Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 28 март 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 50 став 6 и член 69 став 2 точка 2 од Законот за судовите ( “Службен весник на Република Македонија” бр. 36/95, 45/95 – исправка).
2. Панче Докузов од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорените законски одредби на судиите, како граѓани на Република Македонија им се ускратувало правото да учествуваат во вршењето на јавните функции, како што се функциите пратеник, одборник, претседател на држава и сл., со оглед дека оспорените одредби од Законот биле толку ригорозни што судијата не можел “ни да помисли” да се кандидира за една од наведените функции и како “независен кандидат”, бидејќи според Законот тоа се сметало како потешка дисциплинска повреда поради што уште во процесот на предизборната кампања тој ќе бил разрешен од функцијата судија.
Поради наведените причини оспорените одредби од Законот не биле во согласност со член 23 од Уставот, според кој секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции, односно на сите граѓани им се гарантирало пасивно избирачко право и достапност под еднакви услови на сите функции.
Понатаму се наведува дека поради овие законски одредби досега во ниеден состав на Собранието на Република Македонија и совет на општина не било забележано судија да се кандидира, ниту да биде избран за пратеник, односно член на совет на општина, што имало за последица и донесување на неквалитетни закони и други прописи во овој период.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 50 став 6 од Законот, судијата не може да членува и да врши политичка функција во политичка партија или да остварува партиски и политички активности.
Според член 69 став 1 од Законот, судијата може да биде разрешен кога ќе изврши потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судската функција, а како потешка дисциплинска повреда според оспорениот став 2 точка 2 од овој член од Законот се смета “партиски и политички активности” на судијата.
4. Во член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, а според ставот 2 на истиот член, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапувааат.
Согласно член 22 став 1 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 година живот се стекнува со избирачко право, а според член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени само во случаи утврдени со Уставот.
Според член 98 од Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Според членот 99 од Уставот, судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот и истиот може да биде разрешен, освен во другите случаи утврдени во овој член, и во случај на потешка дисциплинска повреда пропишана со закон што го прави недостоен за вршење на судската функција, што ја утврдува Републичкиот судски совет.
Во членот 100 став 1 и 2 од Уставот утврдено е дека судиите уживаат имунитет за кој одлучува Собранието, а во ставот 3 и 4 од истиот член е утврдено дека судиската функција е неспојлива со вршење на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија и дека се забранува политичко организирање и дејствување во судството.
Разгледувајќи ги оспорените одредби од Законот во однос на наведените уставни одредби, според мислењето на Судот јасно произлегува дека забраната на судијата да членува во политичка партија, да врши политичка функција во политичка партија или да остварува партиски и политички активности и можноста за разрешување на судијата како последица од остварување на таквите активности, имаат директна или индиректна основа во сите наведени уставни одредби, а во прв ред во оние кои се однесуваат на уставниот концепт за судската власт, как о една од трите видови на државна власт утврдени во член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.
Имено, Уставот на Република Македонија, согласно принципот на поделба на власта, судската власт ја конституирал како самостојна и независна која ја вршат судовите вр з основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Како еден од условите за функционирање на судската власт согласно принципите на уставност и законитост и принципот на независност и самостојност на судовите, Уставот во членот 100 став 3 утврдил дека судиската функција е неспојлива меѓудругото и со членување во политичка партија.
Тоа значи дека забраната судијата истовремено да биде и член на политичка партија е утврдена во самиот Устав, а со одредбата на оспорениот член 50 став 6 од Законот се врши само операционализација на оваа уставна забрана и тоа на начин што според оваа законска одредба, освен членувањето во политичка партија, на судијата не му се дозволува да врши и политичка функција во политичка партија или да остварува партиски и политички активности.
Во тој контекст гледано оспорената одредба на членот 50 став 6 од Законот не отстапува од уставната определба за инкомпатибилноста на судиската функција со членувањето во политичка партија, односно на статусот судија со политичка припадност, поради што според мислењето на Судот и не би можело да се проблематизира во целина нејзината согласност со членот 100 став 3 од Уставот.
Покрај тоа, во функција на остварување на уставната определба на инкомпатибилност на судиската функција со членување во политичка партија, која во случајот и не е спорна, според мислењето на Судот е и оспорената одредба на член 69 став 2 точка 2 од Законот, затоа што како последица на партиски и политички активности, кои според Законот не се дозволени и се оквалификувани како извршување на потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција, е предвидена можност судијата да биде разрешен.
Ме?утоа, доколку оспорените одредби од Законот се доведуваат во корелација со членовите 22 и 23 од Уставот, од чиј аспект се оспорува нивната уставност, факт е дека со нив во извесна смисла се врши ограничување и на пасивното избирачко право на судијата и на неговото право да учествува во вршење на други изборни функции, покрај судиската, ако се има предвид дека судијата не може да учествува во изборниот процес како кандидат за претседател на Република Македонија, за пратеник во Собранието на Република Македонија и за член на советот на општина предложен од политичка партија, кои по правило се предлагаат од членовите на партијата.
Но, ако се има предвид дека начинот на предлагање на кандидати за наведените изборни функции е уреден во изборните закони на Република Македонија, според кои кандидатите за овие функции, освен другите овластени субјекти, ги предлагаат и политичките партии,како основен политички субјект и ако во случајот членот 100 став 3 од Уставот се гледа во контекст и на решенијата на изборните закони, несомнено произлегува дека ограничувањето на пасивното избирачко право на судиите се јавува како последица од забраната тие да членуваат во политички партии утврдена во овој чл ен од Уставот, а не од членовите 22 и 23 од Уставот. Инаку, оваа уставна забрана меѓу другото, има за цел судијата во својата работа да не се раководи од политичките ставови на партијата и да не е под влијание и притисок на партијата.
Тоа што во оспорената одредба на членот 50 став 6 од Законот се прави раздвојување на членството на судијата во политичка партија од вршењето на политичка функција во политичка партија и остварување на партиска и политичка активност, не значи дека судиите трпат поголеми ограничувања во поглед на остварувањето на пасивното избирачко право врз основа на таа одредба, од оние што индиректно произлегуваат од самата уставна забрана тие да членуваат во политички партии, бидејќи вршењето на политичка функција во политичка партија и остварувањето на партиски и политички активности, кои се утврдени како недозволени активности во оспорените одредби од Законот, според нивната природа, значење и конотација во која се употребени, се неразделни од членството во политичка партија, односно остварувањето на наведените активности не го исклучуваат членството во партијата.
При тоа, Судот смета дека смислата на одвојување на политичките од партиските активности во оспорените одредби има значење само за раздвојување на активностите што ги вршат членовите на политичката партија од типот на јавен политички настап со цел на јавно презентирање и застапување на политички ставови, како што се изборната кампања, што ја организира политичката партија, јавните трибини и сл., од учеството во нејзините активности “без јавен карактер” или т.н. скриени активности , односно работење во партијата без јавно презен-тирање и застапување на политичките ставови.
Меѓутоа, доколку и не е така, сепак, од аспект на уставно утврдената положба и функциите на судството и принципот на уставност и законитост и другите принципи на судското работење, може да се оправда законското ограничување односно забрана на политички активности на судијата од секаков вид и облик, независно од тоа дали тој е член или не е член на политичка партија и поради таквите активности судијата да биде разрешен, се со цел за целосна деполитизација на судската функција. Ваквото оправдување има формален основ и во член 99 став 3 алинеја 5 од Уставот, според кој право е на законодавецот со закон да ги утврди потешките дисциплински повреди што го прават судијата недостоен за вршење на судиската функција, како основ за негово разрешување, што впрочем законодавецот и го направил во член 69 од Законот за судовите.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У. бр. 171/2000
28 март 2001 година
Скопје
сгј
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов