95/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 јуни 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 26 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.59/2000), во делот “и може да побара од претседателот на Републиката да ја информира Владата за определени прашања кои произлегуваат од нивните надлежности во вршењето на извршната власт”.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што од спорниот дел на законската одредба испаѓало дека претседателот на Републиката е потчинет на Владата на Република Македонија, па по нејзино барање бил должен да ја информира за определени прашања, а тоа не било предвидено ниту во функциите на претседателот на Републиката утврдени во членовите 84 и 85 од Уставот, ниту во функциите на Владата на Република Македонија утврдени во член 91 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека, во склоп на уредувањето на односите на Владата со претседателот на Републиката, членот 26 од Законот определува дека “Владата ги остварува односите со претседателот на Република Македонија во рамките на правата и должностите утврдени со Уставот и со закон “(став 1), при што” Во остварувањето на своите права и должности Владата го информира претседателот на Република Македонија и може да побара од претседателот на Републиката да ја информира Владата за определени прашања кои произлегуваат од нивните надлежности во вршењето на извршната власт” (став 2).

Според тоа, ставот 1 од членот 26 од Законот упатува на тоа односите Влада – претседател на Републиката да се разберат во рамките на уставно и законски определените нивни овластувања, а целината на ставот 2 упатува на тоа тие органи меѓусебно да се информираат и бараат информирање за прашања од нивните надлежности при спроведувањето на власта околу извршувањето. Со други зборови, целината на ставот 2 определува координација по прашања по кои се двата органи надлежни, а не нивна субординација.

4. Со член 91 став 1 алинеја 14 од Уставот се утврдува дека Владата на Република Македонија, покрај работите утврдени во таа уставна одредба, врши и други работи утврдени со Уставот и со закон.

Со други зборови, Владата на Република Македонија може да врши и работи кои и се пропишани со закон, покрај оние предвидени со Уставот, под услов да не се нарушува нејзината уставна положба.

Со оглед на тоа што оспорената законска одредба не ја нарушува уставната положба на Владата на Република Македонија во односите со претседателот на Републиката, туку обезбедува нивна координација по прашања околу кои се допираат нивните надлежности при спроведувањето на извршната власт, Судот утврди дека таквото законско решение не е неуставно, поради што реши како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.95/2001
6 јуни 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов