60/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 76 став 3 од Колективниот договор за здравствена дејност (“Службен весник на РМ” бр.4/92, 45/92, 81/93 и 1/95).

2. Трифко Неделков, адвокат од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на член 76 став 3 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со членовите 74 и 86 од Законот за работните односи затоа што со неа се предвидувале помали права од правата утврдени во овој закон. Имено, според подносителот на иницијативата работникот во здравствената дејност за продолжено работно време место да има зголемување на платата тој според оспорената одредба имал намалување (ако е на нехируршки гранки му се исплатувало само 80% од платата) или ја примал истата плата како за редовното работно време (100% ако е на хируршки гранки). Ваков став во однос на толкувањето на оспорената одредба имал заземено и Врховниот суд на Република Македонија во пресудата Гзз99/2000 и Рев. бр.430/2000 од 25.12.2000 година според кој на работникот кој е на дежурство му се исплаќа само 80% односно 100% од редовното работно време со евентуално зголемување од 10% заради користење на поповолниот додаток.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 76 став 3 од Колективниот договор предвидено е дека работникот има право на додаток на плата за дежурство во хируршките гранки 100%, а во другите граники 80% од саатнината утврдена за редовното работно време.

4. Според член 74 од Законот за работните односи (“Службен весник на РМ” бр.80/93, 14/95, 53/97, 25/2000, 3/01), на работникот му припаѓа зголемена плата за работа во денови на празници во кои не се работи, за ноќна работа и за работа подолга од 40 часа во работна недела во висина утврдена со колективен договор.

Според член 86 став 1 од овој Закон, колективниот договор не може да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со закон, а ако содржи такви одредби, се применуваат соодветните одредби од Законот.

Од наведените законски одредби произлегува дека на секој работник, освен плата, му припаѓа и зголемена плата во случаите утврдени во законот, со тоа што висината на зголемената плата по овие основи не е утврдена во законот, но таа е предоставена да се утврди со колективен договор.

Со оглед на значењето и специфичноста на здравствената дејност, во Колективниот договор за здравствена дејност е утврдена обврска за работодавецот да обезбеди континуирана здравствена заштита во текот на 24 часа и во сите денови во седмицата и во таа смисла тој е должен да ги утврди работните места и бројот на работниците кои ќе работат во прва, втора и трета смена.

Доколку со распоредот во смени не може да се обезбеди континуирана работа со постојниот број работници, според член 24-г став 5 од Колективниот договор, работодавецот може да воведе дежурство, како посебен облик на обезбедување континуирана здравствена заштита.

Според членот 76 став 1 од Колективниот договор за здравствена дејност, основната плата на работникот се зголемува по час и тоа за:

– прекувремена работа 35%
– работа ноќе (помеѓу 22 и 6 часот) 35%
– работа во организирана единица за
итна медицинска помош 10%

Според ставот 2 на истиот член од Колективниот договор, за работа во денови на празници утврдени со Закон работникот има право на надомест на плата што му припаѓа кога тие денови не работи и плата за поминати часови на работа зголемени за 50%.

Според оспорениот став 3 на член 76 од Колективниот договор работникот има право на додаток на плата за дежурство во хируршки гранки 100%, а во другите гранки 80% од саатнината утврдена за редовно работно време.

Според ставот 4 од овој член од Законот, на работникот му припаѓа и додаток на приправност и тоа:

– без остварен повик и ангажирање 10% од дневницата од неговата плата, а за остварен повик и ангажирање 135% од неговата плата по час, за времето кога бил ангажиран.

И на крај според ставот 5 од истиот член на Колективниот договор, ако во ист ден се совпадне остварување на право на додаток на платата од ставот 1 на овој член, работникот има право на исплата на поповолното право, зголемено за 10%.

Од анализата на членот 76 од Колективниот договор произлегува дека во него во согласност со Законот за работните односи е утврдено дека на работникот во здравствената дејност му припаѓа зголемена плата за работа во сите случаи утврдени во Законот, а во тие рамки во оспорениот став 3 е утврдено дека ова право на работникот му припаѓа и во посебен случај на работа подолга од 40 часа од работната недела, или според терминологијата употребена во Колективниот договор додаток на плата за дежурство, чија висина изнесува 100% во хируршките и 80% во другите нехируршки гранки од саатнината утврдена за редовното работно време.

Имајќи го во предвид изнесеното, како и фактот дека во Законот за работните односи е утврдено само правото на зголемена плата, а не и висината, Судот утврди дека во конкретниот случај во оспорената одредба не станува збор за утврдување на помали права од правата утврдени во закон, но само за нивно доуредување и разработување.

Од наведените причини, Судот утврди дека оспорената одредба има основ во Законот за работните односи, поради што и не го постави прашањето за нејзината согласност со членовите 74 и 86 од овој закон.

Во однос на тоа како оспорената одредба се толкува и применува во практиката, овој Суд не е надлежен да дава свои оценки и мислење.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.60/2001
11 јули 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов