Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 мај 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 89 и член 101 став 2 од Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/00).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 2 став 1 точка 33 и член 192 од Законот за високото образование.
3. Група граѓани преку полномошникот Бранко Јосифовски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од Законот за високото образование означени во точките 1 и 2 од ова решение. Членот 2 став 1 точка 33, членот 89 и член 101 став 2 се оспоруваат затоа што со нив се воведувало кофинансирање на трошоците за дел на студентите на државните универзитети и се воведувал приемен испит за запишување на студии, со што студентите се доведувале во нееднаква положба во поглед на остварувањето на правото на образование и се воведувала јавна давачка од страна на универзитетот спротивно на член 33 од Уставот. Членот 192 од Законот се оспорува затоа што, според наводите во иницијативата, предвидувал дека средствата по основ на кофинансирање претставувале приход на Универзитетот, што не било во согласност со Уставот.
4. На седницата Судот утврди дека во член 2 став 1 точка 33 од Законот, под наслов “поимник”, е утврдено дека “кофинансирање на студентите” значи износ на паричните средства кои студентот има обврска да ги плати на високообразовната установа за да ги надомести трошоците на студирање кои не се надоместени преку финансирање на високообразовната дејност од страна на државата или од друг извор.
Според оспорениот член 89 од Законот, државна високообразовна установа може да воведе кофинансирање на трошоците за студирање, ако не остварува средства од Фондот за тие потреби (став 1). Согласно став 2 на овој член студентот кој без оправдани причини не ги исполни условите утврдени со правилата за студирање утврдени со статутот на државен факултет и висока стручна школа, ги сноси трошоците на школување за исполнување на заостанатите обврски на студентите. Во став 3 на овој член е предвидено дека условите под кои се воведува кофинансирање од ставовите 1 и 2 на овој член ги усогласува универзитетот во чиј состав е високообразовната установа.
Во член 101 став 2 е пропишана содржината на конкурсот за запишување на студенти, во која, меѓу другото, спаѓа и утврдување на роковите за пријавување, полагање и запишување на кандидатите.
Во член 192 од Законот, пак, е уреден преодниот режим за затекнатите наставници на педагошките академии и високите стручни школи кои немаат соодветен степен на образование, односно тој нема содржина на која се повикува и која се оспорува со иницијативата.
5. Според член 44 од Уставот секој има право на образование што му е достапно секому под еднакви услови, а задолжително и бесплатно е само основното образование.
Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Разгледувајќи го оспорениот член 89 од Законот во контекст на изнесените уставни одредби, Судот оцени дека кофинансирањето на трошоците што тој го воведува и условите за остварувањето на овој облик на остварување на правото на образование, не ги повредува принципите содржани во член 44 и член 9 од Уставот. Имено, Уставот, обезбедувајќи само бесплатно основно образование, не ја исклучува можноста повисоките облици на образование да се финансираат и со учество на учениците и студентите, што зависи пред се од материјалните можности на државата и политиката во образованието. При тоа, од аспект на уставноста, значајно е да се исклучи секаков облик на дискриминација заснована на арбитрерност и субјективна селекција, што е истовремено барање и на член 44 и на член 9 од Уставот. Во тој контекст, Судот оцени дека критериумите за кофинансирањена трошоците утврдени во ставовите 1 и 2 на оспорениот член се објективизирани на две нивоа: со можностите на државата и со резултатите и успехот во студирањето на запишаните студенти. Тој начин на пропишување на критериумите за кофинансирање, според мислењето на Судот, ја исклучува арбитрерноста и обезбедува еднаквост на условите за достапноста на високото образование за сите кандидати и студенти, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на овој член од Законот со членовите 44 и 9 од Уставот на Република Македонија.
Според оценката на Судот, приемниот испит од член 101 став 2 од Законот, ја исполнува истата функција на пропишување објективен и еднаков услов за достапност на високото образование како во поглед на ограничените квоти што може да ги финансира државата, така во поглед на посакуваното ниво на квалитет во селекцијата на каднидатите.
Се разбира политиката на законодавецот можела да заврши и со успехот во средното образование како критериум за упис, но и тогаш би се потврдило дека уписната политика се заснова на некаков критериум. Таа политика е, сепак, домен на законодавецот и во неа не може да се навлегува се додека средствата за нејзиното остварување не ги нарушуваат принципите на еднаквост или недискриминација. Постоење на квалификационен услов, како што е приемниот испит, според оценката на Судот, не може да се смета како дискриминаторска мерка.
Судот го имаше предвид и наводот во иницијативата дека кофинансирањето на трошоците било, всушност, јавна давачка што ја воведува универзитетот, но оцени дека овој облик на учество во финансирањето на студиите не може да се подведе под јавна давачка.
6. На седницата Судот утврди дека членот 2 став 1 и точка 33 е интерпретативна одредба за употребените изрази во законот и затоа е беспредметно оценувањето на нејзината уставност. Исто така, со оглед на тоа што членот 192 од Законот има сосема друга содржина од онаа на која се укажува во иницијативата, Судот оцени дека нема претпоставки за оценување и на нејзината уставност, и одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков. д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.89/2001
4 јуни 2001 год.
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов