103/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 октомври 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Упатството за пополнување Пријава-Одјава за здравствено осигурување образец 30-бр.1, пропишано од Фондот за здравствено осигурување.

2. Ристевски Александар од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Упатството означено во точката 1 од ова решение затоа што под точката 8, меѓу националностите, односно народностите кои можеле да се напишат во редот “народност” при пополнување на образецот за пријава и одјава за здравствено осигурување, биле наведени и “македонец муслиман” и “муслиман”, што според подносителот на иницијативата не било во согласност со Уставот, со оглед дека прво, овие националности не биле предвидени во Уставот и второ, што на овој начин се воведувале народности, односно националности кои воопшто и не постојат бидејќи со овие термини се означувала верската, а не националната припадност.

3. Судот на седницата утврди дека во конкретниот случај се оспорува Образец на пријава и одјава за здравствено осигурување пропишан од Фондот за здравствено осигурување кој содржи неколку рубрики кои се пополнуваат при пријавување на лицата-осигуреници или нивно одјавување. На позадината на овој образец е дадено упатство како треба да се пополни секоја од наведените рубрики, меѓу кои и рубриката “народност”, во кој дел и се оспорува ова Упатство.

На почетокот на Упатството наведено е дека образецот истовремено е и барање за издавање на здравствена легитимација, врз основа на која пак, согласно Законот за здравственото осигурување се докажува својството на осигуреник и се остваруваат правата од задолжителното здравствено осигурување утврдени со овој закон.

Инаку, и во наведениот закон, во член 25 утврдено е дека својството на осигуреник и осигурено лице се утврдува врз основа на пријава за здравствено осигурување која задолжително ја поднесува обврзникот за уплата на придонесот до фондот за здравствено осигурување, а додека во член 3 од Правилникот за формата и содржината на здравствената легитимација и за начинот на нејзиното издавање, кој е донесен согласно овластувањето содржано во член 27 од Законот, утврдено е дека здравствената легитимација ја издава фондот врз основа на пријавата за осигурување на осигуреникот на образец Пријава-Одјава за здравствено осигурување (30-1), при што неговата содржина не е пропишана со Правилникот, ниту се утврдува дека образецот е составен дел на овој правилник, ниту пак е објавен во “Службен весник на РМ”.

4. Бидејќи оспорениот образец беше приложен со иницијативата, а при ситуација кога тој не е објавен во “Службен весник на РМ”, Судот во претходната постапка утврди дека во меѓувреме е пропишан и се употребува нов Образец Пријава-Одјава (30-1) за задолжително здравствено осигурување, кој за разлика од оспорениот образец, не само што не ја содржи рубриката “народност”, но и нема упатство за негово пополнување.

5. Во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, предвидено е дека Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат и други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед дека во конкретниот случај Судот утврди дека наместо оспорениот образец, чиј составен дел е и Упатството за негово пополнување, во употреба е нов образец, согласно наведениот член од Деловникот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.103/2001
3 октомври 2001 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов