У.бр.138/2001

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 26 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одговорот на барањето, даден од Акционерското друштво за осигурување и реосигурување “Македонија” – Скопје на 3 јануари 2001 година.

2. Караболеска Стојка од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за оценувасње уставноста и закон итоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, на подносителката наа истата, како наследник на нејзиниот покоен татко, и се ускратувало правото на купување на акции под повластени услови, по основ на претходниот работен однос на нејзиниот татко.

Едновремено, таа бара Судот да и издејствува да и се издаде Потврда за акциите што ги поседувал татко и.

Воедно, бара Судот да и одговори кој може да и даде извадок од Акционерската книга во вид на потврда од која ќе се види со колку акции располагал нејзиниот татко.

Исто така, бара Судот да и одговори дали според позитивните законски прописи нејзиниот татко, кој целиот работен век го поминал во АД ЗОИЛ Македонија – Филијала во Штип, има право на купување на акции под повластени услови.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот одговор на барањето, подносителката на иницијативата се известува дека за запишување на акции со попуст бил објавен јавен повик на 17.06.1998 година.

Во тој повик, согласно Законот, бил предвиден и рок за запишување од 30 дена од денот на објавување на јавниот повик, кој одамна е изминат. Согласно пријавите по јавниот повик, постојниот капитал бил поделен во вид на акции на пријавените акционери, за што била изготвена и акционерска книга, така што сега не постои никаква можност за запишување на акции. Имено, акции без пзнат титулар веќе нема односно постојниот капитал во Друштвото е веќе распределен на акционери.

Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македобија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.

Со оглед на тоа што оспорениот одговор на барање не претставува пропис во смисла на погоре посочениот член од Уставот, Судот оцени дека не е надлежен за одлучување, поради што ја отфрли иницијативата за оценување на неговата уставност и законитост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.138/2001
26 декември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов