Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 јули 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Известувањето бр.08-4888/1 од 26.07.1999 година во врска со пресметувањето и исплатувањето на надоместокот за плата за време на привремена спреченост на работа, донесено од Министерот за здравство.
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение од причини што истиот не бил во согласност со членовите 34 и 39 од Уставот на Република Македонија и со Законот за здравствена заштита.
Имено, според подносителот на иницијативата, со дописот се определувало кога и под кои услови Фондот за здравствено осигурување ќе врши исплата на надоместокот на плата за време на привремена спреченост за работа поради бременост и породување и поради нега на дете, што служел како основ за донесување на поединечни решенија. Со оглед на тоа што оваа материја можела да се уредува само со закон и колективен договор, а не и со подзаконски акт, според иницијаторот оспорениот допис не бил во согласност со горенаведените одредби на Уставот на Република Македонија и Законот за здравствената заштита.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот допис упатен до подрачните служби на Фондот за здравствено осигурување, се повлекуваат од примена актите на Фондот за здравствено осигурување бр.1′-1108/1 од 20.02.1997 година и бр.10-9492/1 од 25.12.1997 година, со кои се толкувале повеќе одредби од Законот и Правилникот за начинот на остварувањето на правата и обврските од здравственото осигурување и се насочувала праксата во постапувањето по конкретни предмети. Имено, според овие акти (толкувања) доколку на работниците во организацијата не им се исплатувала плата, немало ниту основ на работниците, кои се на боледување од таа организација да им се исплатува надоместок на плата на име изгубена плата.
Во дописот понатаму се наведува дека таквото постапување на Фондот не било прифатено од Врховниот суд на Македонија според кој правото на паричен надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа не зависело од тоа дали за тоа време другите работници во организацијата примиле плата или не. Релевантно било да е уплатен придонесот за здравствено осигурување, поради што остварувањето на ова право не можело да се ограничува со непримањето на плата.
Врз основа на ова, во дописот се наведува дека правото на парични надоместоци осигурениците ќе можат да го остварат доколку ги исполнуваат условите од членот 17-а од Законот, а основицата ќе се утврдува во согласност со член 20 став 1 од Законот.
4. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Оттука, произлегува дека прашањата од сферата на социјалната сигурност и социјалното осигурување (меѓу кои сигурно спаѓа и правото на паричен надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда) може да се регулираат исклучиво со закон и со колективен договор . Уредувањето права од оваа сфера со подзаконски акти е исклучено.
До донесувањето на Законот за здравственото осигурување во 2000 година, ова право беше уредено со Законот за здравствената заштита од 1991 година, и тоа осигурениците – корисници на ова право, условите под кои овој надоместок може да се користи, како и основицата за негово пресметување.
Оспорениот акт на Министерот за здравство на Република Македонија датира од 1999 година, т.е. од времето на важењето на одредбите на Законот за здравствената заштита кои се однесувале на ова право на осигурениците.
Судот оцени дека од содржината на оспорениот допис произлегува дека истиот не уредува материја која навлегува во самото право на осигурениците на паричен надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа. Имено, дописот само ги известува подрачните служби на Фондот за судската пракса на Врховниот суд на Македонија во однос на условите под кои ова право може да се оствари, врз чија основа ги повлекува интерните акти на Фондот кои не кореспондираат со оваа пракса и со законските решенија, во тој правец. Понатаму, според мислењето на Судот, оспорениот акт само упатува на доследна примена на одредбите од Законот за здравствената заштита кои го уредуваат ова прашање. Со тоа истиот дава информација како да се постапува во конкретните случаи, при што воопшто не се востановуваат нови права и обврски, ниту се отстапува од она предвидено во Законот. Овој допис е од информативен карактер и не уредува права од социјалното осигурување.
Покрај тоа, дописот се упатува на Законот за здравствената заштита, т.е. одредбите кои се однесуваат на правото на паричен надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа. Со донесувањето на Законот за здравственото осигурување (“Службен весник на РМ” бр.25/00, 96/00) овие одредби престанаа да важат. Тоа значи дека оспорениот допис ја има изгубено темпоралната важност ипсо фацто.
Согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што оспорениот допис воопшто не го уредува правото на паричниот надоместок на плата, туку со истиот само се повлекуваат од примена интерни акти на Фондот со кои погрешно се толкувале законските одредби кои се однесуваат на ова право, од една страна, и поради фактот што дописот се однесува на одредби кои се надвор од правниот поредок, Судот оцени дека не се исполнети процесните претпоставки за одлучување.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.67/2001
11 јули 2001 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов