Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 јануари 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на:
а) членот 11 од Одлуката за организација и делокруг на работата на кабинетот на претседателот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/2000 и 9/2001) и
б) Решението со кое на Стојанче Величковски му престанува работниот однос со отказ по потреба на службата, донесено од директорот на Агенцијата за разузнавање.
2. Стојанче Величковски од с. Конопица – Крива Паланка на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актите означени под а) и б) во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот член од одлуката бил несогласен со Уставот и со закон, затоа што не содржел одредба за постоење на второстепена комисија што ќе одлучува по жалби, а од истите причини се оспорува и решението за престанок на работниот однос.
Имено, подносителот на иницијативата смета дека постои нееднаков третман на работниците во државната управа (ресорните министерства при Владата на Република Македонија) кои за одлучување по жалба можат да се обратат до соодветната комисија за решавање во втор степен при Владата на Република Македонија и државните службеници под ингеренции на претседателот на Република Македонија, на кои им се ускратувало ова право.
Исто така, со иницијативата се бара Судот да му препорача на претседателот на Републиката во рамките на својот кабинет да формира соодветна комисија за решавање во втор степен во управна постапка за решенијата донесени во првостепена постапка од страна на директорот на Агенцијата за разузнавање и оваа комисија веднаш д ги преиспита условите и мотивите под кои им престанувал работниот однос на работниците на посебни работни места во Агенцијата за разузнавање, а постапката по предметов да мирува додека одлуката на редовниот суд не стане конечна.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 11 од Одлуката како постојани работни тела претседателот формира: комисија за помилување, комисија за одликувања и признанија и комисија за претставки и предлози.
Во ставот 2 на овој член од Одлуката е предвидено дека со неа се определува составот и бројот на членовите на комисиите.
Според ставот 3 на овој член од Одлуката претседателот може да формира и други комисии како постојани работни тела.
Согласно ставот 4 на овој член од Одлуката комисиите донесуваат деловник за начинот на работата.
Судот, исто така, утврди дека не може да направи увид во оспореното решение со кое на Стојанче Величковски му престанува работниот однос со отказ, затоа што истото не му е доставено со образложение дека претставувало службена тајна.
4. Имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба од Одлуката Судот оцени дека таа му дава, еден вид, дискреционо право на претседателот да може да формира и друг вид на комисии, кога ќе оцени за потребно и истата гледана во контекст на Законот за Агенција за разузнавање (чиј што работник со посебни овластувања бил подносителот на иницијативата), според кој Агенцијата, како посебен орган на државната управа собира податоци и информации од значење за безбедноста и одбраната на Републиката и стопанските, политичките и други интереси на државата, оцени дека е согласно со Устав и со закон директорот на Агенцијата, кога ќе оцени дека потребите на службата тоа го налагаат, на определен работник да му даде решение за престанок на работниот однос со отказ по потреба на службата. А, бидејќи директорот на Агенцијата за својата работа и за работата на Агенцијата му одговара на претседателот на Републиката (а може и Владата да побара одговорност од директорот), кога е во прашање безбедноста и одбраната на Републиката и други интереси на државата, претседателот на Републиката е тој што ќе одлучи кој вид на комисија ќе формира, како постојано работно тело, што ќе одлучува во втор степен.
Тоа пак, што во Одлуката не е предвидено постоење на комисија што ќе одлучува по жалби на работниците на посебени работни места во Агенцијата за разузнавање, имајќи ја предвид одредбата од членот 110 од Уставот, Судот не е надлежен да оценува акт заради отсуство на одредби за кои подносителот на иницијативата смета дека треба да бидат присутни.
Исто така, и решението со кое на Стојанче Величковски му престанува работниот однос со отказ по потреба на службата, не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што Судот не е надлежен за оценување неговата уставност и законитост.
Што се однесува до барањето на подносителот на иницијативата Судот писмено да се обрати до претседателот на Република Македонија и да му препорача во најскоро време да ги искористи своите овластувања од член 11 став 3 од Одлуката и во рамките на својот кабинет да формира соодветна комисија за решавање во втор степен во управна постапка за решенијата донесени во првостепена постапка од страна на директорот на Агенцијата за разузнавање, согласно член 110 од Уставот давање на препораки не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.
Барањето, пак, постапката по предметот да мирува, до донесување на конечна одлука од страна на редовниот суд, според овој Суд не држи од причина што Деловникот на Судот не го познава институтот мирување на постапката.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како под а) и б) во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.191/2001
9 јануари 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов