Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 мај 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 29 став 2 од Законот за договорна хипотека (“Службен весник на Република Македонија” бр. 59/2000).
2. Васил Велковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка на одредбата од Законот означени во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената одредба се ограничувало правото на сопственост на хипотекарниот должник врз предметот на хипотеката. Хипотеката се засновала со склучување на договор за хипотека и со запишување во јавните книги, од што произлегувало дека запишувањето во јавните книги имало конститутивно дејство. Оттука, со отуѓувањето на предметот на хипотеката, било пред пристигнувањето на побарувањето, на доверителот или по пристигнувањето на побарувањето, хипотеката не престанувала, а хипотекарниот доверител можел да бара намирување на побарувањето од вредноста на предметот на хипотеката и тогаш кога предметот бил отуѓен. Всушност, според наводите во иницијативата, со оспорената одредба се вршело ограничување на правото на располагање со предметот на хипотеката што со Законот не било утврдено како јавен интерес, поради што оваа одредба не била во согласност со член 30 од Уставот на Република Македонија.
3. Според член 29 став 1 од Законот за договорна хипотека ако хипотекарниот должник преземе дејствија или пропушти дејствија поради што се доведува во опасност или очигледно се намалува вредноста на предметот на хипотеката, хипотекарниот доверител има право да бара хипотекарниот должник без одлагање да престане тоа да го чини, а ако не се воздржи од тоа, може и пред пристигнување на своето побарување да бара негова присилна наплата од предметот на хипотеката, според одредбите на овој или друг закон, а оспорената одредба на ставот 2 од овој член предвидува дека ако по рокот на пристигнувањето на побарувањето хипотекарниот должник го отуѓи предметот на хипотеката, таквото отуѓување нема правно дејство.
4. Согласно член 30 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.
Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.
Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста или правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Со Законот за договорна хипотека (“Службен весник на Република Македонија” бр. 59/2000) се уредува начинот, условите и постапката за настанување, постоење, реализација и престанувањето на заложено право врз недвижности врз основа на договор (право на хипотека или хипотека).
Според членот 2 од Законот, со хипотеката се обезбедува намирување од вредноста на предметот на хипотеката на одредено парично побарување чија вредност е изразена во пари. Во ставот 2 на овој член е предвидено дека намирувањето од вредноста на предметот на хипотеката, на паричното или на друг вид побарување чија вредност е изразлива во пари, под услови и начин утврдени со овој закон може да биде заменето со стекнување на право на сопственост врз предметот на хипотеката (леџ цоммиссориа), а според ставот 3 на овој член, побарувањето од став 1 на овој член, се смета дека е доволно одредено ако е определен неговиот носител, должник и правниот основ.
Според член 3 од Законот, правото на хипотека се стекнува со склучување на договорот за хипотека и со запишување во јавна книга, на начин и под услови пропишани со закон, а ако не се исполнети условите потребни за запишување на правото на хипотека во јавната книга, а е побарано вакво запишување, тоа ќе се заснова со прибележување под услов дополнително да се изврши запишување на правото на хипотека во јавната книга, ако со закон поинаку не е определено (став 2). Под “јавна книга” во смисла на овој закон, се подразбира книгата во која се врши запишувањето на правото на сопственост и врз недвижностите и на другите стварни права врз тие недвижнини, како и книгата во која се врши запишувањето на правото на сопственост и други стварни права врз ствари изедначени со недвижностите според друг закон.
Според член 5 став 2 од Законот, на уписот на правото на хипотека, промената или нејзиниот престанок соодветно ќе се применуваат одредбите од Законот за залог на подвижни предмети и права (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98, 48/99 и 86/99) и подзаконските акти донесени врз основа на тој закон, односно одредбите на овој закон што се однесуваат на заложниот регистар.
Според член 35 на овој закон заложниот регистар има својство на правно лице со јавни овластувања утврдени со закон, а во членот 36 исто од овој закон е предвидено дека податоците содржани во заложниот регистар се јавни и никој не може да се повикува на нивно непознавање (став 1), а издадената исправа од заложниот регирстар има карактер на јавна исправа (став 3).
Од наведените и другите одредби од Законот за договорна хипотека произлегува дека хипотеката по својата правна природа претставува стварно право врз туѓа ствар. Во оваа смисла хипотекарниот доверител има право да бара намирување на своето побарување од вредноста на недвижноста оптоварена со хипотека и тоа пред доверителите кои врз истата немаат заложно право, како и пред доверителите кои хипотеката ја стекнале после него, т.н. првенствено намирување (со законот се допуштени по извршениот упис на правото на хипотека и промени или нејзин престанок што задолжително и по службена должност се внесува во централната база на податоци).
Правото на хипотека се стекнува со склучување на договорот за хипотека и она што е посебно карактеристично за хипотеката со запишување во јавна книга на начин и под услови пропишани со закон договорот за хипотека има јавно – правен карактер со самиот факт што јавната исправа од заложниот регистар има карактер на јавна исправа. Оттука, според мислењето на Судот не може да се оспори, без оглед на тоа што Законот за договорна хипотека изрично не предвидел јавен интерес за остварување на правата кои произлегуваат од договорната хипотека, дека тој постои. Во оваа смисла и не случајно овој Закон во поглед на уписот на правото на хипотека, или промената или нејзиниот престанок, повикува на примена на одредбите од Законот за залог на подвижни предмети и права, односно на неговите одредби за заложниот регистар кој има својство на правно лице со јавни овластувања.
Тргнувајѓи од фактот дека договорната хипотека е стварно-правен договор и дека со него се обврзува хипотекарниот должник со предметот на хипотеката да бо обезбеди хипотекарниот доверител да намири одредено побарување од вредноста на недвижноста, или под услови и начин утврдени со овој закон намирувањето на побарувањето, доколку е изразливо во пари, може да биде заменето со стекнување на право на сопственост врз предметот на хипотеката, тогаш предметот на хипотеката добива посебен режим на располагање, односно е оптоварен со правата на хипотекарниот доверител, што значи дека ограничувањето на сопственоста произлегува од договорот за хипотека. Всушност договорот за хипотека не значи ограничување на сопственоста и правата што произлегуваат од неа, туку уредување на заемните односи на хипотекарн иот доверител и должникот за остврување на правата од таквиот однос.
Оспорената одредба од член 29 став 2 на овој закон со која е предвидено ако по рокот на пристигнувањето на побарувањето хипотекарниот должник го отуѓи предметот на хипотеката, таквото отуѓување да нема правно дејство не може да се гледа изолирано од одредбата на ставот 1 на овој член и е исто така во функција на исполнување на договорот за хипотека, како и во функција на заштита на хипотекарниот доверител. Во случајов се работи за заштита на право предвидено во договор како израз на волја на две страни. Јавниот интерес, на кој се повикува подносителот на иницијативата, има друга функција. Тој може да дојде до израз кога се работи за заштита на правото на сопственост кое не произлегува од ваков однос како што е во оспорената одредба. Ако при тоа се има предвид и уставната одредба дека сопственоста треба да служи за добро на поединецот и заедницата, што подразбира дека сопственоста не може да се свати како апсолутно право на поединецот, туку како интерес на заедницата за остварување на правата и на другите граѓани, тогаш и оспорената одредба овозможува остварување на секое право на сопственост, во случајов на хипотекарниот доверител.
Исто така, според мислењето на Судот, оспорената одредба е во функција на заштита на правниот поредок на државата односно остварување на темелните вредности за владеењето на правото и заштита на сопственоста утврдени во член 8 од Уставот.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со наведените уставни одредби поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Н икола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.194/2000
30 мај 2001 год.
Скопје
ла/лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов