220/2000-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 март 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 184 став 3 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/96 и 80/99).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 184 ставовите 2 и 4 од Кривичниот законик.
3. Македонскиот прес центар – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата уставната гаранција за еднаквоста на граѓаните на Република Македонија во слободите и правата и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите го обврзувала законодавецот доследно да ги спроведе и со конкретното нормирање на криви чно-правната заштита на угледот и честа на граѓаните да обезбеди нивна заштита под еднакви услови и на ист начин. Оспорените одредби ги повредувале овие уставни начела затоа што кривичниот прогон за кривичните дела предвидени во член 172, 173 и 174 од Кривичниот законик за определена категорија на граѓани, зависно од нивната општествена положба и функцијата што ја вршат, се вршел по предлог на оштетениот или по службена должност, а не по приватна тужба како и за другите граѓани на Република Македонија. Со оглед на тоа што според оспорените одредби кривичното гонење го презема јавниот обвинител подносителот на иницијативата смета дека различниот начин на покренување на кривичната постапка за исти кривични дела и кога е во прашање исто заштитно добро, воспоставувал нееднаквост меѓу граѓаните и обезбедувал повластена положба на определена категорија граѓани зависно од нивната општествена положба. Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека со преземањето на кривичното гонење од страна на јавниот обвинител за исти кривични дела, со оспорените одредби граѓаните се ставаат во нееднаква положба и во поглед на роковите предвидени за поднесување на приватната тужба, односно по предлог или по службена должност, во поглед на трошоците (граѓанинот ги сноси сам трошоците, додека кога кривичното гонење го врши јавниот обвинител трошоцит е паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија, сам да си собира докази за фактите битни за правилно пресудување и друго).
Од друга страна, со оспорените одредби од Законот на оваа категорија граѓани им било ускратено правото самостојно да ја остварат кривично-правната заштита од напад на нивниот личен интегритет, па според тоа тие биле ” депривелегирани” односно им биле ускратени права што ги уживале сите граѓани.
Оспорените одредби од Кривичниот законик, со самото постоење и со досегашната нивна примена произведувале “автоцензура и замрзнувачки ефекти” на слободата на мислата и јавното изразување на мислата. При тоа укажува дека и покрај тоа што во Европската конвенција за човековите права, исто така, поимот “автоцензура” и “замрзнувачки ефекти” не биле содржани, Европскиот суд за нив водел особена грижа при донесувањето на своите одлуки.
Според мислењето на пондосителот на иницијативата, во демократските системи правото и слободата на изразување и правото на заштита на угледот и честа на граѓаните биле две темелни спротивставени човекови права и не било спорно дека секое право е ограничено со друго право. Меѓутоа, спорно било прашањето за мерката и начинот на ограничување на едно право заради заштита на друго право, но во секој случај не било допуштено ограничување на востановените уставни права и слободи.
Ограничувањето на слободите и правата утврдени со Уставот било можно само под условите пропишани во членот 54 од Уставот во кои не можеле да се подведат оспорените одредби. Според тоа, ограничувањата на слободите и правата утврдени со Уставот во членот 54, не можеле да се однесуваат на правата и слободите кои се однесуваат на дискриминирање поради општествена положба на граѓаните, на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.
“Автоцензурата” и нејзините ефекти биле логична последица од позицијата на јавниот обвинител. Имено, на обвинетиот за кривичното дело навреда и клевета имало значење дали тужител бил јавниот обвинител или кривичното гонење се вршело по приватна тужба и несомнено дека кај обвинетиот предизвикувало вознемиреност и потреба дали да се соочи со јавниот обвинител и поради тоа откажување на објавување информации и мислење за определени личности и кога за тоа постои интерес кај граѓаните.
И на крајот во иницијативата се истакнува дека апсурдноста на кривичното гонење по службена должност се состоела и во тоа што заканата од кривичен прогон не доаѓала од личноста чија чест и углед се штителе, туку од јавниот обвинител и покрај тоа што биле во прашање лични, а не општестени вредности, што оценката за нечие лично чувство на навреденост, односно ненавредност од изнесеното ја врши друг субјект кој, поради отсуство на субјективна врска со изнесеното и со чувството за навреденост, прогонот го вршел исклучиво како работна задача.
4. Судот на седницата утврди дека според член 184 од Кривичниот законик гонењето за кривичните дела од член 172 до 175 (за клевета, навреда, изнесување на лични и семејни прилики и за кривичното дело омаловажување со префрлање за кривично дело), се презема по приватна тужба (став 1)
(2) Ако делата од член 172, 173 и 174 се сторени спрема претседателот на Република Македонија во врска со вршењето на неговата функција гонењето се презема по предлог (а не како што се тврди во иницијативата).
(3) Ако делата од членовите 172, 173 и 174 се сторени спрема лице кое се наоѓа на кандидатската листа, за време на изборите или непосредно пред гласањето, во време кога она што се изнесува или пренесува не можело да биде јавно негирано, гонењето се презема по службена должност.
(4) Ако делата од членовите 172, 173 и 174 се сторени спрема државен орган или нагов претставник, спрема службено или воено лице, во врска со нивната служба или остварување на нивната функција, гонењето се презема по предлог.
(5) Ако делата од членовите 172, 173 и 174 се сторени спрема умрено лице, гонењето се презема по приватна тужба од брачниот другар, децата, родителите, браќата или сестрите на умреното лице.
5. Според член 8 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Во членот 9 од Уставот е предвидено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно, меѓудругото, и од општествената положба.
Граѓаните пред Уставот се еднакви.
Правото на еднаквост кое Уставот го изразува преку гаранцијата дека граѓаните се еднакви независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и дека граѓаните се еднакви пред законите, е едно од најзначајните права и како такво претставува и темелна вредност на уставниот поредок на Републиката и по својата суштина ги негира дискриминацијата, привелегиите, повластувањата од секаков вид и по сите основи.
Рамноправноста и еднаквоста, независно од општествената положба е обврска за државата во нормативното уредување на односите во општеството да не допушти дискриминација, ниту привилегии по основ на образование, имотна положба ниту по основ на функција. Принципот “сите се еднакви пред законот, посебно го обврзува законодавецот со забрана во законите да внесува одредби со кои се прави разлика меѓу луѓето, како и обврска за органите при примената на законите, примената да ја вршат едкво спрема сите граѓани што значи во исти случаи да донесуваат исти одлуки, водејќи сметка за особеностите на случајот, а не според учесниците.
Тргнувајќи од сваќањето на уставната гаранција за еднаквоста на граѓаните во слободите и правата независно и од општественат аположба и дека тие се еднакви пред законите и од содржината на оспорените одредби, се поставува прашањето дали со посебното уредување на гонењето, односно со вклучувањето на јавниот обвинител не се привилигирани граѓаните токму поради тоа што вршат претседателска или друга функција.
Уставната гаранција почитувањето на достоинството и угледот на секој граѓанин предвидена во членот 25 од Уставот на секој граѓанин му гарантира заштита на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот токму затоа што тоа се вредности иманентни за човекот како индивидуа. Оттука и потребата за соодветното криминално-политичко вреднување на честа и угледот како добра што се од посебно значење за личноста.
Со оспорените одредби се утврдени условите под кои може да се преземе кривичното гонење за кривичните дела против честа и угледот од страна на јавниот обвинител. Основен услов што го предвидел законодавецот е делата да се сторени во врска со вршењето на пртседателската функција, спрема државен орган или негов претставник, спрема службено или воено лице, исто во врска со нивната служба или функција. Во овој контекст се поставува прашањето дали посебната заштита во кривичното гонење не произлегува од јавниот интерес да се заштитат носителите на овие функции и оттука потребата да се вклучи во кривичното гонење јавниот обвинител. Според мислењето на Судот посебното уредување на гонењето со оспорените одредби не е во привилегирањето на одделни лица, туку во прашање е дигнитетот на самата функција или служба изразена преку гарантирање на определена положба на личностите што ги извршуваат. Во тој контекст положбата на претседателот на Републиката, државниот орган или негов претставник, службено или воено лице не треба да се гледа изолирано од функцијата, односно службата што ја вршат. И самото битие на овие кривични дела дека повредата на честа и угледот се сторени во врска со вршењето на функцијата, го надминува прашањето на еднаквоста помеѓу граѓаните и го воспоставува односот на државата кон државничките функции.
Од друга страна, кога е во прашање претседателот на Републиката, кога делото е сторено против неговата чест и углед, а кривичните дела значат заштита на честа и угледот, како и кога делата од членовите 172, 173 и 174 се сторени према државен орган или негов претставник, спрема службено и воено лице во врска со нивната служба или остварувањето на нивната функција закокнодавецот препуштил на нивна диспозиција сами да одлучуваат во секој конкретен случај дали ќе бараат заштита на честа и угледот и приватноста. Имено, предлогот има значење на процесна претпоставка, тој е основ за гонење што значи дека со поднесување на предлогот претседателот и другите лица го изразуваат субјективниот однос кон стореното к ривично дело. Во случајов јавниот обвинител се јавува како застапник, а тој и приватниот тужител имаат иста процесна положба во кривичната постапка.
Во врска со наводот во иницијативата дека претседателот на Републиката и другите лица опфатени со оспорените одредби од Законот во случај на повреда на нивната чест и углед се “депривелегирани” во однос на останатите граѓани затоа што кривичниот прогон не можат да го остварат самостојно, туку степенот на повреда на нивната чест и углед ќе ги цени јавниот обвинител во нивно име, не може да се прифати од причини што предлогот за гонење до јавниот обвинител го поднесува оштетениот и тој до прависилноста на пресудата располага со предлогот.
Исто така, според мислењето на Судот не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со Уставот затоа што со нив на оштетениот му било ускратено правото на бранител од причини што со оспорените одредби не се засега во правото на бранител во кривичната постапка.
Според ставот 3 на член 184 од Кривичниот законик, ако делата се сторени према лице кое се наоѓа на кандидатска листа за време на изборите или непосредно пред изборите, во време кога она што се изнесува или пренесува не можело да биде јавно негирано, гонењето да се презема по службена должност. Според мислењето на Судот гонењето по службена должност значи ставање во нееднаква положба на овие граѓани со другите граѓни. Овие граѓани се во еднаква положба со другите граѓани и самиот факт што се на кандидатската листа не го изразува личниот однос н а кандидатот кон стореното дело, дали тоа што се изнесува е навреда или напад на честа и угледот. Понатаму, она што се изнесува и пренесува може да биде негирано и по завршувањето на изборите и граѓанинот својата заштита на честа и угледот може да ја оствари по приватна тужба. Со други зборови кандидатската листа не може да продуцира однос кандидат – држава па во таа смисла и гонењето да се презема по службена должност, поради што се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со член 9 од Уставот.
Според член 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на јавното изразување на мислата, а според ставот 2 се гарантира слободата на го ворот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Според ставот 3, се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации, а спроед ставот 4, се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Во ставот 5 на овој член е гарантирано правото на исправка во средствата за јавно информирање, а во ставот 6 се гарантира правото на заштита на изворот на ифнормацијата во средствата за јвано информирање. И според ставот 7 на членот 16 цензурата е забранета.
Од наведените уставни одредби, посебно од членот 8 и другите одредби од Уставот за слободите и правата на човекот и граѓанинот произлегува дека со нив се утврдени темелните вредности на уставниот поредок на Републиката во чија основа е човекот и граѓанинот со својата слобода и граѓански суверенитет. Затоа, Уставот слободите и правата на граѓаните ги дефинира категорично и прецизно и тоа според приницпот на недискриминација, а потоа и врз начелото на судска заштита на граѓанските права. Нивното ограничување е исто така прецизно утврдено во Уставот и не е допуштено нивно ограничување со закон. Во тој контекст слободата на мислата и јавното изразување на мислата не само што е основна човекова слобода туку и услов за остварување на сите други човекови слободи и права и за егзистенција на човекот како свесно човечко битие и како носител на општествено-политичките активности.
Слободата на мислата Уставот ја дефинира како апсолутно право на човекот без ограничување но само во сверата на мисловниот процес што неподразбира и со изразувањето на мислата. Содржината на слободата на јавното изразување на мислата не е ограничена само на човековото мислење како внатрешен психолошки процес, туку се однесува на слободата на човекот она што го мисли за природните и општествените појави што го опкружуваат да го соопшти на јавноста, што значи дека е услов за признавање на човековата индивидуалност, човековото достоинство и на човековата еднаквост и рамноправност. Оттука се поставува прашањето до каде е границата на слободата на изразување на мислата.
Според мислењето на Судот за разлика од слободата на мислата како мисловен процес, изразувањето на мислата не може да го повредува интегритетот, човековата индивидуалност, достоинство и приватност на другите граѓани.
Во врска со оспорените одредби на членот 184 од Кривичниот законик , тргнувајќи од ваквото сваќање се поставува прашањето какво е влијанието на овие одредби врз слободата на мислата и јавното изразување на мислата, односно ако се има предвид дека со оспорените одредби не се санкционира навредата, клеветата и изнесувањето на личните и семејните прилики, туку тие се од процесно-правна природа, се поставува прашањето дали гонењето по предлог, односно по службена должност е елемент за ограничување на слободното изразување на мислата или е во функција на заштита на субјектот кој врши јавна функција.
Тргнувајѓи од фактот дека кривичните дела навреда и клевета се инкриминирани само кога се изнесуваат или пренесуваат невистини, ќе навреди друг или пренесува нешто од личниот и семејниот живот на некое лице што ќе му наштети, според мислењето на Судот, самиот Кривичен законик определувајќи го битието на кривичните дела веќе воспоставил заштитен механизам за пасивниот субјект, односно вид на автоцензура на оној што го извршил делото. Со други зборови границите на слободното изразување на мислата се правата и слободите на другите граѓани. Слободата на мислата и изразување на мислата е заштитена ако она што се изнесува е вистинито и во тој случај субјектот се иззема од одговорност. Оттука, според мислењето на Судот, информирањето треба да се заснова на строго професионални кодекси за навремено и точно информирање, одбегнување на навреди, повреди на приватноста и семејноста, како и изнесување на факти или набедување.
Во членот 25 од Уставот е содржана уставната гаранција според која на секој граѓанин му се гарантира заштитата на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Судот смета дека и од аспект на оваа уставна гаранција не може да се постави прашањето за уставноста на оспорените одредби на ставовите 2 и 4 на членот 184 од Кривичниот законик затоа што оштетениот со предлогот за кривичното гонење самиот го определува односот кон кривичното дело односно оставено е на негова проценка дали со предлогот за кривичното гонење се повредува неговата приватност и семејност.
Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 на ова решение.
При одлучувањето Судот ги имаше предвид и меѓународните документи за остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, особено Европската конвенција за заштита на човековите права, Универзалната декларација за човековите права и други, според кои остварувањето на овие слободи може да биде ограничено под определени формалности, услови, ограничувања и санкци и предвидени со закон кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за заштита, меѓудругото, и на угледот и правата на другите.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков. д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски и тоа едногласно за неповедување постапка за оценување на уставноста на ставовите 2 и 4, а со мнозинство гласови за поведувањ е постапка на ставот 3 на член 184 од Кривичниот законик.
У.бр.220/2000
14 март 2001 год.
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов