У.бр.88/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 февруари 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар-“Џамиџидит” маало на м.в. “Тоскалари” бр.07-529/1, донесена од Советот на Општина Гостивар на седницата одржана на 6 септември 2000 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива од Меџити Таип, Мерсини Бесир и Адеми Тасин од Гостивар, со решение У.бр. 88/2001 од 28 ноември 2001 година, поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основано беше поставено прашањето за неговата согласност со одредбите на Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на членовите 7 и 20 од Законот за просторното и урбанистичко планирање и член 49 став 6 од Статутот на Општина Гостивар, Советот на општина Гостивар на 6 септември 2000 година донесол Одлука за изменување и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план на град Гостивар – “Џамиџидит” маало на м.в. “Тоскалари”. Измените и дополнувањата се прикажани во тексту-ален и графички приказ што се составен дел на Одлуката.

5. Со Законот за просторното и урбанистичко планирање е утврдено изработувањето и постапката за донесување на плановите.

Според член 17 на овој Закон, плановите се изработува-ат како нацрт и како предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.

Јавната анкета, пак, се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтереси-раните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштените во јавните гласила. Извештај за јавната анкета со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (член 18).

Согласно член 20 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според членот 22 став 6 и 7 од овој закон, Урбанистичките планови можат да се спроведуваат по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот. Плановите за кои не е издадена согласност, се сметаат дека не се донесени.

Во конкретниот случај, според документацијата со која располага Судот, а е доставена од главниот архитект на град Гостивар произлегува дека Советот на Општина Гостивар со Одлука пристапил кон изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на Гостивар за дел од Џамиџидит маало на место викано “Тоскалари”.

Понатаму, има Програма за изработка и донесување на урбанистички планови во Општина Гостивар во 2000 година донесена од Советот на општината; договор помеѓу Советот на општината како нарачател и Институтот за просторно планирање, урбанизам, сообраќај и екологија на Македонија “Ин-Пума” како извршител, за изготвување на нацрт на планот: Стручна ревизија на Нацрт планот, изготвена од Архитектонски факултет – Скопје, од јуни 2000 година; Одговор на забелешките од стручната ревизија од изготвувачот на планот, од јуни 2000 година; Стручно мислење по Нацрт – измената на планот од Министерството за урбанизам и градежништво, со бр.10-5139, од 11.07.2000 година; Стручно мислење на Нацрт-измената на планот од Главниот архитект на градот, со бр.сл., од 14.07.2000 година; Соопштение за спроведу-вање на јавна анкета, со бр. 20-сл., од 16.07.2000 година, објавено на Радио “Гостивар” – Гостивар; Извештај од јавна анкета, изготвен од Општината, со бр. 20-453/4, од 21.08.2000 година; Предлог – план, изготвен од “ИН-ПУМПА” – Скопје (Изработувач) и “Полог Проект” – Гостивар (подизвршител), со техн.бр. 55/2000, од септември 2000 година; Одлука за усвојување на измена и дополна (ревизија) на дел од Деталниот урбанистички план на град Гостивар – “Џамиџидит” маало на м.в. “Тоскалари”, со број 07-529/1 од 06.09.2000 година; Согласност од Министерството за транспорт и врски;

Во врска со наводите содржани во иницијативата, дека измената на оспорениот акт е извршена без согласност на жителите на односниот реон, евидентно е дека од 16.07.2000 година до 31.07.2000 година била спроведена јавна анкета по Нацртот на планот, за што граѓаните биле известувани преку радио “Гостивар” врз основа на заклучокот на главниот архитект на општина Гостивар за спроведување на јавна анкета.

Меѓутоа, според приложената документација која му претходела на донесувањето на оспорениот акт, недостасува формална одлука на Советот на Општината за усвојување на Нацртот на деталниот урбанистички план, како и акт на Советот на Општината за спроведување на јавна анкета по Нацртот на планот.

Ако се има предвид дека Нацртот на урбанистичкиот план е една фаза при донесувањето на урбанистички план, Судот оцени дека Советот на општината требало да донесе одлука за усвојување на Нацртот на планот и Советот на општината да ја организира јавната расправа по Нацртот на планот.

Со оглед на тоа што Советот на општината не донесол акт за усвојување на Нацртот на планот, ниту пак има донесено акт со кој по Нацртот на планот се спроведува јавна анкета, Судот оцени оспорената одлука не е во согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 88/2001
13 февруари 2002 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов