У.бр.249/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92 ), на седницата одржана на 23 јануари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Решението за престанок на финансирањето на центрите за детско творештво (пионерски домови) во Република Македонија, бр. 10-3876/1, донесено од министерот за образование и наука на Република Македонија на 6 ноември 2001 година.

2. Центарот за детско творештво “Вита Поп-Јорданова” од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на Решението означено во точката 1 од ова решение, затоа што со оспореното решение се повредувале правата на детето што ги гарантирала Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со оспореното решение се определува дека од 1 јануари 2002 година, Министерството за образование и наука престанува со финансирање на центрите за детско творештво (пионерски домови) и тоа плати и други надоместоци како и материјални трошоци за работа на истите и дека Министерството ќе обезбеди средства за таа намена заклучно со 31 декември 2001 година.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа.

Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспореното решение според мислењето на Судот, оспорениот акт не претставува пропис во смисла на членовите 51, 52 и 110 од Уставот и затоа не подлежи на уставно-судско оценување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.249/2001
23 јануари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов