Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 14 став 1 и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”бр.70/92) на седницата одржана на 27 јуни 2001 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ
а) член 10 од Законот за уредување на односите помеѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат (“Службен весник на Република Македонија” бр. 59/96) и
б) член 40 од Законот за комуналните дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр. 45/97).
2. Оваа одлука произведува правно дејство со објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по сопствена иницијатива, со решение У.бр.58/2001 од 9 мај 2001 година поведе постапка за оценување уставноста на означените одредби од законите означени во точката 1 од оваа одлука.
4. На седницата Судот утврди дека според член 10 од Законот означен во точка 1 под а) на ова решение, доколку општините во рок од три месеци од конституирањето на Советот на општината односно изборот на градоначалниците не ги склучат спогодбите од член 9 од овој закон, Владата на Република Македонија ќе ја преземе грижата за вршењето на дејноста на комуналните јавни претпријатија, другите јавни претпријатија, јавни установи и јавни организации, а особено именувањето и разрешувањето на нивните органи на управување и раководење.
Во член 40 од Законот за комуналните дејности, пак, е предвидено дека доколку општините, односно градот Скопје во рок определен со закон не ја склучат меѓусебната спогодба од член 16 на овој закон или не обезбедат вршење на комунални дејности, Владата на Република Македонија ќе ја преземе грижата за вршење на комуналните дејности од член 3 точка 1, 2, 3, 4, 6 и 7 на товар на буџетот на единицата на локалната самоуправа, на начин утврден со овој и друг закон.
5. Според член 115 од Уставот на Република Македонија во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено од областа на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон. Во ставот 2 на овој член од Уставот е предвидено дека општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Устав и со Закон, а надзорот над законитостите на нејзината работа го врши Републиката.
Конечно, според член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот, локалната самоуправа е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
6. Разгледувајќи ги означените одредби од двата закони во контекст на член 115 и член 8 од Уставот, Уставниот суд оцени дека тие пропишуваат овластувања на Владата со кои таа непосредно го презема управувањето со јавните претпријатија што ги основала општината, со што ја доведува во прашање нејзината самостојност во поглед на организирањето на дејностите што спаѓаат во нејзината изворна надлежност. Притоа, Судот смета дека правото на надзор над законитоста на работењето на општината, што според Уставот го има Републиката, не може во себе да го опфати и преземањето на функциите на општината од страна на државните органи и субјективитетот на органите и јавните установи односно претпријатија што таа ги формирала, независно од причините поради кои таквите овластувања се предвидуваат во законите.
Врз основа на тоа, Судот оцени дека член 10 односно член 40 од означените закони не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 9 и член 115 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точка 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У. бр. 58/2001
27 јуни 2001 година
С к о п ј е
лк.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов