У.бр.87/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 25 и членот 72 став 1 и став 2 од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци (“Службен весник на Република Македонија” бр. 13/96).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членот 25 и членот 72 став 1 и став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот биле несогласни со членовите 9, 13 став 1, 14 став 1, 36 и 54 став од Уставот на Република Македонија, затоа што со нив на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци трајно им се ограничувало да стекнуваат права по основ на лична и семејна инвалиднина, што било спротивно и со Кривичниот законик на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според ставот 1 на членот 25 од Законот, правата утврдени со овој закон ги немаат: лицата кои пребегале кон непријателот; лицата кои побегнале од војска или од воена должност; војниците по договор кои учествувале во војната во Република Словенија, Република Хрватска и Република Босна и Херцеговина; лицата кои сами се раниле или повредиле заради одбегнување на воената должност и лицата осудени со правосилна судска пресуда, поради учествување на страната на окупаторот или на неговите помагачи во време на Народноослободителната војна и народноослободителното движење во Егејскиот дел на Македонија.

Одредбите од став 1 на овој член од Законот не се однесуваат на припадниците на вооружените сили на поранешната СФРЈ од Република Македонија кои согласно со воената обврска учествувале во војната во Република Словенија, Република Хрватска и Република Босна и Херцеговина, а согласно ставот 3 од Законот правата пропишани со овој закон ги немаат членовите на семејствата на лицата од став 1 на овој член освен членовите од став 2 на овој член од Законот.

Исто така, Судот утврди дека согласно членот 72 став 1 од Законот, правата според овој закон ги губат воените инвалиди и членовите на семејството на паднат борец и членовите на семејството на инвалид ако се осудени со правосилна судска пресуда поради делата предвидени во член 25 став 1 точка 5 на овој закон и дека согласно членот 72 ставот 2, правата според овој закон ги губат и членовите на семејството на воен инвалид кој го изгубил правото според овој закон поради делата предвидени во член 25 став 1 точка 5 на овој закон.

4. Согласно членот 9 став 1 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Според ставот 2 на овој член од Уставот, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Согласно членот 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

Во ставот 1 на член 14 од Уставот е предвидено дека никој не може да биде казнет за дело за кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно членот 36 став 1 од Уставот, Републиката им гарантира посебни права на борците од Антифашистичката војна и од сите национално-ослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција.

Според членот 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот.

Како што се гледа од содржината на наведените одредби од Уставот, уставотворецот со нив ги уредил прашањата: во врска со еднаквоста на граѓаните на Република Македонија; во врска со презумцијата на невиност; во врска со претходното законско утврдување на делото како такво и во врска со можноста на ограничувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот кога е тоа предвидено со Устав.

Од содржината на оспорените законските одредби, исто така, произлегува дека станува збор за две категории на корисници кои не ги остваруваат правата по основ на воен инвалидитет, како и на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека оспорените членови од Законот не се однесуваат на стекнување или губење на права на правните субјекти опфатени со него, туку дека со овие одредби всушност се врши нивна идентификација, односно определување на нивниот статус како лица кои не можат да ги користат правата по основ на личен инвалидитет како и членовите на домаќинството на овие лица.

Во овој контекст, Судот ја имаше предвид одредбата од членот 36 од Уставот според која Републиката им гарантира посебни социјални права на борците во Антифашистичката војна и од сите народноослободителни војни во Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција.

Притоа, ставот 2 на овој член од Уставот упатува овие посебни права да се уредат со закон.

Според Судот, законодавецот при донесувањето на оспорениот закон, раководен од оваа уставна одредба, предвидел правата по основ на личен инвалидитет да ги немаат лицата осудени со правосилна судска пресуда поради учествување од страната на окупаторот или на неговите помагачи во времето на Народноослободителното движење во Егејскиот дел на Македонија, поради што оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на оспорените одредби од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци.

Што се однесува до прашањето за согласноста, односно несогласноста на оспорениот закон со Кривичниот законик на Република Македонија, Судот, имајќи го предвид членот 110 од Уставот на Република Македонија, оцени дека не е надлежен за оценување на меѓусебната согласност на законите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите: Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.87/2001
12 декември 2001 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов