Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 февруари 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 58 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/00).
2. Манчо Манчев, адвокат од Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 58 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се уредувало државните службеници да земаат плата за неизвршени работи, со што тие се доведувале во привилегирана положба во однос на другите работници и лицата корисници на социјална помош, што не било во согласност со член 9 став 2, член 32 став 3 и 5 од Уставот и со член 69 од Законот за работните односи.
3. Судот на седницата утврди дека според член 58 од Законот за државните службеници, за време на штрајк државниот службеник има право на плата во висина од 100% од платата што ја примил претходниот месец.
4. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во согласност со член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 3 од Уставот секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според став 3 од овој член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Со член 38 став 1 од Уставот се гарантира правото на штрајк, а според став 2 од овој член на Уставот, со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Со Законот за државните службеници се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, како и системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници. За прашањата што не се уредени со овој закон и за прашањата за кои овој закон не упатува на примена на друг закон, а се однесуваат на државните службеници, во согласност со член 4 од овој закон, се применуваат општите прописи за работните односи.
Според член 27 став 1 од Законот, државните службеници се должни во остварувањето на правото на штрајк да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на органот од член 3 став 2 на овој закон, неопходното ниво во остварувањето на правата и интересите на граѓните и на правните лица и извршувањето на ратификуваните меѓународни договори, а според став 2 од овој член на Законот, министерот, односно функционерот кој раководи со органот од член 3 став 2 на овој закон, со акт го определува неопходниот минимум на државни службеници кои ќе работат заради обезбедување на условите од став 1 на овој закон.
Со член 33 став 1 од Законот се уредува дека државниот службеник има право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со овој закон, а според оспорената одредба на член 58 од овој закон, за време на штрајк државниот службеник има право на плата во висина од 100% од платата што ја примил претходниот месец.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, според мислењето на Судот, јасно произлегува дека правото на штрајк е едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот. Тоа право, како едно од основните економски и социјални права е уставно загарантирано. Уставот не ја исклучува можноста со закон да се уреди начинот на остварувањето на одделни слободи и права, со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите слободи и права. Во таа смисла, не постои пречка со закон да се уреди начинот на остварување на правото на штрајк, односно начинот на однесување на субјектите во остварувањето на ова уставно гарантирано право, водејќи притоа сметка при уредувањето на овие односи да не се доведе во прашање уставната гаранција за остварување не само на правото на штрајк, туку и на другите со Уставот гарантирани слободи и права. Гарантирајќи го правото на штрајк, со Уставот е уредено дека со закон може да се ограничат условите за остварување на тоа право во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Понатаму, остварувањето на правото на штрајк како право што произлегува од работниот однос се уредува со закон и колективен договор, а ограничувањето на условите за остварување на правото може да биде уредено единствено со закон. Врз основа на овие уставни принципи, со Законот за државните службеници е уредено дека државните службеници се должни во остварувањето на правото на штрајк да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на органот, неопходно ниво во остварувањето на правата и интересите на граѓаните и на правните лица и извршувањето на меѓународните договори.
Врз основа на наведеното, а имајќи ја предвид оспрената одредба од Законот со која е утврдено дека за време на штрајк државниот службеник има право на плата во висина од 100% од платата што ја примил претходниот месец, според мислењето на Судот, поаѓајќи од статусот и положбата на државните службеници, а имајќи го предвид фактот дека и тие имаат право на штрајк под условите за остварување на ова право утврдени со закон и дека имаат право на соодветна заработувачка, односно плата и надоместоци на плата под условите и критериумите утврдени со закон, со оспорената одредба не се уредуваат односи спротивни на Уставот. Имено, законодавниот орган има уставен основ да ја определи висината на платата на државните службеници и за време кога тие го остварувале правото на штрајк. Ограничувањето на таквото право би значело и ограничување на уставно загарантираното право на штрајк, а дали висината на платата на државниот службеник кога го остварува тоа свое право е мала или голема е фактичко прашање за кое се определил законодавецот.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба е во рамки на уставно утврдените принципи за основните слободи и права на човекот и граѓанинот, поради што не го постави прашањето за нејзината согласност со напред наведените одредби од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.19/2001
14 февруари 2001 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов