227/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 мај 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/2000), во делот на ставот 1 од членот 1-а.
2. Управниот одбор на Манастирот “Св. Никита”,општина Чучер Сандево, застпуван од Борис Вељановски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што манастирите ги предвидувал
како имот на Македонската православна црква, со што се повредувало правото на сопственост загарантирано со членот 30 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 1-а став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение се враќа имот, односно се дава надомест за имот на физички лица и на верски храмови, манастири и вакафи одземени по 2 август 1944 година. Судот, исто така, утврди дека со решение У.бр. 175/2000 година од 14 март 2001 година не повел постапка за оценување уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација во делот од ставот 1 од членот 1-а.
4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.Со оглед на тоа дека Судот се произнел за уставноста на оспорениот член о д Законот, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата Олга Лазова во својство на заменик на претседателот на Судот и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.227/2000
23 мај 2001 година
С к о п ј е