Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 ноември 2001 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Законот за јавно информирање (“Службен весник на СРМ” 6р.20/74).
2. Оваа одлука произведува правно дејство по денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива на Панче Докузов од Штип, со Решение У.бр . 134/2000 од 19 септември 2001 година, поведе постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 на оваа одлука затоа што пред Судот се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот закон основна цел на јавното информирање во Социјалистичка Република Македонија е афирмирањето, јакнењето на социјалистичките самоуправни односи и непосредната социјалистичка демократија, рамноправноста, солидарноста и братството и единството на југословенските народи и народности, како и меѓународната соработка врз начелата на мирољубивоста и творечката коегзистенција.
Според член 2 од Законот, со овој закон се утврдува начинот за остварување на уставните начела на јавното информирање, правата и должностите и меѓусебните односи на субјектите во системот на јавно информирање, условите и начинот на остварување на правото на информирање, положбата на средствата за информирање во системот на самоуправни социјалистички општествени односи и други односи во областа на информирањето.
Членот 4 од Законот предвидува дека заради остварување на самоуправните и други демократски права на работните луѓе и граѓаните им се гарантира слобода на информирањето и право на објективно, навремено, вистинито ипотполно информирање за настаните и појавите во сите области на животот во Социјалистичка Република Македонија, во Социјалистичка Федеративна Република Југославија и во светот, а според член 5 од Законот, средствата за јавно информирање се должни објективно, вистинито и навремено да ја известуваат јавноста, да им даваат на работните луѓе и граѓаните информации за сите прашања од значење за остварување на нивните самоуправни права.
Во член 6 од Законот е утврдено дека јавното информирање е дејност од посебен општествен интерес, а според ставот 2 на овој член, кај организациите на здружен труд и кај другите организации што се занимаваат со јавно информирање, во управувањето со работите што се во врска со јавното информирање учествуваат и претставници на општествената заедница во согласност со овој закон.
Во членот 7 од Законот е уредено прашањето за правото на јавен одговор, а во овој контекст е за одбележување дека со општ самоуправен акт на организацијата на која и е упатено барање за јавен одговор, се определуваат поблиските услови под кои се објавува јавниот одговор.
Во членот 8 е утврдено дека јавното информирање во Социјалистичка Република Македонија е составен дел на единствениот систем на јавно информирање во Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Во овој член е предвидена обврска Републиката да се грижи за остварување на слободата на информациите и на правото на информирање на работните луѓе и граѓаните и на правните лица, како и дека Републиката создава услови за остварување на принципите за слободна меѓународна размена на информации.
Во членот 9 е утврдена обврска Републиката да се грижи, да го поттикнува и да го помага информирањето на македонците во странство и да се грижи за информирањето на граѓаните од СР Македонија што се на привремена работа во странство, а во членот 10 е утврдена обврска општините и Републиката да се грижат за развојот на општествените средства за јавно информирање на јазиците на народносите и на етничките групи.
Оспорениот закон ги дефинира информациите во смисла на овој закон, ги уредува односите, правата и должностите на органите на општествено-политичките заедници и основачите спрема организациите што се занимаваат со објавување и ширење на информации, ги уредува правата на граѓаните, организациите на здружениот труд, општествено-политичките организации идруги организации и здруженија на граѓани, општините, Републиката да бараат во средствата за јавно информирање да се објават нивни информации, го уредува прашањето за начинот на давање на информации, достапноста до изворите на информации, пропишува обврски за новинарите и другите лица што се занимаваат со информирање, меѓудругото, да придонесуваат за остварувањето на самоуправувањето и на човековите права и слободи, да придонесуваат за јакнењето на развивањето на социјалистичките самоуправни односи, јакнењето на рамноправноста, братството и единството на народите и народностите во СР Македонија и во СФРЈ, како и да придонесуваат за независноста и афирмирањето и јакнењето на независноста и неврзаната политика на нашата земја, прашањето за ускратување на давање инфромации и ги утврдува случаите кога не е дозволено објавување и шриење информации (Глава прва – Основни одредби од член 11 до член 22 од Законот).
Во глава втора на Законот со наслов “Печат” е дефинирано што се подразбира како печат во смисла на овој закон (член 23), издавањето и растурањето на печатот ( член 24 до член 30), што се подразбира под новинска дејност (издавањето, уредувањето, умножувањето и растурање на весниците – член 31), основачите на новинските организации (член 34), содржината на основачкиот акт (член 36), односите помеѓу новинската организација и организациите на здружен труд што се занимваат со новинска дејност – дека на самоуправната спогодба за здружување и на статутот дава согласност собранието на општината по претходно мислење на основачот, односно основачот (член 37, 38 и 39).
Понатаму, со одредбите на членовите 40, 41, 42 е уредено прашањето за формирањето и составот на издавачкиот совет, а во членот 43 се определени надлежностите на издавачкиот совет.
Според членот 44 од Законот работата на издавачкиот совет е јавна, а советот за својата работа одговара пред јавноста, пред основачот и пред новинската организација, односно издавачот на весникот.
Член 45 од Законот го уредува прашањето за одговорноста на директорот на новинската организација (е одговорен пред основачот и пред новинската организација за остварување на целите и задачите на новинската организација, програмската концепција и развојната политика утврдена со основачкиот акт, со самоуправната спогодба и со другите самоуправни општи акти, како и дека со статутот на организацијата поблиску се одредуваат правата и должностите на директорот).
Членовите 46 и 47 од Законот го уредуваат прашањето на главниот и одговорниот уредник, а членот 48 од Законот именувањето на директорот (го именува основачот по претходно мислење на органот на управувањето на новинската организација, а главниот и одговорен уредник по предходно мислење на редакцијата на весникот). Со овој член се утврдени и условите за именување на директорот и главниот одговорен уредник, меѓу другото, лицето да има југословенско државјанство, кое е идејно и политички определено за социјалистички општествени односи, за рамноправност на народите и народностите на Југославија, за независноста и неврзаната политика на Југославија.
Членовите 51, 52 и 53 ги определуваат условите кога група граѓани (најмалку 10) можат да издаваат весник и дека граѓаните што издаваат весник имаат обврска, најмалку еднаш во текот на годината да му поднесат извешатј за реализацијата на програмската коцнепција на весникот што го издаваат на собранието на општината на чие подрачје се наоѓа седиштето на редакцијата, како и го уредува прашањето за нивната солидарна одговорност за обврските што настануваат од дејноста во врска со издавањето на весникот.
Во поднасловот на Законот “Регистар на весниците”, во одредбите од член 54 до 64, се уредени прашања во врска со обврската на субјектите што имаат намера да издаваат весник, на Републичкиот секретаријат за информации, најдоцна во рок од 15 дена пред почетокот на издавање на весникот да му поднесат барање за запишување во регистарот, обврските на секретаријатот во врска со запишувањето, прашањето во врска со промените на издавачот на весникот, како и за пријавување на овој секретаријат, престанокот на весникот и продажбата на весниците.
Со одредбата на член 63, поместена во овој поднаслов од Законот, е предвидено дека финансиското и материјалното работење на новинската организација, односно на издавачот на весникот подлежат на контрола на јавноста и обврска новинската организација , односно издавачот на весникот еднаш годишно да ги објавува податоците за изворите на финансирање на весникот, висината на дотацијата, уделот на доходот од огласи во вкупниот приход, годишниот тираж и други податоци во врска со издавањето на весникот, а кои се значајни за јавноста.
Во поднасловот на Законот “Исправка” одредбите од член 65 до 82, се уредени правата на работните луѓе и граѓаните, организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, општествено-политичките и други организации и заедници, здруженијата на граѓани, органите на општините и Републиката, од главниот и одговорен уредник на весникот да бараат да ја објави нивната исправка за ифнормацијата, ако со објавената информација се нанесува повреда на нивната чест, углед, права или интерес и ако се изнесуваат невистинити факти, обврските на главниот и одговорен уредник во врска со барањето за исправка како и правото на судска заштита во врска со барањето за објавување на исправката.
Судот утврди дека одредбите на Главата од Законот за “Радиодифузија ” престанаа да важат со денот на влегување во сила на Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на РМ” бр.29/97). Главата четврта од Законот се однесува на филмот односно на филмските новости и другите филмови што содржат информации за одделен настан, личност, предел, предмет, појава или дејност, на главниот и одговорниот уредник на филмските новости и правото на исправка за информациите објавени по пат на филмски новисти и други вилмови.
Според член 94 од Законот одредбите за печатот од овој закон соодветно се применуваат и на филмските организации на здружениот труд.
Главата петта од Законот ги уредува прашањата за злоупотреба на информирањето. При тоа, како злоупотреба на информирањето се дефинира објавувањето на информации со кои им се нанесува штета на честа, на угледот или правата на граѓаните или на општествената заедница и таквата злоупотреба повлекува одговорност.
Главата шеста од Законот се однесува на казнените одредби и се определени прекршоците за кои се изрекува казна.
5. Според член 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на јавното изразување на мислата, а според ставот 2, се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Според ставот 3 на овој член, се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации, а според ставот 4, се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.
Во ставот 5 на овој член е гарантирано правото на исправка во средствата за јавно информирање, а во ставот 6 се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. И според ставот 7 на членот 16 цензурата е забранета.
Според член 54 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот .
Според ставот 2 на овој член слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот, а во ставот 4 на овој член е предвидено дека ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Од наведените уставни одредби, како и темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија и другите одредби од Уставот за слободите и правата во чија основа е човекот и граѓанинот со својата слобода и граѓански суверенитет произлегува дека Уставот слободите и правата на граѓанинот ги дефинира прецизно. Нивното ограничување е исто така прецизно утврдено со Уставот и не е допуштено нивно ограничување со закон.
Во тој контекст јавното информирање, слободниот пристап кон ифнормациите, слободата на примање и пренесување на инфрмации, правото на одговор во средствата за јавно информирање, правото на исправка во средствата за јавно информирање, правото на заштита на изворите на информацијата во средствата за информирање, уставната забрана на цензура, како и слободното основање на институции за јавно информирање, не само што се основни човекови слободи и права туку и услов за остварување на сите други слободи и права на човекот како свесно човеково битие и како носител на општествено-политичките активности, право на човекот да биде известен за настаните во земјата и светот како и право да основа институции за јавно ифнормирање кои ќе бидат во функција на развојот на слободата на печатот и другите средства за општење.
Ваквото уставно уредување несомнено укажува на значењето на оваа дејност во општеството, односно државата заради нејзините широки можности за влијание врз јавното мислење и тековите на општествениот развиток и политичките активности во земјата, како и на политичката определба за полна слобода на дејствување и организирање.
Согласно наведените уставни одредби слободата на јавното информирање се реализира преку слободниот пристап кон информациите и слободата на примање и пренесување на инсрормации од што произлегува дека не постои дозирање на информации преку давање, добивање или овозможување непосредно прибирање на информации, што значи дека Уставот гарантира неограничена достапност на информации што се остварува преку пренесувањето на информациите и нивната општа достапност до јавноста за да граѓанинот биде во тек со настаните.
Со уставната гаранција за слободно основање на институции за јавно информирање Уставот овозможува конкурентност и во јавното информирање што е од особено значење во плуралното општество – во услови кога политички партии издаваат свои весници и на независни весници и списанија кои не се партиски. Оваа конкуретност во печатените и другите видови на информирање (радиото и телевизијата) создава објективна можност за разновидни и спротивставени мислења што е од значење за формирање на јавното мислење и неговото влијание како на власта, така и на политичките субјекти, како и за определување на граѓаните при одлучувањето.
Од битно значење за остварување на слободата на јавното информирање е и уставната гаранција за забрана на цензурата, што по својата содржина значи дека ниедна информација, напис или вест, како ни целина на весник или било кое пишано издание или програма на радио или телевизијата не подлежат на претходен преглед или одобрување. Тоа е право на редакциите и одговорните уредници но и нивна одговорност, а рамката на слободата на печатот и на другите средства за информирање е уставниот поредок и неговата заштита.
Имено, ова не треба да се свати како апсолутна слобода без ограничување со интересот, безбедноста на државата, остварување на слободите и правата на другите и почитување на личниот и моралниот интегритет на човекот. Исто така, од големо значење е уставната гаранција граѓаните преку средствата за печат и другите средства за јавно информирање да ги изразуваат нивните мислења, гаранцијата на правото на одговор и на исправка во средствата за јавно информирање.Во контекст на кажаното треба да се има предвид и човековото право на слободно творештво утврдено во член 47 од Уставот кое всушност се потпира на правото на слобода на мислата и нејзиното јавно изразување.Од означените одредби од оспорениот закон, како и од анализата на Законот во целина, а тргнувајќи од уставните гаранции за слободата на јавното информирање и правото на граѓаните на информирање, како имајќи го предвид фактот дека оспорениот закон е донесен во услови на федедеративно уредена заедница, самоуправувањето како основа на тие општествени односи, концептот на здружен труд и други вредности на социјалистичкото самоуправно општество, што е спротивно на уставниот поредок на Републиката и дека информирањето се темели на сосема нови вредности и принципи ослободени одсекакви идеолошки премиси, Судот оцени дека оспорениот закон содржи суштински и терминолшки неусогласености со Уставот.
Така, основните одредби од оспорениот закон покрај терминолошката неусогласеност го има за цел јавното информирање на Социјалистичка Република Македонија, јакнењето и развивањето на социјалистичките самоуправни односи и тоа како единствен систем на јавното информирање на Социјалистичка Република Југославија.Според мислењето на Судот не е спорно дека со закон може да се пропишат услови за основање и работа на институциите за јавно информирање, но и при тоа треба дословно да се почитува принципот на еднаквост, односно секој под еднакви услови да може да основа вакви институции. Во таа смисла одредбите од Законот не се конзистентни со одредбите од Законот за трговските друштва, односно доколку се основаат како јавни претпријатија и со Законот за јавни претпријатија. Во овој контекст и односите помеѓу основачот на новинската организација и новинската организација, издавачкиот совет, главниот и одговорениот уредник и други прашања уредени со оспорениот закон се ограничување на слободата на информирањето и независното новинарство.
Во врска со основањето на новинските организации односно за нивното запишување во посебен регистар, при Секретаријатот за информации Судот смета дека таквиот начин на запишување не конзистира со единствениот судски регистар на т рговските друштва и јавните претпријатија.
Понатаму, слободите и правата на човекот и граѓанинот во оваа сфера бара обезбедување услови за независно плуралистичко новинарство но и одговорно новинарство кое ќе ги информира граѓаните за работата на државните органи и другите субјекти, а со цел градење нивно сопствено мислење за определена појава и општествени односи, да овозможи на граѓаните јавно да го изразуваат своето мислење, да ги подведува властите на критичко испитување.
Поради тоа Судот смета дека новинарската работа треба да се заснова на професионален новинарски кодекс за навремено и точно информирање, да не се навлегува во приватноста (животот и семејството), клеветење, поттикнување омраза, насилство. При тоа, е нужно да се почитуваат и европските стандарди и меѓународните договори за слободата на информирањето. Исто така, Судот смета дека Законот не ги задоволува уставните вредности за забрана на цензурата иправото на исправка како и не содржи иструментариум против невистинито, особено злонамерно информирање што го гарантира Уставот.
Со оглед на тоа што Законот во целина уредува односи во сферата на информирањето во друг општествен поредок Судот оцени дека, покрај институционалната и терминолошката неусогласеност со Уставот, постои и суштинска неусогласенот, односно не ги обезбедува уставните вредности за слободата на инфромирањето и правата и слободите на човекот за јавно информирање и слободното основање на институции за јавно информирање, поради што одлучи како во точката 1 на оваа одлука.
При одлучувањето Судот ги имаше предвид и меѓународните документи. Имено, слободното изразување на мислата е предмет на уредување на повеќе меѓународни документи. Така, според членот 19 од Универзалната декларација за човековите права, секој има право на слобода на мислење и изразување. Ова право ја вклучува и слободата да се застапува одредено мислење без никакво вмешување и да се бараат, да се примаат и да се даваат информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите.
Членот 19 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права предвидува дека никој не може да биде вознемируван поради своите мислења, а според ставот 2 на овој член секој има право на слобода на изразувањето. Ова право без оглед на границите, ја подразбира слободата на изнаоѓање, примање и ширење на информации и идеи од сите видови во усна, писмена, печатена или уметничка форма или на кој да е начин по слободен избор.
Членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права предвидува дека секој човек има право на слобода на изразувањето.
Ова право ги опфаќа слободата на мислење и пренесување на информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите.
Остварувањето на овие слободи, кое што вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштита на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречуванње на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судењето.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.134/2000
7 ноември 2001 година
Скопје