У.бр.238/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 јануари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 17 став 1 од Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на РМ” бр.80/92, 19/93, 9/94 и 9/96) во деловите

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на делот од член 17 став 1 од Законот за јавното обвинителство, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата Јавното обвинителство можело да ги врши своите функции само врз основа и во рамките на Уставот и закон, но не и врз основа на други прописи. На овој начин се повредувале уставните начела од член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 106 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 1 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Македонија пред Уставниот суд на Република Македонија дава иницијатива за поведување постапка за оценување на согласноста на закон со Уставот и за “согласноста на други прописи со Уставот и законите”, ако прашањето за уставноста “и законитоста” се постави во работата на јавното обвинителство.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според став 2, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 106 став 1 од Уставот на Република Македонија, Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон, а според став 2 на истата одредба, Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Во рамките на надлежностите утврдени со Уставот, а согласно член 68 став 2, Собранието на Република Македонија за вршење на работите од својата надлежност донесува и одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.

Владата на Република Македонија, согласно член 91 алинеја 5 од Уставот, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Во член 12 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, предвидено е, секој да може да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт. Според член 14 став 1, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставноста на закон, односно уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт, а според став 2 од истата одредба, при испитувањето на уставноста на закон односно уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт, Уставниот суд може да ја оценува уставноста и законитоста и на одредби од прописот или другиот општ акт што се оспорени во иницијативата. Според член 17 став 1 од Законот за јавното обвинителство, јавниот обвинител на Република Македонија пред Уставниот суд на Република Македонија дава иницијатива за поведување постапка за оценување на согласноста на закон со Уставот “и за согласноста на други прописи со Уставот и законите”, ако прашањето за уставноста “и законитоста” се постави во работа на Јавното обвинителство. Покрај основната функција на јавните обвинители и замениците јавни обвинители, во смисла на член 15 став 1 од Законот за јавното обвинителство, да ги гонат сторителите на кривичните и други казниви дела, и да превземаат процесни дејствија во кривичната постапка, во член 15 став 2 е дадено овластување, во процесната, вонпроцесната, извршната, управната и другите постапки , јавните обвинители да превземаат дејствија за кои се овластени со овој или друг закон.

5. Од описот на битијата на поединечни кривични дела содржани во Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр. 37/96), произлегува дека некои кривични дела се извршуваат со: непочитување, кршење, постапување спротивно на пропис, наредба или друг подзаконски акт. Таквите кривични дела имаат бланкетна диспозиција или претставуваат бланкетни норми, бидејќи само со проучување на правната легислатива на која упатуваат (други прописи и други општи акти) може да се дојде до целосниот опис на кривичното дело, посебно на дејствата на извршување. Тоа можат да бидат други закони различни по содржина од Кривичниот законик, но и подзаконски и други општи акти, донесени врз основа на другите закони.

Ова значи специфично отстапување од принципот на прецизност на кривичните закони (нуллум цримен, нулла поена сине леге стрицта), односно јасни, разбирливи, цврсти, препознатливи и лесно разграничувачки описи на кривичните дела, бидејќи кога тоа не е можно се упатува на друг пропис (Закон, подзаконски акти и други општи акти), па се добиваат т.н. бланкетните норми.

6. Поаѓајќи од содржината на член 106 став 1 од Уставот, произлегува дека Јавното обвинителство како единствен и самостоен државен орган покрај гонењето на сторителите на кривичните дела и други со закон утврдени казниви дела врши и други работи утврдени со закон.

Дека Јавното обвинителство врши и други работи утврдени со закон, произлегува и од содржината на член 15 став 2 од Законот за јавното обвинителство, во која смисла истото преку јавните обвинители и замениците јавни обвинители превзема дејствија во процесната, вонпроцесната, извршната, управната и другите постапки кога е овластен со споменатиот закон или друг закон.

Во член 17 став 1 од Законот за јавното обвинителство, како друга работа што ја врши јавното обвинителство во својата надлежност е определено да даде иницијатива за поведување постапка за оценување на согласноста на закон со Уставот и во оспорениот дел “за согласноста на други прописи со Уставот и законите”, ако прашањето за уставноста и “законитоста” се постави во работата на Јавното обвинителство. Ваквата законска конструкција е издигната на ниво на должност, по мислење на овој Суд не само кога е во прашање оценувањето на согласноста на закон со Устав туку и кога е во прашање оценувањето на согласноста на другите прописи со Уставот и законите и законитоста, но само во случај кога прашањето на уставност и законитост ќе се постават во врска со работата на Јавното обвинителство.

Во хиерархијата на правните акти подзаконските акти овозможуваат законите да се оживотворат, да бидат спроведени во конкретните правни и животни ситуации. При тоа таквите прописи мораат за основа да го имаат конкретниот закон чија доработка ја овозможуваат и воедно мораат да бидат донесени од органи и лица во постапка и на начин определени со конкретниот закон. Во спротивно “другите прописи” можат да бидат предмет на оценка по однос на нивната согласност со Уставот и законот, како и по однос на нивната законитост, а во смисла на член 12 и 14 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија. Поднесувањето на иницијатива во ваков случај од страна на јавното обвинителство е издигната на ниво на должност, врз основа на член 17 став 1 од Законот за јавното обвинителство и тоа само во случај кога прашањето на уставноста и законитоста ќе се постават во неговата работа.

Тргнувајќи од фактот што во Кривичниот законик за битијата на поголем број кривични дела е карактеристично извршување на кривичното дело со неспроведување, непочитување, кршење на прописи, наредби, или други подзаконски акти, овој суд цени дека јавното обвинителство секогаш кога ќе најде дека постои несогласност на посебни прописи и други општи акти со Уставот и законите, како и несогласност на истите со законите има должност да даде иницијатива до Уставниот суд. Ваквата надлежност на јавното обвинителство би можело да биде од влијание во иднина врз основа на такви прописи да не можат да бидат направени такви и слични кривични дела како и други казниви дела, а во случај да Уставниот суд одлучи посебниот пропис или дел од него да го укине или поништи. Доколку е во врска со работата на јавното обвинителство, истото може да постави прашање за уставноста и законитоста на други прописи кои се содржани во друга правна регулатива различна од кривичната.

Другите прописи или подзаконските акти претставуваат дел од правниот поредок на земјата утврден со Уставот и имаат функција да го остварат извршувањето на Уставот и законите така што ќе ја доуредат законската материја за која законодавецот упатил да се реши со пропис или друг општ акт, па Судот цени дека не може да се постави прашање за согласност на делот од оспорената одредба со уставните одредби од член 8 став 1 алинеја 3, членот 51 и членот 106 став 1 и 2 од Уставот на кои се заснова иницијативата. Воедно должност е на јавното обвинителство да се грижи за уставноста и законитоста на прописите и други општи акти, како едно од дејствијата за кои е овластено да ги врши со член 15 став 2 и член 17 став 1 од Законот за јавното обвинителство и член 106 став 1 од Уставот.

Со оглед да Јавното обвинителство во вршењето на својата функција, а заради препознавање на описот на кривичните дела и други казниви дела е упатено при постоење на бланкетни норми да цени други закони, различни од оние што ја регулираат стриктно кривичната материја, како и другите прописи во форма на подзаконски акти, овој суд цени дека во негова надлежност треба да остане и поднесувањето на иницијативи врз основа на оспорениот дел од член 17 став 1 од Законот за јавното обвинителство.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 238/2001
23 јануари 2002 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов