Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 декември 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 28 став 1 од Законот за политичките партии (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/94), во делот што се однесува на “приходи, од сопствен имот”.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување остапка за оценување законитоста и исправноста на (1) Договорот за продажба на побарување, склучен помеѓу Агенцијата на Република Македонија за санација на банка од Скопје и Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ од Скопје на 12 јануари 2000 година, (2) постапката за продажба на имотот на Задругата и (3) постапувањето на Управниот одбор на означената агенција во прв и во втор степен по барањето на Задругата да го плати својот долг.
3. Политичката партија “Демократски сојуз” од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на делот од Законот означен во точката 1 од ова решение, а Земјоделската задруга “единство” од село волковија кај Тетово на Судот му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста и исправноста на актите и дејствата означени во точката 2 од ова решение.
4. а) Според наводите во иницијативата на Политичката партија, предвидувањето во означената законска одредба, политичките партии да стекнуваат средства, покрај другото, и од приходи од сопствен имот, заради свое дејствување, политичките партии го користелке во насока на формирање трговски друштва односно правни лица кои вршат стопански дејности, со што се создавале претпоставки и политичките партии (или фирмите формирани од нив) да учествуваат и стекнуваат предност во приватизацијата на други фирми, да добиваат концесии, да стекнуваат разни поволности од позиција на власт, а тоа или (1) не било во согласност со уставните основи и цели за формирање и дејствување на политичките партии определени во членот 20 од Уставот или (2) требало да се определат границите на примената на наведените два извори на финансирање на политичките партии со толкување што би го дал Уставниот суд.
б) На седницата Судот утврди дека, според член 2 од Законот “политички партии се оние организирани групи на граѓани кои се залагаат за учество во власта”, од што недвосмислено произлегува одговорот на прашањето каква е правната положба на овој правен субјект.
Понатаму, Судот утврди дека, според член 3 став 1 од Законот, “граѓаните слободно основаат политички партии со цел (1) да ги остваруваат и заштитуваат политичките, економските, социјалните, културните и други права и уверувања на своите членови и учествуваат во процесот на донесување на политички одлуки и (2) да учествуваат во постапката за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија и одборници во собранијата на општините и Собранието на Град Скопје”, од што, исто така, недвосмислено произлегува одговорот на прашањето кои се целите на политичките партии.
Потоа, во врска со средствата за дејствување на политичките партии, Судот утврди дека, според член 28 став 1 од Законот, “политичките партии средствата за своето дејствување можат да ги стекнуваат од членарина, прилози, приходи, од сопствен имот, кредити, подароци, дотации, легати и од Буџетот на Република Македонија”.
в) Според член 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања (став 1), при што оваа одредба е систематизирана во делот од Уставот посветен на граѓанските и политичките слободи и права.
Од изнесената уставна одредба, според мислењето на Судот, произлегува дека (1) политичките партии се граѓански здруженија (а не трговски) и дека (2) целите на здружувањето се од глобална општествена и тоа политичка, економска, социјална, културна и друга природа (а не од интерес на еден дел од општеството-на пример, само за членовите на една партија). Оттука, понатаму произлегува дека дејствувањето на политичките партии (односно на граѓаните кои ја сочинуваат) е од идејна или духовна природа, од содржински аспект гледано, како и од општа или глобална природа, од формален аспект гледано, а не е од непосредно материјален интерес и само за една група на граѓани – на пример, членови на една партија. Според тоа, политичките партии, разбрани како одредена група на граѓани здружени по сопстве н избор врз основа на истоветна идејна и глобална основа, всушност треба да обезбедат противтежа во општеството како целина на трговските субјекти односно на оние други групи на граѓани или на поединците чија основа на дејствување е материјален и парцијален (групен или поединечен) интерес. Натпреварот помеѓу наведените две “спротивставени” категории, но без краен победник, значи истовремено опстојување (неуништување) на различни вредносни структури, чие меѓусебно конкурирање го обезбедува напредокот на општеството, при што таквото општество е демократско бидејќи во него “има место” за сите вредности, иако тие се различни. Правото, пак, како средство за регулирање на односите во сите сфери на општественото живеење, треба да овозможи сигурност на постоењето на таквото општество и на различните вредности во него, но така што ќе содржи прецизни мерила за категориите што ги уредува.
Со оглед на тоа што оспорениот дел од член 28 став 1 на Законот содржи непрецизиран обем на изразите “приходи од сопствен имот” (во смисла: само во рамките на политичкото дејствување, а не и како стопански дејности), со што таквата содржина овозможува во стварноста нарушување на уставниот концепт за функциите (правата и обврските) и целите на политичките партии проектиран со член 20 став 1 од Уставот, потоа што таквата норма овозможува нејзино различно интерпретирање и применување и со тоа повреда на владеењето на правото како темелна вредност на правниот поредок утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, и со што се дове дува во прашање слободата на пазарот и претприемништвото односно еднаквата правна положба на субјектите на пазарот определена во член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, Судот основано изразува сомнение согласноста на наведениот дел од законската одредба со означените уставни определби.
Поради тоа, Судот одлучи како во точкатаа 1 од ова решение.
5. а) Според наводите во иницијативата на Земјоделската задруга, Договорот со кој Агенцијата за санација на банка го продава своето побарување кон Задругата на Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, бил склучен пред да се одлучи по жалбата на задругата упатена до Агенцијата (Договорот е склучен на 12 јануари 2000 година, а жалбата е разгледувана на 8 февруари 2000 година), поради што Договорот бил незаконит.
Понатаму во врска со постапката за продажба на имотот на Задругата, пред склучувањето на означениот договор, Задругата не била известена за таква намера иако според правилата на Агенцијата (Процедури за продажба на побарувања на трети лица, бр.02-352/1, донесени од Агенцијата на 18 февруари 1999 година) тие морале да ја известат Задругата за тоа, поради што практичните дејства на Агенцијата не биле во согласност со Процедурите. Исто така, Агенцијата направила уште еден пропуст во постапката на продажба на имотот на Задругата. После првата неуспешна објава на продажбата (од 15 октомври 1999 година), Задругата не била повикана да го плати долгот, а што требало да се направи со оглед дека Задругата не била информирната за објавата.
Во врска со постапувањето на Управниот одбор на Агенцијата во прв и во втор степен (првиот пат по барањето на Задругата да го плати својот долг, а вториот пат по жалбата на Задругата), иницијаторот смета дека тоа не е во ред ” бидејќи едни исти луѓе треба да ја негираат својата претходно донесена одлука”.
б) Со оглед на тоа што (1) оспорениот договор, според својата содржина, не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот (туку поединечен акт) и што (2) постапувањето на Агенцијата односно (3) на нејзиниот управен одбор се дејства поврзани со имот на стопански субјект (Задругата), тие прашања излегуваат надвор од надлежноста на Устаавниот суд утврдена во член 110 на Уставот и се во делокруг на редовните судови, поради што Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение, во однос на точката 1 со мнозинство гласови, а во однос на точката 2 едногласно, Судот го донесе со во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.45/2000 и У.бр.61/2000)