21/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 мај 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 6 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

2. Слободан Костовски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение поради тоа што овој член не бил во согласност со членот 30 од Уставот. Според него при донесувањето на законот (поточно на членот 6) не се водело сметка чиј е имотот што се прогласува за сопственост на Република Македонија односно дека истиот тој имот до моментот на донесувањето на законот бил сопственост на земјоделските комбинати, земјоделски задруги итн. Како пример го наведува ЗИК “Куманово” чиј имот се состои од земјиште во сопственост на земјоделските задруги кои се припоиле кон него и од имот купен од страна на ЗИК со сопствени средства и со банкови кредити кои биле враќани со камата.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 6 од Законот, пред утврдувањето на вредноста на претпријатието, се изземаат градежното и земјоделското земјиште кои со денот на влегувањето во сила на овој закон се во сопственост на Република Македонија.

Претпријатието од став 1 на овој член продолжува со користење и управување на градежното односно земјоделското земјиште ако го користи или за него се грижи како добар стопан, до донесување на правосилно решение за денационализација односно до доделување на право на користење во согласност со закон.

4. Темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е правната заштита на сопственоста.

Согласно член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Според член 56 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и прадметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Правниот режим на земјиштето во Република Македонија е определен со Законот за земјоделското земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр. 25/98 и 18/99) и со Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр. 10/79, 37/80, 21/91, 71/96 и 18/99).

Според членот 2 од законот за земјоделското земјиште, земјоделското земјиште како добро од општ интерес за Републиката, ужива посебна заштита и се користи под услови и на начин утврдени со овој закон.

Според членот 5 на овој закон, правото на сопственост врз земјоделското земјиште, создава права и обврски и служи за доброто на сопственикот и на државата.

Согласно член 4 од Законот за градежното земјиште, уредувањето и употребата на градежното земјиште е од јавен интерес.

Членот 9 од овој закон, утврдува дека земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба за кои е донесен урбанистички план е на Републиката.

Со Законот за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделското земјиште се уредуваат условите, начинот и постапката за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделското земјиште во државна сопственост, како и на земјоделските задруги во приватна сопственост, а во кои се вложени средства во општествена сопственост односно кои управуваат со општествен капитал.

Претпријатијата со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделското земјиште, според овој закон, се претпријати-јата во општествена сопственост и претпријатијата во мешовита сопственост. Претпријатијата во општествена сопственост вршат приватизација на општествениот капитал, а претпријатијата во мешовита сопственост доприватизација на општествениот капитал. Земјоделските задруги со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделското земјиште во државна односно во приватна сопственост, според овој закон се земјоделските задруги во кои се вложени средства во општествена сопственост, односно кои управуваат со општествен капитал.

Согласно членот 5 од овој закон, трансформација според овој закон не се врши на: земјоделско земјиште во сопственост на Република Македонија; земјоделско земјиште и други недвижности кои врз основа на присилни прописи преминале од приватна во државна односно во општествена сопственост; објекти и други средства во сопственост на задругарите; трансформирниот општествен капитал во приватна сопственост врз основа на Законот за општествен капитал (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89 и 46/90) и Законот за исплата на личните доходи, на средствата за непосредна заедничка потрошувачка и средствата за исхрана на работниците во текот на работата (“Службен лист на СФРЈ” бр.37/90 и 84/90); водостопански објекти и постројки; институти и други организациони форми кои се во состав на претпријатијата односно земјоделските задруги кои стопанисуваат со земјоделско земјиште а кои ќе се конституираат како јавни установи; и други објекти и средства од јавен интерес утврден со друг закон.

Според Судот, во конкретниот предмет, подносителот на иницијативата погрешно го толкува оспорениот член 6 од Законот, кога тврди дека со него се задира во сопственоста над земјоделското земјиште.

Имено од содржината на оспорениот член јасно произ-легува дека станува збор за изземање на градежно и земјоделско земјиште кои со денот на влегувањето во сила на овој закон се во сопственост на Република Македонија.

Тоа значи дека при утврдувањето на вредноста на претпријатијата се иззема само градежното и земјоделското земјиште кои се во сопственост на државата, така што не станува збор за изземање на целото земјиште, а уште помалку за т.н нова национализација односно прогласување на целокупното земјоделско земјиште за сопственост на државата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата Олга Лазова го заменува претседателот на Судот и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.21/2001
23 мај 2001 год.
Скопје
л.а

ГО ЗАМЕНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
на Уставниот суд на Република
Македонија
судија: Олга Лазова