80/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 септември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 26 став 2 и член 27 став 2 од Уредбата за критериумите за засолнување на населението (“Службен весник на Република Македонија” бр. 81/92 и 12/98) и Правилникот за начинот на определување и промена на цената на закупнината за објектите за засолнување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 69/93).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У. бр. 80/2001 од 11 јули 2001 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Уредбата како и Правилникот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот, со Законот за одбрана и Законот за организација и работа на органите на државната управа.

4. Судот на седницата утврди дека Уредбата за критериумите за засолнување на населението е донесена од Владата на Република Македонија врз основа на член 16 став 1 од Законот за одбрана, кој престана да важи, според кој во остварувањето на одбраната Владата има надлежност да ги определи критериумите за засолнување на населението.

Според член 26 став 2, сопствениците на објектите за засолнување заради двонаменско користење можат да ги издаваат под закуп од 10 година на начин и постапка што ќе ја пропише Министерството за одбрана.

Според член 27 став 2, висината на закупнината се определува во зависност од пазарните услови, карактеристиките на објектот за засолнувањето, положбата во урбаната структура и мирновременската намена, според Методологоијата за опреде-лување на цената и начинот за промена на цената на закупнината, што ќе ја пропише министерот за одбрана.

Врз основа на членот 27 став 2 од Уредбата, министерот за одбрана го донесол Правилникот за начинот на определување и промена на цената на закупнината за објектите за засолнување.

5. Владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија определени со членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Владата на Република Македонија, согласно член 91 став 1 алинеја 5 од Уставот, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 111 став 5 од Законот за одбрана, кој е во делот што се однесува на цивилната заштита, поблиски прописи за начинот на изградба, одржување и користење на засолништата и други објекти донесува Владата.

Согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа, во делот што се однесува на актите на државната управа, попрецизно според член 55 став 1, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи кога за тоа е овластен со закон.

Врз основа на изнесеното произлегува дека со закон е овластена Владата да донесува поблиски прописи за начинот на изградба, одржување и користење на засолништата и други заштитни објекти, додека вакво законско овластување нема за министерот за одбрана.

Оттука Судот оцени дека членот 26 став 2 и членот 27 став 2 од Уредбата не се во согласност со наведените уставни и законски одредби поради тоа што упатуваат дека Министерството односно министерот за одбрана со подзаконски акт го определуваат начинот и постапката за издавање под закуп на објектите за засолнување и за определување и промена на цената на закупнината, како и Правилникот во целина поради тоа што е донесен врз основа на членот 27 став 2 од Уредбата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 80/2001
12 септември 2001 година
Скопје
сгј

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов