76/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 3 став 2 од Правилникот за формата и содржината на здравствената легитимација и за начинот на нејзиното издавање, водење и користење (“Службен весник на РМ” бр. 111/2000).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 3 став 2 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Иницијативата е поднесена затоа што во оспорената одредба според подносителот се пропишувале услови за остварување на правата од задолжителното здравствено осигурување, кои истовремено претставувале и обврски за граѓаните, што не било во согласност со членовите 39 и 96 од Уставот на Република Македонија, членовите 1, 4, 6, 7, 8, 25 и 27 од Законот за здравственото осигурување и членот 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека според член 3 став 2 од Правилникот, здравствената легитимација за член на семејството на осигуреникот се издава врз основа на извод од матичната книга на родените, односно на венчаните, а за децата над 18 години се приложува и потврда за редовно школување.

4. Врз основа на уставното овластување содржано во член 34 од Уставот, здравственото осигурување, како посебен вид на социјалното осигурување, е уредено со Законот за здравственото осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000) во чии рамки се утврдуваат и правата и обврските на граѓаните од здравственото осигурување (член 1 од Законот).

Така, според овој закон, со задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица, а тоа се сите лица – осигуреници утврдени во член 5 и членовите на нивните семејства, кои се утврдени во членовите 6 и 7 од Законот, им се обезбедува право на основни здравствени услуги во случаите утврдени во членот 8 од Законот, како и права на определени видови парични надоместоци, кои се остваруваат во случаи, под услови и во обем, односно висина и времетраење кои се утврдени со овој закон (член 12 до 24 од Законот).

Освен правата од задолжителното здравствено осигурување, во овој закон се утврдени и обврските на осигурениците, така што тие според одредбите на член 32 се должни да учествуваат со лични средства при користењето на здравствените услуги и лекови (доколку не спаѓаат во категоријата на осигуреници кои согласно член 34 се ослободени од плаќање на ова учество), а според членот 38 се должни да плаќаат и придонес за задолжителното здравствено осигурување, чија висина и начин на пресметување и уплатување се, исто така, уредени во самиот закон (член 38 до 48 од Законот).

Во Законот за здравственото осигурување, во посебна глава е уредена и постапката за остварување на правата од задолжителното здравствено осигурување во чии рамки, меѓу другото, во членот 27 е утврдено дека правата од задолжителното здравствено осигурување во рамките на обемот на правата утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на него, осигурените лица ги остваруваат врз основа на здравствена легитимација и доказ дека придонесот за задолжително здравствено осигурување е платен.

Според ставот 2 на овој член од Законот, кој е и основ за донесување на Правилникот чија одредба се оспорува со оваа иницијатива, Фондот за здравствено осигурување е овластен со општ акт да ја утврди формата и содржината на здравствената легитимација, како и начинот на нејзиното издавање и користење.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, од една страна, и содржината на оспорената одредба од Правилникот од друга страна, произлегуава дека во конкретниот случај не станува збор за утврдување на нови права и обврски на граѓаните од областа на здравственото осигурување, ниту пак за пропишување на услови за остварување на правата од задолжителното здравствено осигурување утврдени со Законот за здравственото осигурување.

Напротив, со оспорената одредба од Правилникот се уредува само начинот, односно постапката на издавање на здравствената легитимација на членовите на семејството на осигуреникот врз основа на чие осигурување на овие лица согласно член 6 и 7 од Законот им се обезбедуваат правата од задолжителното здравствено осигурување. Во тој контекст е и логично пропишувањето дека здравствената легитимација на член на семејството на осигуреникот се издава врз основа на извод од матичната книга на родените, односно на венчаните, а за децата над 18 години и врз основа на потврда за редовно школување, бидејќи само врз основа на нив може да се утврди својството на осигуреник на член на семејството на осигуреникот според основите, односно условите утврдени во членовите 6 и 7 од овој закон, а кое утврдување му претходи на издавањето на здравствената легитимација, со која овие лица, како и другите осигуреници, го докажуваат ова својство при користењето на правата од задолжителното здравствено осигурување.

Од наведените причини, Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Правилникот со одредбите од Уставот, Законот за здравственото осигурување и Законот за организација и работа на органите на државната управа во однос на кои со оваа иницијатива се оспорува нејзината уставност и законитост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.76/2001
4 јули 2001 година.
Скопје
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов