120/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 февруари 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 122 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 122 од законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи оспорената одредба не била во согласност со член 27 став 3 од Уставот. Ограничувањето на слободата на движењето, престојот или населувањето можело да се ограничи само со закон, а не и со уредба и тоа единствено заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето, а не и заради заштита на интересите на одбраната како што било предвидено во оспорената одредба од Законот.
3. Судот на Седницата утврди дека според членот 122 од Законот за одбрана, заради заштита на интересите на одбраната со уредба, Владата ги утврдува зоните во кои се ограничува слободата на движењето, престојот или населувањето.
4. Според член 27 од Уставот, секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште, како и право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.
Според член 28 од Уставот, одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин, а остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.
Според член 122 став 2 од Уставот, одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во контекст на иницијативата, а врз основа на наведеното, неспорно е дека правата на граѓаните слободно да се движат на територијата на Републиката и слободно да го избираат своето место на живеење како и правото да ја напуштаат и да се враќаат на територијата на Републиката може да се ограничи со закон меѓу другото и кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката.
Собранието на Република Македонија како носител на законодавната власт, го донесе Законот за одбрана со кој се уредува положбата, правата и обврските на основните субјекти на системот на одбраната (граѓаните, органите на државната власт и армијата), како и положбата на носителите на извесни обврски во рамките на овој систем (претпријатија, јавните установи и служби и единиците на локалната самоуправа), местото и задачите на цивилната заштита, елементите на обучувањето за одбрана и безбедноста во областа на одбраната.
Меѓутоа, овој закон не ја уредува материјата од областа на одбраната во детали туку оставил можност оваа материја да се доразвива односно да биде предмет и на подзаконска регулатива. Во таа смисла, Законот дава голем број изречни овластувања за донесување на подзаконски акти од кои најбројни се уредбите на Владата и правилниците на министерот за одбрана.
Во главата ВИИИ од Законот која се однесува на БЕЗБЕДНОСТ НА ОДБРАНАТА утврдено е во членот 119 дека безбедноста во одбраната опфаќа мерки, активности и постапки што се преземаат заради заштита на тајноста на податоците, информациите, документите, средствата, објектите и зоните од значење за одбраната на Републиката (тајни податоци).
Според членот 122 од Законот, заради заштита на интересите на одбраната со уредба Владата ги утврдува зоните во кои се ограничува слободата на движењето, престојот или населувањето.
Оттука произлегува дека со Законот за одбрана е утврдена потребата од постоење на зони од значење за безбедноста во одбраната, а воедно Законот ја овластува Владата точно да ги назначи зоните во кои заради безбедноста во одбраната се ограничува слободата на движење, престој или населување.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата Олга Лазова која го заменуваше претседателот на Судот и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски , д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.120/2000
21 февруари 2000 год.
С к о п ј е
сд/.

ГО ЗАМЕНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
на Уставниот суд на Република
Македонија
судија: Олга Лазова