184/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 март 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 38 став 2 во делот “и 2 години по завршувањето” и член 54 од Статутот на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и здруженијата на граѓани на Република Македонија донесен на 31 октомври 1997 година.
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Статутот означен во точката 1 од ова решение. Иницијаторот смета дека делот од членот 38 став 2 кој гласи “и 2 години по завршувањето” не бил во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот како и со член 83 став 2 од Законот за работните односи според кој посебната заштита на претставникот на синдикатот трае за време на неговиот мандат. Исто така, иницијаторот смета дека членот 54 не бил во согласност со член 38 од Уставот, како и со член 1 став 2 од Законот за штрајк и членот 79 од Законот за работните односи, затоа што правото на штрајк можело да се уредува и остварува само во согласност со закон, а не и со Правилата за штрајк.
3. Согласно член 110 став 1 алинеја 7 од Уставот Уставниот суд одлучлува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.
Според член 37 од Уставот на Република Македонија, заради остварување на своите економски и социјални права граѓаните имаат право да основаат синдикат.
Ова право на граѓаните е поместено во делот од Уставот кој ги обработува економските, социјалните и културните права на човекот и граѓанинот. За разлика од ова, членот 20 според кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, културни и други права и уверувања, е сместен во делот од Уставот кој ги третира граѓанските и политичките слободи и права.
Синдикатот како најмасовен и најраспространет облик на организирање на граѓаните е предмет на обработка и на Законот за работните односи.
Имено, организациите кои работниците ги основаат заради остварување на нивните економски и социјални права од работен однос утврдени со закон и со колективен договор се организираат и ја вршат својата функција согласно одредбите од овој закон, за разлика од класи чните здруженија на граѓани кои се организираат според Законот за здруженија на граѓани и фондациите.
Според членот 76 од Законот за работни односи, заради остварување на своите економски и социјални права од работниот однос утврдени со закон и колектив ен договор работниците имаат право да основаат синдикати. Оваа законска одредба, прво конкретизира дека остварувањето на економските и социјалните права треба да бидат од работен однос и второ, наместо поимот граѓанин употребен е зборот работници. Оваа разлика произлегува од таму што законот најверојатно го сваќа синидкатот како посебен облик на организирање на работниците заради остварување на нивните економски и социјални права од работниот однос кои се утврдени со закон и со колективен договор.
Понат аму, според членот 76 став 3 од Законот, работниците и работодавците имаат право без претходно одобрение да основаат организации по свој избор и да пристапуваат на овие организации под условите утврдени во статутот. Според тоа, може да се извлече заклучок дека статутот има “основачки” карактер со кој се утврдува внатрешната организација на синдикатот, правата и обврските на членовите, начинот на кој ќе ја вршат синдикалната активност, управувањето со организацијата, начинот на изборот и надлежноста на органите на организацијата, начинот на финансирањето и други прашања. При тоа, согласно Законот (член 82) работодавецот е должен да создаде услови за активноста на синдикатот во врска со заштитата на правата на работниците од работен однос.
И во однос на регистрацијата, синдикатот се разликува од здруженијата на граѓаните. Имено, согласно Законот, синдикалната организација се запишува во посебен регистар кој го води органот на државната управа надлежен за работите на трудот односно Министерството за труд и социјална политика.
Друга работа што го прави синдикатот поинаков од здруженијата на гра?аните е неговото активно учество при склучувањето на колективните договори. Според член 88 од Законот за работните односи, на ниво на Република Македонија, организацијата на мнозинскиот синдикат и организацијата на работодавците склучуваат општ колективен договор кој се однесува на работниците и работодавците во стопанството на Републиката и општ колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска деност. Согл асно член 89 од овој закон, на ниво на гранка колективен договор склучуваат надлежната организација на синдикатот и надлежната организација на работодавците определени со статутот на организцијата на синдикатот и на организацијата на работодавците, а според член 90 од овој закон, на ниво на работодавец колективен договор склучуваат управниот одбор или друг соодветен орган на управување утврден со закон односно со статутот на работодавецот односно работодавецот и синдикатот.
И во однос на уставно гарантираното право на штрајк синдикатот има посебна улога што го разликува од класичното здружение на граѓани. Имено, согласно Законот за штрајкот, одлука за стапувањ е во штрајк на работниците во организацијата, во дел од организација или кај работодавец донесува органот на синдикалната организација на таа организација, на делот од организацијата или кај работодавецот. Одлука за стапување во штрајк на работниците на ниво на гранка или дејност донесува органот на синдикатот на таа гранка или дејност. Одлука за стапување на работниците во генерален штрајк донесува највисокиот орган на сидникатот во Републиката.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека синдикатот претставува првенствено општествено економска организација која ги обединува граѓаните – работници врз доброволна основа и која ги претставува и ги штити нивните економски и социјални права и интереси што произлегуваат од работен однос. Со оглед на тоа што синдикатот е всушност посебен облик на организирање на работниците, Судот оцени дека Статутот на синдикатот не може да биде предмет на оценка пред Уставниот суд на Република Македонија.
4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џ унов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.184/2000
7 март 2001 год.
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов