125/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на членовите 8 и 19 од Правилникот за работа на Работна единица во Сојузна Република Германија на Градежното претпријатие “Гранит” АД Скопје донесен од Управниот одбор на 27 февруари 1997 година.

2. Часлав Станоевиќ адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на членовите 8 и 19 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што тие не биле во согласност со Законот за работните односи,
Законот за пензиското и инвалидското осигурување и колективните договори, од причини што при остварувањето на правото од работен однос работодавецот им утврдува различен статус на “работникот” и “административно-техничкиот кадар”.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 8 од Правилникот е предвидено дека работниците на работа во СРГ имаат право на здравствена заштита според прописите на нашата земја, како за наши државјани на работа во странство.

Придонесите за здравствено, инвалидско-пензиско осигурување и придонесот за деца се уплатуваат во нашата земја според наши прописи, а паѓаат на товар на работниците во СР Германија, а за техничко административен кадар на товар на работната единица.

Во оспорениот член 19 од Правилникот е предвидено дека пресметката на платата се врши според табеларниот преглед што е составен дел на овој Правилник и тоа за

работниците се врши во бруто износ во германски марки (ДЕМ) според германските прописи.

Од пресметаната бруто плата на работниците се одбиваат сите давачки според германските прописи и 15% за надомест на придонесите кои се плаќаат во земјата (инвалидско и пензиско осигурување, придонес за детски додаток и др.), со тоа што 10% се одбиваат во СРГ од девизниот дел, а 5% во земјата од денарскиот дел.

Согласно германските прописи и препораката во Стопанската комора на Македонија, на име трошоци за оспособување и школување на кадри за Германија на работниците им се одбива 15% од нето платата, а се задржува од денарскиот дел во земјата.

За административно-техничкиот кадар пресметката на платата се врши во нето износ, а давачките утврдени според германските прописи и доприноси во земјата паѓаат на товар на РЕ во Германија.

За административно – техничкиот кадар што со семеј-ството престојува во СРГ платата се исплатува 100% во девизи.

Исплатата на дел од платата на работниците и платата на административно-техничкиот кадар се врши во висина од 60% во ДЕМ во Германија, а останатиот дел во висина од 40% се исплатува во денари во земјата, а според средниот курс на ДЕМ од курсната листа на НБ Македонија од последниот ден во месецот за кој се однесува платата. За раководните работници платата и начинот на исплата ја определува Генералниот директор, со решението за распоредување во РЕ.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.

Со оглед на тоа што оспорениот правилник не претставува пропис во смисла на членовите 51, 52 и 110 од Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека тој е неподобен за уставно – судска оценка, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.125/2001
18 јули 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов