У.бр.209/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 108 став 1 точка 2 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/93,3/94,14/95, 53/97, 59/97, 21/98, 25/2000, 34/2000, 3/2001 и 50/2001), во делот “или на друг орган”.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на делот од одредбата на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 4 (односно со поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска), член 13 став 1 (утврдувањето на вината само со правосилна судска одлука, а пред тоа презумпција на невиност) и со член 98 ставовите 1 и 2 од Уставот (односно само судовите ја вршат судската власт и тоа врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ….), со оглед дека забрана за некое лице да врши определени работи и задачи можело да изрече единствено суд, а не и друг орган.

3. Судот на седницата утврди дека законската одредба предвидува дека “работниот однос по сила на закон престанува ако според одредбите на Законот, односно според правосилна одлука на суд или на друг орган, му е забрането да врши определени работи и задачи, а не може да му се обезбеди вршење на други работи и задачи – со денот на донесувањето на правосилната одлука”.

4. Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека со закон може да се уредуваат правата на вработените, а во тие рамки и престанокот на работниот однос. Во тој склоп, законот може да предвиди и престанок на овој однос во ситуација кога на вработениот не може да му се обезбеди вршење на други работи и задачи, а постојните работи и задачи лицето не смее да ги врши врз основа на правосилна одлука од надлежен државен орган. Притоа, кои се работи и задачи едно лице не смее да врши, поблиску е определено во материјалните закони од соодветните области, а, пак, државните органи се овластени да ги утврдуваат тие факти, што е во функција на спроведување на таквите законски одредби (член 96 од Уставот).

Имајќи ја предвид изнесената уставна и законска поставеност на работите, Судот оцени дека е можен престанок на работниот однос и во ситуација која се оспорува, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.209/2001
12 декември 2001 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов