Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Македонија, член 56 и член 70 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 ноември 2001 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето на Илија Илиевски за “заштита на неговите слободи на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и на забраната на дискриминација по основ на национална и политичка припадност”, кои биле повредени со дејствата на дневниот весник “Дневник” – необјавување огласи во август, септември и октомври 2001 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Илија Илиевски од Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на неговите слободи и права наведени во точката 1 од оваа одлука, затоа што во повеќе наврати тие му биле повредени од страна на дневниот весник “Дневник” од Скопје на тој начин што Весникот не објавил делови од неговите огласи или цели огласи за продажба на три брошури, со што таквите дејства не биле во согласност со членовите 16 и 9 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека весникот “Дневник”, кој е издание на Трговското друштво “Круг”-ДОО од Скопје, најнапред ги објавуваше огласите на подносителот на барањето: “Продавам брошури Борис Трајковски како јас го видов главните негативности на Македонија единствен дефинитивен излез”; “Продавам брошури Светско движење на малите луѓе единствен спас од злата кои го надвиснале човештвото”, и “Продавам брошури Виновни за трагедијата на народот во Бугарија и Македонија во книжарница наспроти куклен театар Софија”.
Понатаму, Судот утврди дека делови од наведените огласи или цели огласи не се објавуваа во наведениот весник: (на пример, на 21 август 2001 година, во првиот оглас наместо “Македонија” е објавено само “М”; или, на пример, на 2 октомври 2001 година, во третиот оглас не е објавен делот “во книжарница наспроти куклен театар Софија”).
5.1. Според член 16 став 1 од Уставот, “се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.”
Според член 20 став 1 од Уставот, “на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.” Притоа, според член 20 став 3 од Уставот, “програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост”.
Според член 9 став 1 од Уставот “граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба”.
Оттука, произлегува дека во идејната сфера – на личен и општествен план, граѓанинот е слободен до степен на незагрозување на наведените три вредности од член 20 став 3 на Уставот, и во тоа сите граѓани се еднакви независно и од национална и политичка припадност.
5.2. Од друга страна, според член 55 став 1 од Уставот, “се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото”. Притоа, според член 55 став 3 од Уставот” слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или здравјето на луѓето.”
Оттука произлегува дека, во материјалната сфера, стопанскиот субјект е слободен до оној степен до кога не ги загрозува државата, природниот амбиент и здравјето на луѓето.
5.3. Имајќи ги предвид двата корпуса на слободи и права, Судот оцени дека е работа на слободен избор на стопанскиот субјект како ќе постапи во секоја конкретна ситуација која влегува во рамките на слободите на пазарот и на претприемништвото и дека за такви ситуации не може да постои обврска за стопанскиот субјект да мора да ги објавува идеите на граѓаните од личен и општествен план.
Во таа смисла, оспорените дејства од конкретниот случај – необјавување на делови од огласи или цели огласи за продажба на брошури, чија содржина е израз на лично уверување, совест, мисла ….. за општествената стварност, не може да се смета за повреда на идејните, лични и политички, слободи и за дискриминација по основ на национална и политичка припадност на граѓанинот. Уште повеќе не може тоа да се смета во ситуација кога на граѓанинот и му се објавувани огласите во целост.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.168/2001
7 ноември 2001 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов