У.бр.222/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 февруари 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 2 и член 5 став 2 од Одлуката за определување на условите, начинот и постапката за издавање и одземање на лиценца за авто-такси превозот на патници во општина Берово (“Службен гласник на општина Берово” бр.1/2000).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Христо Ефремов адвокат од Скопје, со Решение У.бр.222/2001 од 26 декември 2001 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 и член 5 став 2 од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со одредбите на Уставот и Законот за превоз во патниот сообраќај.

4. Судот на седницата утврди дека според член 2 од Одлуката, лиценца за авто-такси превоз на патници се издава на превозник кој ги исполнува следните услови:

– да е сопственик на моторно возило или под лизинг со кое ќе врши авто-такси превоз,
– да не е осудуван за кривично дело загрозување на безбедноста на сообраќајот, како и против достоинството на личноста и моралот во последните три години, и
– да ги има намирено јавните давачки во врска со вршење на дејноста.

Со член 5 став 2 од Одлуката се уредува дека лиценцата се издава по барање на превозникот која содржи: форма и седиште на превозникот, вид на превозот за кое се бара лиценцата, доказ за регистрирана дејност, докази за исполнување на условите од член 2 и 3 на оваа одлука, доказ за извршена уплата од 3000 денари по возило (годишно), одбележување и одржување на такси-постојките во градот и општината на жиро сметка на Фондот за комунални работи и доказ за поседување полиса за осигурување на патниците за секое возило.

5. Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдени со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Со член 33 од Уставот се утврдува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/95 и 29/98) се пропишани условите за вршење на јавен превоз. Така, со член 7 од Законот, меѓу условите за вршење на јавен превоз е обврската превозникот да има во сопственост, под закуп или лизинг одреден број на регистрирани возила кои ги исполнуваат условите пропишани со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата и посебните техничко-експлотациони услови за одделни видови на превоз, да има соодветен простор за паркирање и одржување на возилата. Меѓу тие услови, беше и обврската да ги има намирено јавните давачки во врска со вршење на дејноста, но со Одлука У.бр.170/99 на Уставниот суд од 19 април 2000 година, таа одредба е укината. Според член 7-а од овој закон, меѓу другите, се издава лиценца за авто-такси превоз на патници, што според член 8 од Законот, ја издава надлежниот орган на општината според седиштето на превозникот. Лиценцата, според член 9 од Законот се издава на барање на превозникот со конкретно определена содржина на самото барање.

Авто-такси превозот посебно е уреден со членовите 39 до 44 од Законот, при што, покрај условите предвидени со член 7 алинеја 2 од Законот, со член 40 од Законот, за добивање на лиценца за авто-такси превоз, превозникот треба да е сопственик на моторно возило или под лизинг со кое ќе врши авто.такси превоз и според алинеја 2 се бараше да не е осудуван, која одредба со напред наведената одлука на Уставниот суд е укината. Според член 44 од Законот, општината ги утврдува: локацијата и капацитетот на такси станиците, отворање на нови и укинување на постојните; одбележување и опремување на такси станици и бојата на возилата. Таа, исто така, ја утврдува и усогласува тарифата и начинот на користење на такси станиците.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека како услов за вршење на авто-такси превоз односно за добивање на лиценца за таков превоз не може да се бара од превозникот да не е осудуван за кривично дело загрозување на сигурноста на сообраќајот, како и против достоинството на личноста и моралот во последните три години, бидејќи казнивото дело завршува со судски изречената казна и не се допуштени други последици од осудата, ниту, пак, да се предвидува услов превозникот да ги намирил јавните давачки во врска со вршење на дејноста, бидејќи за неизвршување на обврските за подмирување на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување. Покрај тоа, предвидените услови во оспорените одредби од Одлуката, ја изгубиле својата основа со укинувањето на напред наведените одредби од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Покрај наведеното, тргнувајќи од фактот дека условите за издавање на лиценца за авто-такси превоз на патници, вклучувајќи ја и содржината на барањето за издавање на лиценца, се конкретно определени со Законот, тогаш произлегува дека со пропис на општината не можат да се намалуваат или зголемуваат законски утврдените услови, поради што Судот оцени дека тие одредби од Одлуката не се во согласност со напред наведените одредби од Уставот и Законот за превоз во патниот сообраќај.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.222/2001
13 февруари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов