У.бр.91/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 декември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 12 став 2 и 3 од Правилникот за вршење на работите на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/98).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение Уа.бр.91/2001 од 24 октомври и 7 ноември 2001 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на членот 12 став 2 и 3 од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за согласноста на наведените одредби од Правилникот со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во член 12 став 1 од Правилникот е предвидено дека повикување на граѓани се врши заради барање потребни известувања во врска со сторено кривично дело или заради собирање известувања што би можеле да бидат од корист за успешно водење на кривичната постапка.

Според оспорениот став 2 на овој член, повиканото лице на јазик што го разбира ќе се извести за причините за повикувањето и ќе се поучи за неговите права: правото да молчи, да се советува со адвокат, да има бранител по негов избор за време на давањето на известувањето. Лицето кое е повикано не може да биде сослушувано во својство на обвинет, сведок или вештак, освен ако јавниот обвинител не побара од Министерството да преземе одделни истражни дејствија во кој случај за преземените истражни дејствија од Министерството се составува записник и истиот се доставува до јавниот обвинител.

Согласно оспорениот став 3 на овој член, лицето може присилно да се доведе само со судска одлука и само тогаш кога очигледно одбегнува да се јави на уредно доставена покана во која било предупредено на можноста од присилно доведување и тогаш кога своето недоаѓање нема да го оправда.

5. Според член 12 став 1 од Уставот слободата на човекот е неприкосновена, а согласно став 2 на овој член никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на суд и во случаи и во постапка утврдени со закон.

Согласно став 3 на овој член од Уставот од лицето што е повикано, помеѓу другото, не може да се бара изјава во било кое својство.

Во член 142 од Законот за кривична постапка се уредуваат условите под кои Министерството за внатрешни работи може да презема дејствија во преткривичната постапка. Во став 3 на овој член е предвидено дека лицето може присилно да се доведе само со судска одлука и само тогаш кога очигледно одбегнува да се јави на уредно доставена покана во која било предупредено на можноста од присилно доведување и тогаш кога своето недоаѓање нема да го оправда.

Поаѓајќи од означените уставни и законски одредби Судот оцени дека со член 12 став 2 и 3 од Правилникот се уредуваат прашања што се однесуваат на условите за ограничување на слободата и положбата на повиканите лица, што се уредуваат или со Уставот или со Уставот и со закон, но не и со подзаконски пропис. Член 12 став 2 од Правилникот предвидува исклучок од забраната за барање изјава од повикано лице и тоа врз основа на барање на Јавниот обвнител, а не врз основа на судски акт во истражна постапка. Исто така, со член 12 став 3 од Правилникот се уредуваат услови за ограничување на слободата на граѓаните, што согласно Уставот, може да биде предмет на уредување само со закон. Притоа, Судот го имаше предвид фактот што член 12 став 3 од Правилникот е идентичен со член 142 став 3 од Законот за кривичната постапка, но тоа не е причина за релативизирање на уставните одредби. Поради тоа, Судот оцени дека член 12 став 2 и 3 од Правилникот не е во согласност со член 12 став 2 и 3 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски

У.бр.91/2001
19 декември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов