43/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 јуни 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за определување на месечен надоместок – паушал на членовите на Советот на општина Делчево бр. 07-1240/1 од 18.12.2000 година.

2. Владата на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согланост со член 37 од Законот за локалната самоуправа затоа што со неа, на претседавачот и на членовите на Советот на општина Делчево им бил определен месечен надоместок – паушал за учеството во работата на седниците на Советот и на неговите работни тела, а според подносителот на иницијативата не постоела законска можност тие да примат месечен паушал независно од трошоците предвидени во членот 37 од Законот што тие ги имале при вршење на својата функција.

3. Со оглед дека доносителот на оспорената одлука со писмо под бр. 07-719 од 30.05.2001 год. го извести Судот дека на својата петта седница одржана на 26.03.2001 год. донел нова Одлука за определување на висината на надоместокот на членовите на Советот за присуство на седница на Советот под бр.07 – 455, која градоначалникот ја прогласил со Заклучок бр. 08 – 455/2 од 26.03.2001 година, и дека со донесување на новата одлука оспорената одлука била ставена вон сила, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во смисла на член 28 од Деловникот, бидејќи оспорената одлука во меѓувреме престанала да важи, односно повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.43/2001
13 јуни 2001 година
Скопје
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов