124/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 18 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 83, на член 84 став 1, 3, 4, 5 и 6 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр. 59/2000, 112/2000 и 34/2001).

2. Адвокат Маја Бариќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од Законот, вработените во органите на државната управа биле ставени во нееднаква положба во зависност од работниот стаж со тоа што, вработените кои имаат помалку од пет години работен стаж биле должни, во рок од три години, да полагаат преоден испит како услов да го задржат работното место во државната управа, што не било во согласност со член 8 ставовите 1 и 3 од Уставот, односно со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, со начелата на еднаквост утврдени во член 9 од Уставот и со членот 32 од Уставот.

Нееднаквоста на граѓаните вработени во државната управа особено била изразена во случаите кога лицата вработени во државната управа, а кои имале работен стаж до пет години целосно остварен во државната управа (со тоа и фактичко искуство на работа во делокруг на работи во органот на државната управа) биле во понеповолна положба од оние вработени, исто, во државната управа со работен стаж над пет години, но кој бил остварен надвор од државната управа. Во тој случај не била јасна потребата и неопходноста од полагање на преодниот испит, како проверка на знаењето на вработените кои имале поголем стаж остварен во државната управа, но помал од пет години за разлика вработените што имале над пет години работен стаж, но бил остварен надвор од државната управа.

Во иницијативата се истакнува и барање Судот, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 83 од Законот работниците кои засновале работен однос до денот на влегувањето во сила на овој закон согласно со Законот за органите на управата (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр. 40/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр. 63/94 и 63/98), продолжуваат да работат на работните места на кои се распоредени и продолжуваат да ја примаат платата која ја примале пред влегувањето во сила на овој закон сй до стекнувањето на статус државен службеник и до отпочнување на примената на системот на плати утврдени согласно овој закон.

Во член 84 од Законот е предвидено дека: (1) Работниците од член 83 на овој закон се должни во рок од три години од денот на донесувањето на актите од став 3 на овој член, да положат преоден испит за проверка на знаењето и се распоредуваат согласно со актот за организација и систематизација на работните места на органот во звање кое е соодветно на стекнатото звање; (2) Владата во рок од шест месеци од денот на отпочнувањето со работа на Агенцијата, по предлог на Агенцијата, со уредба ќе го утврди описот на звањата и соодветноста на постојаните звања со групите и звањата утврдени со овој закон; (3) Актите за подготвување и спроведување на преодниот испит од став (1) на овој член ќе ги подготви Агенцијата во рок од шест месеци од денот на отпочнување со работа на Агенцијата; (4) Агенцијата ќе го спроведе преодниот испит од став (1) на овој член според динамиката која ќе ја утврди со програма; (5) На работникот од став (1) на овој член кој ќе го положи преодниот испит, Агенцијата му издава потврда и (6) Лицата вработени во органите на државната управа и стручните служби во органите од член 3 на овој закон кои на денот на влегувањето во сила на овој закон имаат над пет години работен стаж, се распоредуваат на работни места согласно со актите за систематизација на работните места во звање кое е соодветно на стекнатото звање без да го положат испитот од став (1) на овој член.

4. Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законот се еднакви.

Според член 32 од Уставот секој има право на работа и слободен избор на вработување, а во ставот 2 на овој член е предвидено дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Оспорената одредба на членот 83 од Законот за државните службеници уредува преоден режим за правата и обврските на работниците кои засновале работен однос до денот на влегувањето во сила на овој закон, согласно со Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр. 40/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр. 63/94 и 63/98), односно дека продолжуваат да работат на работните места на кои се распоредени и продолжуваат да примаат плата, се до стекнувањето на статусот на државен службени и до отпочнувањето на примената на системот на плати утврден со овој закон. Оспорените одредби на членот 84 од овој закон ги утврдува условите и начинот под кои работниците ќе се распоредат согласно актот за систематизација на работните места на органот, односно пропишуваат критериуми според кои може да се признае нужен континуитет во вршењето на функциите на државниот службеник. Во таа смисла обврската работниците да положат преоден испит за проверка на знаењето и должината на работниот стаж се воспоставени како релевантни критериуми за вршење на определни работи, односно пропишуваат критериуми според кои може државниот службеник да обезбеди континуитет во вршењето на работите на државната управа под новиот режим или е потребно да ги потврди своите знаења и способности преку преоден стручен испит.

Оттука различната положба на државниот службеник во нивниот третман во преодниот режим на Законот заснована на објективизиран критериум како што е работниот стаж не може да биде основ за нееднаквост помеѓу државните службеници, туку како објективен критериум за реализација на преодниот режим и кој важи еднакво за сите.

Одредбите на ставовите (3), (4) и (5) на член 84 од Законот, кои исто така, се оспоруваат, ги уредуваат прашањата за начинот на подготвување и спроведување на преодниот испит не можат да се доведат во врска со правата на вработените од аспект на нивното оспорување.

Исто така, Судот смета дека не се во повластена положба лицата кои имаат над пет години работен стаж независно дали е во органот на управата или надвор од управата. Имено, диференцирањето на работниот стаж во државната управа и надвор од државната управа како услов за ослободување од полагање на преоден испит токму би бил основ за нееднаква положба на вработените.

Според мислењето на Судот не може да се постави прашањето за уставноста на оспорените одредби и од аспект на правото на работа, слободен избор на вработување на граѓаните и од аспект дека секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место. Како што е наведено, оспорените одредби уредуваат прашања од преоден режим и се однесуваат на веќе вработените во органите на државната управа, а вработувањето на лицата како државни службеници општите и посебните услови за вработување, преку кој се остваруваат овие уставни гаранции се предмет на уредување во посебна глава на Законот односно Главата XX вработување на државните службеници.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на член 83 и на одредбите од ставовите 1,3,4,5 и 6 на член 84 од Законот за државните службеници поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 124/2001
18 јули 2001 година
Скопје
сгј

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов