182/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.70/92), на седницата одржана на 21 и 28 февруари 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 85 во делот “и две години потоа” и член 89 во делот ” колективен договор” од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” 6р.53/95, 11/98).
2. СЕ ОТФРЛА делот од иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 89 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение, во делот “и Правилата за штрајк”.
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на дел од одредбите на членовите 85 и 89 од Колективниот договор
означени во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорениот дел на член 85 од наведениот колективен договор не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со членот 83 став 2 од Законот за работните односи, бидејќи спред овој член од Законот посебната заштита на претставникот на синдикатот траела само за време на неговиот мандат, а не и по две години по истекот на мандатот, како што било утврдено во оспорениот дел на овој член од Колективниот договор.Членот 89 од Колективниот договор во делот “колективен договор и Правилата за штрајк”, според наводите во иницијативата, пак не бил во согласност со член 38 од Уставот, член 1 став 2 од Законот за штрајк и член 79 од Законот за работките односи, затоа што според наведените уставни и законски одредби, правото на штрајк можело да се остварува само во согласност со закон, а не и во согласност со колективен договор и Правилата на штрајк, како што било предвидено во оспорениот дел на овој член од Колективниот договор.
4. Судот на седницата утврди дека според член 85 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија, посебната заштита на претставникот на Синдикатот трае за време на неговиот мандат и две години потоа, а додека според членот 89 од овој колективен договор правото на штрајк работниците во државните, правосудните и органите на локалната самоуправа го остваруваат во согласност со закон, колективен договор и Правилата за штрајк.Судот на седницата, исто така утврди дека со Одлука У.бр. 125/98 од 18 ноември 1998 година го укина оспорениот член 89 од овој колективен договор во делот “и Правилата на штрајк” поради тоа што оценил дека овој дел од член 89 не е во согласност со член 32 став 5 и член 38 од Уставот на Република Македонија, од кои членови според мислењето на Судот, произлегувало дека остварувањето на правото на штрајк како право што произлегувало од работен однос се уредува со закон и колективен договор, а не и со Правила на штрајк, а ограничувањето на условите за остварување на ова право може да биде уредено единствено со закон.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другото е утврдено и владеењето на правото, а според членот 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и закон.Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.Според член 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк, а со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на Управата.Од содржината на ставот 1 на член 38 произлегува дека Уставот не ги предвидува условите односно битните елементи на остварувањето на правото на штрајк ниту упатува тие да се уредат со закон, освен што во ставот 2 е предвидено дека со закон можат да се ограничат условите за остварувањето на правото на штрајк во означените области (вооружените сили, полицијата и органите на управата).Но и покрај немање на изрично уставно овластување за законско нормирање на условите под кои може да се остварува правото на штрајк, не е спорно дека овие услови треба да бидат утврдени со закон, а за потребата од тоа се има произнесено и Уставниот суд во случаи кога ја оценувал уставноста на одделни одредби од законите со кои се уредува остварувањето на ова право.Поаѓајќи од тоа, условите за остварувањето на правото на штрајк се уредени во повеќе закони меѓу кои се Законот за штрајк (“Службен лист на СФРЈ” 6р.23/91), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применува како републички пропис, Законот за јавните претпријатија, Законот за енергетика, Законот за македонските железници, во најновиот Закон за државните службеници и др.Така, според член 1 став 1 од Законот за штрајк, штрајкот е организиран прекин на работата на работниците заради остварување на економските и социјалните права и интереси по основ на трудот, а според ставот 2 на истиот член, во однос на кој директно се оспорува наведениот дел од член 89 од Колективниот договор правото на штрајк се остварува под условите утврдени со овој закон. Инаку, членовите 7, 8, 9, 10 и 15 од овој закон престанаа да важат за штрајкот во јавните претпријатија, со оглед дека овие прашања се уредени во Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на РМ” бр.38/96). Понатаму, во член 83 став 2 и член 79 од Законот за работните односи, во однос на кои, исто така, се оспорува законитоста на оспорените делови од членовите од Колективниот договор означени во точките 1 и 2 од ова решение утвррдено е дека посебната заштита на претставникот на Синдикатот трае само за време на неговиот мандат, односно дека заради остварување на своите економски и социјални права од работен однос, работниците имаат право на штрајк, во согласност со закон. Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, како и досегашната уставно судска практика во слични предмети, Судот утврди дека и во конкретниот случај оценувањето на уставноста и законитоста на оспорените делови од членовите 85 и 89 од наведениот колективен договор не може да се посматра изолирано од членот 32 став 5 од Уставот, иако тие не се оспоруваат од аспект на овој член од Уставот. Ова од причини што согласно овој член од Уставот нормативното уредување на остварувањето на правата од работен однос, поделено е на законодавна (државна функција) и колективно-договорна (недржавна нормативна функција).Притоа, иако Уставот не ја определува соржината и обемот на уредување на правата со овие два вида акти, неспорно е дека колективните договори и законот не се на исто рамниште, но напротив колективните договори во однос на законот се од секундрно значење што значи дека со нив може и треба да уредуваат одделни особености надвор од минимумот што ќе биде утврден во законот. Или, со други зборови, со колективните договори се доуредуваат во согласност со закон одделни права, обврски и одговорности, како и обемот и начинот на остварувањето на правата и другите прашања од интерес за работниците и работодавецот и со нив не може да се утврдуваат помали права и понеповолни услови за работа утврдени со закон. Ваквиот однос на колективните договори спрема законот, меѓу другото, произлегува и од членовите 84 до 97 од Законот за работните односи.Оттука, независно од тоа што во членот 83 став 2 од Законот за работните односи е утврдено дека посебната заштита на претставникот на Синдикатот трае само за време на неговиот мандат, а во оспорениот дел на членот 85 од Колективниот договор е утврдено таа да трае и две години по истекот на мандатот, според мислењето на Судот не може да се постави прашањето за согласноста на овој дел од наведениот член од Колективниот договор со Уставот и означената одредба од Законот за работните односи, со оглед дека во конкретниот случај несомнено се работи за утврдување на поголема заштита на претставниците на синдикалните организации која што е- во функција на обезбедување и на поповолни услови за нивна активност и дејствување на планот на остварувањето и заштитата на правата на работниците што произлегуваат од работниот однос, што е во согласност со уставната и законската концепција за колективните договори.Исто така, имајќи го предвид наведеното, пред Судот не се постави како спорно ниту прашањето за уставноста и законитоста на член 89 во делот “колективен договор”, од причини што, според мислењето на Судот, одделни прашања во врска со остварувањето на правото на штрајк, како и на другите права од работен однос, може директно врз основа на членот 32 став 5 од Уставот да се уредат и со колективен договор по услов неговите одредби да не се во спротивност прво, со Уставот, а потоа, и со Законот за штрајк или со другите закони со кои се уредува остварувањето на ова право во одделни област, односно дејности, што 6и било предмет на оценување на секој конкретен колективен договор што содржи такви одредби, што не е случај со оспорениот дел од одредбата на овој колективен договор, кој е само упатувачка норма.
6. Со оглед на тоа што одредбата на членот 89 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија во делот “и Правилата за штрајк” бил предмет на оценка пред Судот и со одлука У.бр.125/98 од 18 ноември 1998 година овој дел од
одредбата е укинат и дека со денот на објавувањето на оваа одлука во “Службен весник на РМ” оваа одредба во овој дел не е повеќе дел од правниот поредок, согласно член 28 од Деловникот, постојат процесни пречки за одлучување по делот на иницијативата со кој се оспорува уставноста и законитоста на овој
дел од одредбата.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение, во делот од точката 1 кој се однесува за член 85 од Колективниот договор Судот го донесе со мнозинство гласови, а во останатиот дел едногласно, во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д- р Стојмен
Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 182/2000
21 и 28 февруари 2001 година
С к о п ј е