Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 декември 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 9 став (1) точка 5) од Законот за државните службеници (“Сл. весник на РМ” бр. 59/2000).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 9 став (1) точка 5) од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оваа законска одредба не била во согласност со член 13 став 1 и член 14 став 1, а во врска со член 32 став 2 и 54 став 1 од Уставот бидејќи со неа се вршело трајно ограничување на правата и положбата на граѓаните, иако таквите ограничувања не биле допуштени, освен ако тоа не било предвидено со Уставот.
Како аргументи за неуставноста на оспорената законска одредба подносителот го наведува и член 66 од Кривичниот законик според кој судот е тој што го определува траењето на мерката забрана на вршење на професија, дејност или должност, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од десет години, понатаму член 110 став 3 од истиот законик, според кој застареноста на извршувањето на оваа мерка настапува кога ќе помине времето за кое е изречена таа мерка, како и член 106 став 5, исто така од овој законик според кој никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорената одредба (точка 5) на став (1) на член 9 од Законот), помеѓу другите услови под кои може да се вработи лице како државен службени, е утврдено и на лицето да не му е изречена мерка на безбедност-забрана на вршење професија, дејност или должност.
4. Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Во член 54 став 1 од Уставот предвидено е дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничуваат само во случаи утврдени со Уставот.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Разгледувајќи ја оспорената одредба од Законот во однос на означените одредби од член 32 став 2 и 5 од Уставот, Судот смета дека утврдувањето на лицето да не му е изречена мерка на безбедност-забрана на вршење професија, дејност или должност, како еден од условите што лицето мора да го исполнува за да може да се вработи како државен службеник, има непосреден основ токму во наведените уставни одредби. Ова затоа што со оспорената одредба всушност се уредува начинот, односно еден од условите под кои се обезбедува остварувањето на правото на работа во државните органи, во чија функција, со оглед на специфичностите по вид, сложеност и значење на работите што ги вршат државните службеници, а кои се поврзани со функциите на државата, законодавецот се определил во членот 9 од Законот, освен овој услов, да утврди и други посебни, односно поинакви услови од оние што се утврдени во општите прописи за работните односи.
Оттука, правото на вработување како државен службеник, според дикцијата на членот 9 од Законот му е достапно на секој граѓанин под условите утврдени во тој член, или со други зборови, достапноста на работното место како државен службеник во овој член од Законот е условено со исполнување на еднакви услови на сите потенцијални кандидати за кои подеднакво важи и условот на сите тие кандидати да не им е изречена и мерка на безбедност – забрана на вршење професија, дејност или должност, поради што, според мислењето на Судот, уставноста на оспорената одредба не може да се проблематизира, доколку истата се оценува од аспект само на членот 32 став 2 и 5 од Уставот.
Меѓутоа, со оглед дека уставноста на оваа одредба се оспорува од аспект и на членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, при оценката на нејзината уставност Судот ги имаше предвид и двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во означените одредби на член 13 и 14 од Уставот, а тоа се, прво, дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна, односно санкција само со правосилна судска одлука и второ, дека сторителот може да биде казнет само за дело кое пред да биде сторено било утврдено со закон или друг пропис и за кое е предвидена казна. Ова, од друга страна значи дека казнено-правниот однос се исцрпува во релацијата на казнивото дело и судски изречената казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од казната за тоа дело кои се состојат во ограничување на другите права на граѓаните, односно на сторителот на казнивото дело, не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.
Тргнувајќи од ваквата суштина на двата принципа предвидени во означените одредби на член 13 и 14 од Уставот, од една страна, како и содржината на оспорената законска одредба со оваа иницијатива, од друга страна, Судот утврди дека и покрај тоа што со оспорената одредба се врши времено ограничување на правата и положбата на граѓаните, во конкретниот случај на правото на вработување како државен службеник на лицата на кои им е изречена мерката на безбедност – забрана на вршење на професија, дејност или должност, сепак ваквото ограничување согласно оваа одредба од Законот настапува како последица која одговара на природата и содржината на самата мерка на безбедност – забрана на вршење на професија, дејност или должност што судот веќе претходно ја изрекол на сторителот на определено кривично дело, а не од било која друга кривична санкција (казна ) и по сила на самиот закон.
Имајќи предвид дека, согласно член 66 став 2 од Кривичниот законик траењето на оваа мерка го определува судот, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од десет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката, логично произлегува дека и ограничувањето на правото на вработување на лицата како државни службеници на кои им е изречена оваа мерка на безбедност ќе трае онолку време колку што е определено со одлуката на судот, а не неограничено како што смета подносителот на иницијативата, се разбира доколку во меѓувреме осуденото лице не е рехабилитирано, што значи предвремен престанок на мерките на безбедност и правните последици на осудата и бришење на осудата од казнената евиденција.
Според мислењето на Судот, условувањето на правото на вработување како државен службеник со неизречена мерка на безбедност – забрана на вршење на професија, дејност или должност, е основано и оправдано и од аспект на институтот извршување на кривичните санкции, а поврзано со тоа и на мерките на безбедност, како еден вид на кривични санкции, чие извршување инаку е уредено во посебниот Закон за извршување на санкциите. Од содржината на член 254 од наведениот закон произлегува дека за извршување на мерката на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност се надлежни правните лица и институциите во кои осуденото лице е вработено, органот надлежен за издавање одобрение за вршење професија, дејност или должност, надлежниот орган на инспекцијата на трудот во местото на живеалиштето, односно престојувалиштето на осуденото лице, надлежниот суд за регистрација на претпријатијата, како и Министерството за внатрешни работи.
Од аспект на причините поради кои се оспорува одредбата од член 9 став (1) точка 5) од Законот значајно е решението на членот 255 став 2 од наведениот закон, според кое инспекцијата на трудот мерката на безбедност – забрана на вршење на професија, дејност или должност ја извршува со преземање на дејствија со кои на осуденото лице му се оневозможува да врши определена професија, дејност или должност на кое му е изречена оваа мерка на безбедност.
Разгледувајќи ја оспорената законска одредба во контекст и на наведената законска регулатива произлегува дека временото ограничување на правото на вработување на лицето како државен службеник на кое му е изречена мерката на безбедност – забрана на вршење на професија, дејност или должност што се врши со таа одредба е во функција и на извршување на правосилна судска одлука со која на потенцијалните кандидати кои конкрурираат за прием евентуално им е изречена оваа мерка на безбедност, бидејќи, смислата и целта на оваа одредба е да не овозможи осуденото лице да врши определена професија, дејност или должности односно работи за кои му е изречена соодветна судска забрана поради извршено кривично дело, што од друга страна значи, пак, дека директен основ за ограничување на ова право претставува правосилна пресуда со која поради докажана вина на сторителот на делото е изречена и забраната, а не самиот закон.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека со оспорената одредба од Законот не се повредуваат принципите на презумција на невиност на човекот до правосилна судска одлука и на забраната на казнување за дело кое не било утврдено со закон и за кое не била предвидена казна предвидени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, поради што и не го постави прашањето за нејзината согласност со овие уставни одредби, а во врска со член 32 став 2 и член 54 став 1 од Уставот.
Во врска со наводите во иницијативата дека оспорената одредба се коси, односно не е во согласност и со член 106 став 5 од Кривичниот законик според кој никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, иако Уставниот суд не е надлежен за оценување на меѓусебната усогласеност на одредби од еден закон со друг и без оглед што ова прашање спаѓа во сферата на примената на оспорената одредба, Судот смета дека утврдувањето на условот на лицето да не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност, само по себе не значи дека за докажување на овој факт органот ќе бара од самото лице да поднесува докази за тоа. Напротив, утврдувањето на овој факт за секој кандидат посебно органот ќе го утврдува сам, со користење на податоци од казнената евиденција, кои според член 106 став 4 од Кривичниот законик можат да се дадат, меѓу другите, и на државните органи по нивно образложено барање, поради што и овие наводи во иницијативата како
аргументи за неуставноста на оспорената одредба, се неосновани.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.154/2000
27 декември 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов