Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 јуни 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Правилникот за изменување на Правилникот за критериумите за бројот и распоредот на службените седишта на нотарите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.112/ 2000)
2. Иван Џолев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на Правилникот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, за донесување на овој Правилник не бил исполнет ни еден од трите услови што биле предвидени во Законот за вршење на нотарските работи и тоа: прво, овој правилник бил донесен пред истекот на три години од примената на Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на нотарските работи донесен 1998 година, а чија примена започнала на 12.06.1998 год., што било спротивно на одредбите на член 58 од овој закон, второ, дел од претседателите на основните судови воопшто не дале мислење, а дел дале негативно мислење во однос на тоа дека не постојат услови за утврдување на поинаков број и распоред на нотарите од веќе постојно утврдените, а, според Законот требало да постои позитивно мислење за тоа од претседателите на сите основни судови и трето, не постоело позитивно мислење ниту од Нотарската комора, кое што исто така било утврдено како задолжителен услов за донесување на овој Правилник.
Понатаму, се наведува дека при донесувањето на оспорениот правилник, министерот за правда не ги почитувал ниту критериумите утврдени во член 9 од Законот, посебно во ставовите (3), (4), (5) и (6) на овој член, поради што и бројот на нотарите, според реалните состојби во определени подрачја, место да се укине или намали тој произволно се зголемил, при што особено драстично бил зголемен во градот Скопје (од 30 на 47).
Поради наведените причини во иницијативата се предлага Судот оспорениот Правилник да го поништи (а не укине) и до донесување на конечна одлука, да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија преземани врз основа на овој правилник, со цел да се спречи предизвикување на тешко отстранливите последици што би можеле да ги претрпат граѓаните – кандидати за нотари, како и назначените нотари доколку евентуално врз основа на овој правилник министерот за правда распише конкурс.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот Правилник всушност се вршат измени само во нацртот на распоредот на службените седишта, кој е составен дел на овој Правилник и тоа во смисла на зголемување на веќе претходно определениот број на нотари и на службените седишта на нотарите во вкупно 18 општини во Републиката.
4. Со Законот за вршење на нотарските работи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 59/96, 25/98), во Република Македонија за прв пат се востанови нотаријатот, како самостојна, независна јавна служба, за вршење на нотарските работи во вид на јавни овластувања, кои ги врши нотарот како свое основно занимање.
Според член 145 од Законот, овој закон влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а тоа е 2 ноември 1996 година, а се применува од 1 октомври 1997 година.
Во функција на отпочнување на примената на овој закон, во неговите преодни и завршни одредби се утврдени роковите во кои министерот за правда треба да ги донесе подзаконските акти предвидени со овој закон, да ги организира првите нотарски испити и да го распише и спроведе првиот конкурс за именување на нотари. Исто така, во овие одредби се утврдени и условите и роковите за основање на Нотарската комора со тоа што се предвидува Комората да се основа кога на територијата на Република Македонија ќе бидат именувани и ќе почнат со работа најмалку 50 нотари, а основачкото собрание да го свика министерот за правда најмалку осум дена пред одржувањето на седницата на основачкото собрание на Комората.
Од аспект на наводите во иницијативата посебно се значајни членовите 140 и 144 од преодните и завршните одредби на овој закон, бидејќи во нив се утврдени роковите во кои министерот е овластен да го утврди бројот и распоредувањето на нотарите, и на нивните службени седишта, а непочитувањето на овие рокови е посебна причина поради кои се оспорува законитоста на овој правилник. Имено, во членот 140 став 3, се утврдува дека министерот за правда во рок од шест месеци по влегувањето во сила на овој закон со правилник ќе ги утврди критериумите за бројот и распоредот на службените седишта на нотарите на подрачјето на Република Македонија и Нацртот на распоредот на тие седишта, а додека во членот 144 е утврдено дека по три години од примената на овој закон (во три последо-вателни месеци) бројот и распоредувањето на нотарите на територијата на Република Македонија ќе го утврди министерот за правда врз основа на мислењето на претседателите на основните судови и Комората.
Од содржината на член 140 став 3 и член 144 од Законот, произлегува дека министерот за правда е овластен со акт да го утврди бројот на нотарите и распоредот на нивните седишта, со тоа што за донесување на овој акт комплементарно се применуваат одредбите од наведените два члена, што е логично и оправдано доколку се имаат предвид решенијата содржани во другите членови на преодните и завршните одредби, а посебно во членовите 143 и 145 од Законот.
Имајќи ги во предвид наведените законски одредби, како и фактот дека оспорениот правилник е донесен на 26 декември 2000 год. (истиот е објавен во “Службен весник на Република Македонија” два дена од неговото донесување), Судот утврди дека истиот е донесен точно во рокот утврден во член 144 од Законот, при тоа сметајќи го тој рок од 1 октомври 1997 година, како ден од кога, согласно член 145 од Законот, овој Закон се применува, а не како што смета подносителот на иницијативата од 12 јуни 1998 година. Според тоа Судот оцени дека е исполнет првиот услов за донесување на овој правилник поради што и не го постави прашањето за неговата согласност со овој член од Законот заради непочитување на рокот за неговото донесување, како една од причините за оспорување на неговата законитост.
Понатаму, Судот утврди дека по истекот на рокот од три години од примената на Законот, министерот за правда се обратил до Нотарската комора и до претседателите на основните судови со барање да достават свое мислење. На неговото барање одговориле само претседателите на основните судови, а Нотарската комора не доставила мислење.
Од изнесеното произлегува дека при донесувањето на оспорениот правилник министерот за правда ја спровел постапката предвидена во членот 144 од Законот, а самиот факт што Нотарската комора не доставила мислење во рокот определен од министерот според Судот не претставува забрана тој да го донесе правилникот и без прибавено мислење од Комората.
Ова особено ако се има предвид дека во Законот не е утврден рок во кој претседателите на основните судови и Нотарската комора се должни да го достават мислењето, и што мислењата, според нивната правна природа, немаат обврзувачки карактер, па министерот може за определени прашања да одлучи и поинаку од она што се предлага или смета во мислењето на овие органи.
Поради наведените причини Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со Законот ниту од аспект на наводите во иницијативата според кои овој правилник е спротивен на Законот затоа што за неговото донесу-вање негативно мислење дале претседателите на основните судови и Нотарската комора, која пак, според одговорот на Министерството за правда воопшто и не доставила мислење.
5. Што се однесува до наводите во иницијативата дека оспорениот правилник не е во согласност со Законот и поради тоа што при неговото донесување министерот за правда не ги почитувал критериумите утврдени во член 9 став (3), (5) и (6), односно не водел сметка и не ги имал предвид реалните состојби на работите и околностите на кои се однесуваат наведените ставови од овој член од Законот, Судот не се впушти во оценка на законитоста на правилникот од аспект на овие наводи, бидејќи се работи за прашања од чисто фактичка природа за чие утврдување не е надлежен. Имено, евентуалното утврдување на овие прашања од страна на Судот би го довел Судот во позиција да арбитрира – пресудува дали министерот за правда точно ја утврдил фактич-ката состојба и правилно го применил Законот, што не е во согласност со неговата уставно утврдена положба и улога.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр. 22/2001
13 јуни 2001 год.
Скопје
л.а
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов