Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92 ) на седницата одржана на 11 април 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 24 став 1 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр. 28/96, 7/97, 21/98, 37/98, 63/98, 39/99, 81/99 и 37/2000).
2. Витомир Пешевски од Скопје на Уставниот суд му поднесе иницијатива за поведува постапка за оценување уставноста на член 24 став 1 од Законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што смета дека оспорената одредба е недоволно прецизна, воопштена и недоречена, па затоа овозможува како основачи на трговско друштво да се јават и политички партии, со што се повредува член 55 од Уставот според кој Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и дека политичка партија што е на власт, а основа трговско друштво, си обезбедува за себе односно за друштвото поповолна положба на пазарот, преку користење на законодавната власт.
3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 24 став 1 од Законот е предвидено дека друштво можат да основаат домашни и странски физички или правни лица.
Според член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а согласно став 2 Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Според мислењето на Судот, со оспорената одредба Законот на правно стандарден начин ја обезбедува слободата на претприемништвото како генерален принцип, определувајќи ги во членовите 1, 2, 3 и 4 стварните и статусните услови за стекнување својство на трговец во смисла на овој закон.
Прашањето на субјективитетот на политичката партија како трговец во смисла на овој закон, законот не го решава, така што на ниво на формална анализа својството на правно лице изгледа како доволен основ за основање на трговско друштво и запишување во трговскиот регистар.
Меѓутоа, Законот за трговските друштва очигледно не се занимава со тоа кое правно лице може или не може да основа трговско друштво, освен за странските правни лица, туку само определува дека трговско друштво може да биде основано од правно лице. Оспорената одредба не употребува термин “секое” физичко или правно лице, што не ја исклучува можноста некое правно лице да не може да основа трговско друштво ако тоа е неспојливо со целите поради кое тоа правно лице е основано според посебни прописи. Оттука, таа одредба ниту забранува, ниту дозволува одредени правни лица да основаат трговско друштво, напросто, тоа прашање останува надвор од овој закон. Овој закон не може да биде основ за основање на трговско друштво од страна на политичка партија или друго правно лице, ако некој друг закон за статусот и целите на тие правни лица тоа го забранува и обратно. Според тоа, оспорената одредба не е извор на права или ограничу-вања или, поинаку, таа не овозможува сама по себе политичка партија да основа трговско друштво.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 55 од Уставот и одлучи како во точка 1 од ова решение.
4. Судот ова решение го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У. бр. 7/2001
11 април 2001 година
Скопје
сгј
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов