Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 јули 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 52 став 2 од Законот за судовите (“Службен весник на РМ” бр.36/95 и 45/95).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот од Законот означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 96 и 98 став 5 од Уставот затоа што материјата на која се однесувала оваа одредба можела да се уредува исклучиво со закон, а не и со прописи и акти на министерот за правда како што се предвидувало во неа. Ова и од причини што во оспорената одредба не биле определени ниту рамките на овластувањето на министерот, но бил утврден само основот во ставот 1 на овој член од Законот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 52 став 1 од Законот, како посебни права на судиите во вршењето на судиската функција се сметаат:
– правото да влегуваат и да имаат слободен премин на станиците, аеродромите, пристаништата, само со покажување на документи за идентификација;
– правото на службена дозвола за носење оружје и набавка на соодветна муниција;
– правото на бесплатна употреба на јавен сообраќај, сувоземен или езерски на територијата на судското подрачје во кое се извршува судиската функција, во случаите на службена потреба и во случајот од член 37 став 5 и член 56 ставови 2 и 3 на овој закон и
– правото на посебна заштита на неговата личност, на семејството, на имотот, по негово барање до полицијата во местото на живеење, секогаш кога за тоа постојат сериозни причини за неговата безбедност.
Во оспорениот став 2 е утврдено дека за посебните права од став 1 на овој член, прописи и акти донесува министерот за правда.
4. Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а додека според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Од наведените уставни одредби произлегува дека прашањата сврзани со организацијата и работата на органите на државната управа, а во тие рамки и нивната надлежност, спаѓаат во доменот на законодавната регулатива и дека овие органи работите од својата надлежност ги вршат самостојно и во согласност со Уставот и законите.
Согласно овластувањето од членот 95 став 3 од Уставот, организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа се уредени со Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на РМ” бр.58/2000). Покрај другите работи кои се утврдени во надлежност на овие органи, во членот 55 од овој закон е утврдено дека министерот, кој раководи со министерството донесува правилници, наредби, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и другите прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Во членот 56 од Законот посебно се определува содржината на секој од наведените видови акти, а додека во членот 61 е утврдено дека со актите што ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Од наведените законски одредби произлегува дека министерот може со закон да биде овластен да донесува акти за нивно извршување и дека за таквото негово овластување се пропишани посебни рамки во кои тој може да се движи, со тоа што со актите за чие донесување е овластен со закон може само да се разработуваат одделни законски одредби за нивно извршување, да се пропишува начинот на постапувањето во извршувањето на одделни одредби од законите и сл..
Имајќи го во предвид изнесеното, како и фактот дека посебните права на судиите се утврдени во самиот Закон за судовите, Судот смета дека утврденото овластување на министерот за правда да донесува прописи за правата утврдени во членот 52 став 1 од Законот, е во согласност со уставно утврдената положба на органите на државната управа, како дел од извршната власт, чија организација и работа се уредува со закон. Од тие причини Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со означените уставни одредби.
Во однос на прашањето, пак, дали министерот за правда се движел или излегол од рамките утврдени во членот 56 и 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, тоа може да се оценува само во случај кога би се работело за конкретен пропис и акт што тој го донел во смисла на овластувањето утврдено во оспорената одредба.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.66/2001
4 јули 2001 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов