произлегувале од работниот однос.
3. На седницата Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на Колективните договори со Уставот и со законите.
Со Законот за работни односи (“Службен весник на РМ” бр.80/93, 3/94, 14/95, 53/97, 59/97 и 21/98), во членот 2 е предвидено дека работниот однос се уредува со овој или со друг закон и колективен договор, во членот 3 став 2 се предвидува дека работниот однос може да престане само на начин и под услови утврдени со закон, а со членот 5 јасно е утврдено дека правата од работен однос утврдени со Устав, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавецот.
Исто така со наведениот закон, во членот 129 став 1, е предвидено дека бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на критериуми утврдени со колективен договор при што се поаѓа од потребите за ефикасно функционирање на работата на работодавецот, стручната подготовка и квалификација, работното искуство, успешноста на работењето, видот и значењето на работното место, работниот стаж, возраста и други критериуми утврдени со колективниот договор.
Следователно на ваквата законска регулатива, со Законот за основното образование (“Службен весник на РМ” бр.44/95, 24/96, 34/96, 35/97 и 82/99), кој во членот 11 ја утврдува дејноста од основното образование дека е од јавен интерес, понатаму во членот 77 став 2 предвидува дека начинот и критериумите за прогласување на технолошки вишок на лицата во работен однос кои ги вршат дејностите од основното образование, ќе се утврдат со колективен договор.
Согласно Колективниот договор за основното образование (“Службен весник на РМ” бр.65/95), материјата која се однесува за престанок на работен однос поради економски, технолошки, структурални и слични промени е уредена во членовите од 62 до 70, во кои одредби набројани се критериумите и утврдени се бодовите по овие критериуми за престанок на работниот однос а рангирањето го врши комисија формирана од училишниот одбор, кој ја донесува одлуката за прогласување на технолошки вишок. Согласно членот 71 став 1 и 2 од наведениот Колективен договор, заради повреда на правата утврдени со закон или колективен договор, работникот има право да поднесе приговор до училишниот одбор и да биде застапуван од Синдикатот.
Исто така, со одредбата од членот 134 на Законот за работни односи, е овозможено работникот во остварувањето на поединечните права од работниот однос да бара заштита кај работодавецот, пред надлежниот суд, синдикатот, инспекциските органи и други органи, во согласност со закон.
Со оглед на погоре изнесеното Судот смета дека оспорениот Правилник е интерен акт со кој се уредуваат внатрешни трудово-правни односи на ОУ “Петре Глигуроски” – с. Костинци, тој не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, па поради тоа Уставниот суд не е надлежен да одлучува за неговата согласност со законите.
4. Согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.2/2002
20 февруари 2002 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов