141/2000-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92) на седницата од 6 јуни 2001 година, го донесе следново

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 18 став 10 алинеја 1 од Законот за телекомуникации (“Службен весник на Република Македонија” бр.22/98).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на:

а) членот 22 став 4 и членот 33 став 2 од Законот за телекомуникации;

б) членот 7 и членот 13 од Законот за основање Јавно претпријатие Македонска радиодифузија (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/98) и

в) членот 11 од Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радио-телевизија (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/98).

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членот 28 од Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радио-телевизија (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/98).

4. Панче Докузов – адвокат од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законите означени во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членот 18 став 10 алинеја 1 од Законот за телекомуникации бил несогласен со Уставот затоа што потребните информации што му ги давале на директорот, давателите на јавна телекомуникациска услуга, можеле да се толкуваат како индиректно доверливи информации, со што директно се кршело уставното начело за гарантирање на приватноста на секој граѓанин, на неговиот семеен и личен живот, на достоинството и угледот.

– членот 22 став 4 од овој закон бил несогалсен со Уставот затоа што решението што го содржел било спротивно на членот 55 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

– членот 33 став 2 од Законот бил спротивен на Уставот затоа што радиофреквенциите биле добра од општ интерес, поради што овластувањето на министерот да ги донесува техничките услови за нивно користење било спротивно на членот 56 од Уставот на Република Македонија.

5. Судот на седницата утврди дека согласно член 18 став 10 алинеја 1 од Законот за телекомуникации директорот има овластување да бара од јавните телекомункациски оператори и давателите на јавна телекомуникациска услуга да му доставуваат потребни информации, кои Дирекцијата ги смета за потребни заради вршење на нејзината надлежност утврдена со овој закон, обврзувајќи се да не објавува доверливи информации.

Согласно член 18 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци.

Ставот 2 на овој член од Уставот предвидува на граѓаните да им се гарантира заштитата од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето ифнормации за нив преку обработка на податоците.

Врз основа на наведените уставни одредби, Судот оцени дека со овластувањето на директорот да бара од давателите на јавните телекомуникациски услуги да му доставуваат потребни информации сврзани со работата на Дирекцијата, и давајќи му право сам да ги квалифицира како доверливи, односно недоверливи, е спротивно на членот 18 став 1 и 2 од Уставот, поради што оцени дека може основано да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со Уставот на Република Македонија.

6. Судот на седницата, исто така, утврди дека:

а) согласно членот 22 став 4 од Законот за телекомуникации до 31 декември 2005 година ниту едно правно или физичко лице освен постојниот јавен телекомуникациски оператор не смее:

– да дава, организира, рекламира, промовира или на друг начин да учествува во организирање на услуги на повратен повик (цалл бацк сервицес) и

– да обезбедува фиксни говорни телефонски услуги, телеграфски услуги, телекс услуги, услуги на јавна говорница или услуги на изнајмена линија и да гради, поседува и работи со фиксни јавни телекомуникациски мрежи”.

Со оглед на тоа дека јавна телекомуникациска мрежа е мрежа која овозможува јавни телекомуникациски услуги (член 2 алинеја 5 од Законот) Судот оцени дека телекомуникацискиот оператор врши стопанска дејност од јавен интерес.

Согласно член 1 став 2 од Законот за јавните претрпијатија, стопански дејности од јавен интерес се дејностите кои се незаменлив услов за животот и работата на граѓаните, за работата на правните лица и на државните органи.

Согласно член 2 став 1 на овој закон, како стопански дејности од јавен интерес, меѓу другите, се предвидени телекомуникациите и поштенскиот сообраќај како и системот на радио и ТВ врски.

Во ставот 2 на овој член од Законот е предвидено дека условите и начинот за вршење на дејностите и начинот на остварување на јавниот интерес од став 1 на овој член се уредуваат со закон.

Имајќи ги предвид наведениве законски одредби Судот оцени дека овие дејности, како дејности од јавен интерес, се незаменлив услов за животот и работата на граѓаните и на државните органи и дека законодавецот упатува условите и начинот на вршењето на овие дејности како и начинот на остварувањето на јавниот интерес да се уредат со закон.

Во конкретниов случај, тоа значи дека со оспорената одредба од член 22 став 4 од Законот за телекомуникациите, како леџ специалиџ во однос на Законот за јавните претпријатија, се уредени условите и начинот за вршење на овие дејности и начинот на остварувањето на јавниот интерес, при што законодавецот, со цел да го обезбеди нивното извршување, со императивна норма, за определен временски период, ставил забрана за останатите физички и правни лица што се занимаваат со оваа дејност, да не смеат истата да ја обавуваат.

Со други зборови, според Судот, со оваа одредба, законодавецот всушност го определил начинот на остварување на јавниот интерес, поради што оцени дека не може да се каже дека во случајов, станува збор за воспоставување на монополска положба на телекомуникацискиот оператор во однос на другите физички и правни лица што се бават со оваа дејност.

– Согласно член 33 став 2 од Законот за телекомуникации, прописите за доделување на фреквенциите за техничките услови за користење на радиофреквенциите и радиостаниците ги донесува министерот за сообраќај и врски на предлог на Дирекцијата.

Поаѓајќи од одредбата од член 27 став 1 алинеја 5 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според која министерството за транспорт и врски (поранешно министерство за сообраќај), меѓу другото, ги врши работите што се однесуваат на телекомуникациите и телекомуникациската инфраструктура, Судот смета дека законодавецот со оспорената одредба од член 33 став 2 од Законот за телекомуникациите, како леџ специалис, бил овластен да определи министерот за сообраќај (сега министер за транспорт и врски) да донесува прописи за доделување фреквенции за технички услови затоа што со нив всушност се врши операционализација на оспорениот закон.

Од тие причини Судот смета дека не може да се постави прашањето за уставноста на Законот од овој аспект.

Во врска со прашањето дали фреквенциите се добра од општ интерес и дали за нив, како такви, може да одлучува, министерот за транспорт и врски, поаѓајќи од одредбата на член 2 алинеја 15 од Законот за телекомуникациите и од одредбата од член 56 став 1 од Уставот според која сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерс за Републиката и уживаат посебна заштита, а согласно став 3 на овој член од Уставот со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење, Судот оцени дека во конкретниов случај користењето на радиофреквенциите како добра од општ интерес, согласно оваа уставна одредба, е уредено со оспорениот член од Законот за телекомуникациите кој го овластува министерот за сообраќај (сега за транспорт и врски), да ги донесува прописите за доделување на радиофреквенциите со кои се воспоставуваат радиокомуникациите.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека овие прописи, што ги носи министерот и според кои се врши доделување на радиофреквенциите, се во функција на операционализација на Законот за телекомуникациите, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оваа законска одредба со Уставот на Република Македонија.

7. Членот 7 од Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија се оспоруваат затоа што содржеле решение со кое Македонска радио телевизија се ставала во привилегирана положба на пазарот, додека трговските радиодифузни друштва што добиле концесија биле ставени во подредена положба, што било спротивно на членот 55 од Уставот.

Членот 13 од овој закон се оспорува како несогласен со Уставот затоа што ја овластувал Владата да ги именува и разрешува членовите на Одборот за контрола на материјално-финансиското работење, за што според подносителите на иницијативите било овластено Собранието на Република Македонија.

Судот на седницата утврди дека согласно членот 7 од Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија, јавно претпријатие без надомест врши пренос емитување на радио и телевизиските програми на МРТ на територијата на Република Македонија преку:

– две радио мрежи на ултра кратки бранови (МФ) и

– две телевизиски мрежи (ВХФ и УХФ).

Согласно ставот 2 на овој член од Законот јавното претпријатие без надомест врши пренос и емитување на радио програми на средни бранови и за јавните радиодифузни претпријатија што вршат дејност на локално ниво и реемисија на соодветни програми од МРТ.

Ставот 3 на овој член од Законот предвидува дека со капацитетите на основната радиодифузна мрежа со која располага јавното претпријатие, а кои не се наменети за вршење на пренос и емитување на радио и телевизиски програми од ставовите 1 и 2 на овој член, Јавното претпријатие со надомест врши пренос и емитување на програми за трговски радиодифузни друштва што добиле концесија за вршење на радиодифузна дејност на територијата на Република Македонија согласно со Законот за радиодифузната дејност”.

Понатаму, Судот утврди дека согласно членот 13 од Законот за вршење контрола на материјално финансиското работење во Јавното претпријатие се формира Одбор за контрола за материјално-финансиско работење составен од пет члена кои ги именува и разрешува Владата на Република Македонија за времетраење од четири години”.

8. Како што се гледа од содржината на членот 7 од овој закон, станува збор за вршење на дејност (од страна на Јавното претпријатие) со надомест и без надомест.

Без надомест се врши пренос и емитување на радио и телевизиските програми на МРТ на територијата на Република Македонија.

Исто така, без надомест се врши пренос и емитување на радио програми на средни бранови и за јавните радиодифузни претпријатија што вршат дејност на локално ниво и реемисија на соодветни програми на МРТ.

Меѓутоа, преносот и емитувањето на програмите за трговските радиодифузни друштва, што добиле концесија за вршење на радиодифузна дејност на територијата на Република Македонија, се врши со надомест.

Образложението на законодавецот за ваквиот став лежи во тоа што капацитетите на основната радиодифузна мрежа со кои се врши пренос, не се наменети за вршење пренос и емитување на радио и телевизиски програми.

Имајќи предвид дека телекомуникациите и поштенскиот сообраќај и системот на радио и ТВ врски се дејности од јавен интерес, и што условите и начинот за нивното вршење и начинот на остварување на јавниот интерес (член 2 став 1 и 2 од Законот за јавните претпријатија) се уредуваат со закон, во овој контекст, Судот оцени дека законодавецот, со задолжувањето на трговските радиодифузни друштва (да плаќаат надомест за пренос и емитување на програми), што добиле концесија за вршење на радиодифузна дејност на територијата на Република Македонија, не излегол надвор од рамките на уставните овластувања.

Што се однесува до прашањето за надлежноста, односно ненадлежноста на Владата на РМ да ги именува и разрешува членовите на Одборот за материјално-финансиското работење, во смисла дека за ова е належно Собранието на РМ (член 13 од Законот), Судот смета дека наводите во иницијативата не стојат поради следното:

Согласно член 3 став 1 од Законот за јавните претпријатија, јавни претпријатија во име на Република Македонија основа Владата на Република Македонија.

Согласно ставот 2 на овој член од Законот, по исклучок од ставот 1 на овој член, јавните претпријатија од областа на радиодифузијата се основаат под услови и на начин утврдени со закон.

Значи, овој закон упатува со друг закон да се уредат прашањата во врска со основањето на јавните претпријатија од областа на радиодифузијата.

Во случајов, тоа е Законот за радиодифузната дејност кој во членот 9 предвидува дека радиодифузни организации можат да се основаат како јавни радиодифузни претпријатија и како трговски радиодифузни друштва.

Согласно ставот 3 на овој член од Законот основањето, дејноста и организацијата на јавно радиодифузно претпријатие на територијата на Република Македонија се уредува со закон.

Значи, и овој закон, понатаму, упатува овие прашања да се уредат со леџ специалис кој, во случајов, е Законот за основање на јавно претпријатие – Македонска радиодифузија и во кој е определен правниот субјект што ќе врши контрола на материјално финансиското работење како и органот што ќе врши именување и разрешување на членовите на овој правен субјект (Одборот за контрола), поради што, според Судот, не би можело да се постави прашањето за уставноста на Законот од овој аспект.

Во прилог на ова становиште оди и фактот дека Владата која, според Законот за јавните претпријтија, може во име на Република Македонија, истите да ги основа, како таква би можела и да ги именува и разрешува членовите на Одборот за контрола за материјалното и финансиското работење на јавното претпријатие.

9. Членот 11 од Законот за основање на јавно претпријатие Македонска радио-телевизија се оспорува затоа што содржел одредба со која Македонската радио телевизија била во привилегирана положба во однос на останатите радиодифузни претпријатија, од причина што бесплатно ги користела споменатите мрежи на јавното претпријатие, за вршење пренос и емитување на радио-телевизиските програми и тоа до крајот на 2000 година (овој закон стапил на сила на 11 февруари 1998 година).

Судот на седницата утврди дека согласно членот 11 од Законот за основање на јавно претпријатие радио и телевизиски програми на Македонската радио телевизија се емитуваат без надоместок преку следење мрежи на Јавното претпријатие за пренос и емитување на радио-телевизиски програми: три радио мрежи на ултра кратки бранови (ВХФ/ФМ) и три телевизиски мрежи (УХФ/УХФ).

Согласно член 8 алинеја 13 од Законот за радиодифузната дејност, радиодифузната дејност се заснова на начелото на еднаквост и рамноправност на радиодифузните организации во пристапот при користењето на основната радиодифузна мрежа за пренос, емитување и дистрибуција на радио и телевизиската програма.

Од содржината на оваа законска одредба, произлегува дека начелото на рамноправност и еднаквост Законот го обезбедува само во пристапот при користењето на основната радиодифузна мрежа за пренос, што не е случај со користење на капацитетите од третата радио и ТВ- мрежа која не спаѓа во основната радиодифузна мрежа.

Од тие причини Судот смета дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на оваа законска одредба.

10. Што се однесува до одредбата од членот 28 од Законот, Судот утврди дека истата е отстранета од правниот поредок со влегувањето во сила на Законот за изменување на Законот за основање на Јавно претпријатие македонска радио-телевизија.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по неа.

Со оглед на тоа дека оспорената одредба од членот 28 од Законот е отстранета од правниот поредок, Судот оцени дека: постојат процесни пречки за одлучување поради што иницијативата во овој дел ја отфрли.

11. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

12. Решението од точката 1 од ова решение, Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

13. Решението од точката 2 под а) што се однесува на членот 22 став 4 од Законот за телекомуникации, Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

14. Решението од точката 2 под б) што се однесува на членот 33 став 2 од Законот за телекомуникации, Судот го донесе едногласно во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

15. Решението од точката 2 под в) што се однесува на Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радио-телевизија, Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

16. Решението под точка 3 од ова решение, Судот го донесе едногласно во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.141а/2000,
141б/2000,
141в/2000
6 јуни 2001 година
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов