У.бр.207/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јануари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 36 став 4 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.59/2000).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 36 став 4 од Законот за Владата на Република Македонија. Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба со која било предвидено Владата со Упатство да го пропишува начинот на работа на министерствата и органите на државната управа, се ограничувало самостојното вршење на надлежностите и донесувањето на упатствата и другите акти на министерствата и органите на државната управа, што е спротивно на членот 96 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 88 од Уставот на Република Македонија, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите. Според членот 91 од Уставот, Владата во вршењето на своите работи, меѓу другото донесува уредби и други прописи за извршување на законите, како и утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерствата и другите органи на Управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа.

Исто така, Уставот на Република Македонија во членот 96 утврдил дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

4. Со Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.59/2000), во членот 35 е утврдено дека за извршување на законите, Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци. Овие акти, понатаму во членот 36 од Законот, поединечно се разработуваат кога и во кои случаи Владата ги донесува, и меѓу другото во ставот 4 е предвидено дека со упатство Владата го пропишува начинот на работа на министерствата и органите на државната управа.

Со Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на РМ” бр.58/2000), во членот 55 е утврдено дека министерот како и директорот на самостојниот орган на државната управа односно управна организација, исклучиво кога се за тоа овластени со закон, донесуваат акти и тоа правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти заради извршување на законите и другите прописи. Овие акти, понатаму во членовите 56 и 57 од Законот, поединечно се разработени кога и во кои случаи министерот и директорот на самостојниот орган на државната управа односно управна организација ги донесува, а меѓу другото во членот 56 став 3 е утврдено дека “со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и другите прописи”.

5. Тргнувајќи од погоре изнесеното произлегува дека со закон е предвидено упатството како акт кој може да го донесе Владата, а исто така со закон е предвидено упатството како акт кој може да го донесе лицето кое раководи со самостојниот орган на државната управа односно управна организација.

Меѓутоа, постои различна законска градација на упатството како акт на Владата и упатството како акт на органот на државната управа, како во однос на органите кои нив ги донесуваат, така и во однос на начинот и условите за нивното донесување, што неспорно произлегува од правата, должностите и надлежностите кои се утврдени со Уставот посебно спрема Владата како носител на извршната власт и посебно спрема органите на државната управа кои за својата работа се одговорни на Владата.

Имено, Владата ги донесува актите меѓу кои и упатството, како колективен орган на одлучување, а министерот и директорот на орган на државната управа односно управна организација ги донесува актите меѓу кои и упатството, како индивидуален орган на одлучување. Тоа произлегува од погорецитираните одредби на Законот за Владата на Република Македонија и Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Исто така, Судот утврди дека Владата донесува упатство за да го пропише начинот на работа на министерството и органот на државната управа, а министерот и директорот на самостојниот орган на државната управа односно управна организација го донесува упатството иклучиво кога тие раководни лица се со посебен закон овластени да донесат упатство но само заради пропишување на начинот на постапување во извршувањето на одделни законски одредби и одредби на други прописи, и без овластување со закон тие не можат да донесат упатство со кое ќе го пропишуваат постапувањето во извршувањто на законските одредби и други прописи.

Уставот во членот 96 јасно утврдил дека самостојното вршење на надлежностите на органите на државната управа не е неограничено туку само врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа тие се одговорни на Владата.

Со оглед на тоа што уставна определба е дека Владата донесува акти за извршување на законите и ја организира и контролира работата на органите на управата, овој Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.207/2001
30 јануари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов