18/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 18 јули 2001 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за висината на надоместокот на членовите на Советот, комисиите, одборите и другите работни тела кои извршуваат работи за Советот на Општината Долнени, бр. 07-289/4, донесена од Советот на Општината Долнени на 26 декември 2000 година (“Службен гласник на Општина Долнени” бр 5/2000).

2. Оваа Одлука произведува правно дејство со денот на нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Мунир Колашинац од село Лажани-Општина Долнени кај Прилеп, со Решение У. бр. 18/2001 год. од 6 јуни 2001 година поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 32 став 4 од Законот за локалната самоуправа.

4. Советот на Општината Долнени, како доносител на оспорената Одлука, не достави одговор на наводите содржани во решението за поведување постапка.

5. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се определува членовите на Советот, како и членовите на комисиите, одборите и другите работни тела на Советот, да имаат право на надоместок за учество на седници на Советот во неговата работа (член 1), при што надоместокот изнесува 1.500,00 ден., за учество на седница (член 2), 700,00 ден. за работа во комисија и 500,00 ден. за учество во склучување на бракови (член 3). Понатаму, Судот утврди дека таквата Одлука е донесена на седница (26 декември 2000 год.) на која присуствуваа 9 советници, но, меѓу кои, двајца членови на “Демократската партија на Турците” (Ајдароски и Арапоски) чиј избор е поништен на 27 октомври и на 1 декември 2000 година, што значи дека на седницата беа присутни 7 од вкупно 17 советници.

Според член 32 став 4 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/95 и 60/95) “советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број членови на советот”.

Со оглед дека при донесувањето на Одлуката на седницата на Советот немало присутно мнозинство од вкупниот број членови (7 од 17), Судот утврди дека не била обезбедена законитоста на постапката при донесувањето на Одлуката.

Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 18/2001
18 јули 2001 година
С к о п ј е
сгј

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов