У.бр.152/2001

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Ристевски Пеце, Ристевски Стефан, Ристевски Зоран и ПП “Ротекс” од Битола, за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност.

2. Ристевски Пеце, Ристевски Стефан, Ристевски Зоран и ПП “Ротекс” од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободите и правата означени во точката 1 од ова решение, затоа што сметаат дека со повеќе одлуки донесени од Основниот и Апелациониот суд од Битола им се нанесува неправда, и им се создава чувство на безнадежност и страв, со што истите биле третирани како граѓани од втор ред.

Така, подносителите бараат Судот да ги укине У.бр.214/2000, ССЖ.бр.564/2000, ПС.бр.193/99-И, И.бр.247/99 (како и самата постапка со овој предмет) и И.бр.113/2000, донесени од Апелациониот односно Основниот суд на Битола. Со овие одлуки, подносителите наведуваат дека е сторена повреда на повеќе одредби од Уставот на Република Македонија (членовите 9,11, 30,55) како и на одредби од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (членовите 3, 6 и членот 1 на И Протокол на Конвенцијата).

Според иницијаторите, наведените акти претставувале интелектуални фалсификати и истите се однесувале на разрешување имотно-правни спорови за стекнување право на сопственост. Според нив со овие акти не била спроведена постапката на правилен начин, односно не биле изведени сите докази, односно не биле третирани (разгледувани) на правилен начин, поради што дошло и до погрешна примена на правото. Покрај тоа, дел од оспорените одлуки биле изработени

на формулари кои терминолошки и правно не кореспондираат со позитивниот правен поредок. Исто така, тие поднесоа до Судот и барање за надомест на штета сторена со наведените противзаконски одлуки, и тоа материјална и нематеријална штета.

3. На седницата Судот утврди дека со Одлука У.бр.214/2000 Судот расправал по истото прашање, иницирано од истите подносители, при што барањето го одбил од причини што не утврдил постоење некакво привилегирање, односно дискриминација по основ на социјална припадност.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Од анализата на поднесеното барање Судот утврди дека подносителите го користат основот “забрана на дискриминација по основ на социјална припадност” само како повод и правно оправдување на своето барање, без при тоа воопшто да дадат било какво образложение на истото. Имено, тие воопшто не наведуваат причини, факти и елементи кои би упатиле на потреба од анализа на евентуална дискриминација, односно фаворизирање. Напротив, со барањето само се бара Судот да постапи на начин кој ги надминува неговите уставни надлежности. Имено, подносителите бараат Судот да ги укине актите наведени во точката 2 од ова решение. Со тоа, барањето не имплицира на повреда на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност, туку упатува на барање Судот да се постави во позиција на инстанционо надреден арбитер и да пресуди во конкретната работа (поради што е и поставено барањето Судот да ги укине актите донесени од редовните судови). Ако се има предвид и барањето да им се надомести штетата (како прашање кое не спаѓа во надлежност на Судот) како и фактот дека Судот веќе одлучувал за истата работа, може да се заклучи дека не постојат процесни претпоставки Судот да одлучува по барањето кое се однесува на прашања за кои Судот не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.152/2001
19 декември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов