144/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 октомври 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/01).

2. Друштвото за игри на среќа “Промет-Тутун” д.о.е.л. од Скопје и “Универзал-А д.о.е.л.” од Кратово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорениот закон се менувала положбата на пазарот на субјектите кои веќе претходно добиле лиценци за приредување на игри на среќа и со зголемените обврски се влошувала положбата на постојните приредувачи на тие игри. Всушност, со овој закон се намалувале нивните права стекнати врз основа на вложениот капитал, што не било во согласност со член 59 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот закон се вршат бројни изменувања и дополнувања на основниот текст на Законот кои се во функција на допрецизирање и целосно уредување на дејноста при приредување на игри на среќа и забавни игри. Имено, од вкупно 104 членови на основниот текст на Законот, со оспорениот закон се вршат интервенции во 60 членови, целосно се изменети 12 члена и се додадени нови 28 членови, кои се однесуваат, пред се на уредување на прашањата за интерактивни игри на среќа и обложување на спортски натпревари.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со член 55 став 2 од Уставот се уредува дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Според член 59 став 1 од Уставот, на странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивката, а според став 2 на овој член од Уставот, правата стекнати врз основа на вложениот капитал не може да се намалуваат со закон или со друг пропис.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот закон и причините за неговото оспорување наведени од подносителите на иницијативите, според мислењето на Судот, одредбите на оспорениот закон не можат да се стават во корелација со член 59 од Уставот. Имено, оваа одредба од Уставот ги гарантира правата на странските вложувачи, при што утврдува дека правата стекнати врз основа на вложениот капитал на странскиот вложувач не може да се намалуваат со закон или со друг пропис. Очигледно дека оваа уставна одредба се однесува на странските, а не и на домашните правни лица и таа не може да биде потпора на барањето на подносителите на иницијативите за оценување на уставноста на оспорениот закон од аспект на причините за нивното оспорување.

Понатаму, со допрецизирањето и поцелосното уредување на дејноста при приредување на игри на среќа и забавни игри, вклучувајќи и промена на одделни услови, како и востановување на потполно нови игри на среќа, што се врши со оспорениот закон, според мислењето на Судот, не значи нарушување на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, туку, напротив со тоа се избегнува монополската положба на лицата кои веќе еднаш добиле лиценца, односно одобрение за приредување на игри на среќа, што е во согласност со член 55 став 2 од Уставот. Од друга страна, доколку во примената на Законот, на одделен приредувач на игри на среќа му е причинета штета со тоа што се издадени повеќе лиценци, е прашање на конкретен облигационен однос кој произлегува од конкретно издадена лиценца, која може да се откаже и во соодветна постапка да се бара надомест на евентуалната штета.

Во однос на зголемените давачки што произлегувале од оспорениот закон, Уставниот суд постапувајќи по предметот У.бр.53/01 со Одлука од 12 септември 2001 година, објавена во “Службен весник на РМ” бр.74/01), го укина член 79 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, бидејќи оцени дека во услови на постоење на обврската од член 79-а од Законот, за плаќање на посебна давачка во висина од 15% и дека тоа претставува данок, тогаш приредувачите на посебните игри на среќа не можат по ист основ двојно да се оданочуваат.

Тргнувајќи од напред наведеното, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот закон и причините за оспорување наведени во предметните иницијативи, според мислењето на Судот, одредбите на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, се во рамките на уставните ингеренции на Републиката со закон да ги уреди тие прашања, и земено во целина тие се во согласност со уставните принципи, поради што пред Судот не се постави прашањето за нивната согласност со напред наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.110/2001
У.бр.144/2001
3 октомври 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов