У.бр.144/2000-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 октомври 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на Одлуката за определување на висината на надоместокот за добивање на телефонски приклучок, донесена од Управниот одбор на АД “Македонски телекомуникации” од 23 септември 1998 година.

2. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.144/2000 од 27 јуни 2001 година поведе постапка за оценување уставноста на одлуката означена во точката 1 на ова решение, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност на членовите 8, 30, 33 и 55 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека на 31 октомври 2000 година Управниот одбор на АД “Македонски телекомуникациии” донел Одлука за намалување на висината на надоместокот за добивање на телефонски приклучок, а на 13 јули 2001 година Извршниот директор на АД “Македонски телекомуникации” донел Одлука за определување на висината на надоместокот за добивање на телефонски приклучок, со што оспорената одлука престанала да важи.

Со оглед на тоа што оспорената одлука престанала да важи, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за понатамошно водење на постапката и одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков. д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.144/2000
24 октомври 2001год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов