У.бр.179/2000

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 март 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за усвојување на дел од Деталниот урбанистички план за II урбана единица Охрид бр.08-42/6 донесена од Советот на општина Охрид на 9.07.1997 година во делот кој се однесува на поместување на Ул. Славеј Планина КП.17337 кон градежно изградено земјиште означено со КП.16863 и 16864 и приклучување на поместениот дел кон локацијата 16865/1, 16865/2 и 16929.

2. Ѓорѓи Симоновски, Михајло Симоновски, Фанија Поповска, Јакуп Хусеини и Шазие Хусеини сите од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение затоа што по нацрт планот било спроведена јавна анкета со изложување на планот на јавно место, меѓутоа урбанистичкиот план усвоен со одлуката отстапува од нацрт планот кој бил на јавен увид и на кој граѓаните можеле да дадат свои забелешки.

3. Судот на седницата утврди дека по предметот У.бр.80/2000 од 28 февруари 2001 година Уставниот суд на Република Македонија ја укина Одлуката за усвојување на дел од Деталниот урбанистички план за II урбана единица Охрид бр.08-42/6, донесена од Советот на општина Охрид на 9 јули 1997 година.

Со оглед на тоа што оспорената одлука е укината во целост, Судот смета дека се исполнети условите од член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија и одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.179/2000
21 март 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов