96/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 јули 2001 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за урбанистичките единици 6, 8 и 10 (населбата Тафталиџе)-Скопје, донесена од Советот на Општината Карпош на 26 декември 1997 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Марија Китева од Скопје, со Решение У.бр.96/2001 од 6 јуни 2001 година, поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се дополнува Деталниот урбанистички план на просторот за дел од МЗ “Нерези”, со определување на границите и урбаните содржини на тој простор.

Исто така, Судот утврди дека постапката за донесување на оспорената одлука била спроведена од страна на органите на Град Скопје, така што, Советот на Град Скопје на седницата одржана на 10 април 1996 година го усвоил Нацртот на одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план, а потоа, по истиот организирал и спровел јавна анкета и ги презел сите други активности, а со целокупната документација ја доставил до Општината Карпош за донесување на Одлуката. За одбележување е дека сите други елементи во постапката на донесување на оспорената одлука (јавна анкета, извештаи, стручна расправа, согласности и слично) се преземени и спроведени во согласност со Законот и не се истакнати

приговори од таква природа. Советот на Општината Карпош на 26 декември 1997 година го разгледал Предлогот на одлуката и ја донел оспорената одлука, која е објавена во “Службен гласник на Град Скопје” бр.10/98.

5. Според член 17 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 8/96, 28/97 и 18/99), урбанистичкиот план се изработува како нацрт и предлог на план. По нацртот на деталниот урбанистички план, согласно став 3 од овој член, се спроведува јавна анкета, која според став 4 од овој член на Законот, ја организира општината.

Согласно член 22 став 4 од Законот, Градот Скопје донесува генерален урбанистички план на Град Скопје, а според став 5 од овој член на Законот, општината од подрачјето на Град Скопје донесува детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место за подрачјето на општината.

Според член 56 став 1 од Законот, урбанистичките планови за кои постапката за нивното донесување е започната пред влегување во сила на овој закон, ќе продолжи според одредбите на овој закон, а според став 2 на овој член од Законот, деталните урбанистички планови чија постапка за донесување е започната од Градот Скопје ќе се донесат од општината од подрачјето на Градот Скопје за чие подрачје се однесува планот.

Тргнувајќи од содржината на наведените законски одредби, а имајќи го предвид фактот дека Нацртот на одлуката како прва фаза во постапката за донесувањето на планот е усвоен по стапување во сила на Законот (влегол во сила на 2 февруари 1996 година) од страна на Советот на Град Скопје, а не Советот на Општината Карпош, што значи неможност да се прифати преодниот режим за донесување на деталните урбанистички планови уреден со член 56 од Законот. Имено, надлежен орган за започнување на постапката за донесување на детален урбанистички план (усвојување на нацрт на план, односно нацрт на одлука за изменување и дополнување на тој план) по влегување на сила на Законот за просторно и урбанистичко планирање, во конкретниот случај е Советот на Општината Карпош, а не Советот на Град Скопје. Со оглед на тоа што нацртот на оспорената одлука е донесен од ненадлежен орган, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со напред наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.96/2001
11 јули 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов