118/2000

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 ноември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 64 став 1 од Законот за преминување на државната граница и за движење во граничниот појас (“Службен весник на РМ” бр.36/92, 66/92, 12/93, 31/93 и 11/94), во делот “а за движењето, престојот, населувањето и режимот на ловот и риболовот во граничниот појас, министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за одбрана”.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 64 од Законот означен во точката 1 од ова решение затоа што смета дека ограничувањето на слободата на движењето, престојот или населувањето во Република Македонија може да се изврши само со закон и во случаи предвидени со член 27 од Уставот, така што овластувањето за министрите тие прашања да ги уредат со подзаконски пропис не било во согласност со означениот член од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 64 став 1 од Законот е предвидено дека подзаконски прописи за начинот и вршењето контрола на преминувањето на државната граница, за движењето и престојот на граничните премини, за утврдувањето и решавањето на граничните инциденти и на други повреди на државната граница, за водењето евиденција и за известувањето, донесува министерот за внатрешни работи, а за движењето, престојот, населувањето и режимот на ловот и риболовот во граничниот појас, министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за одбрана.

4. Според член 27 став 1 од Уставот секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Република Македонија и слободно да го избира местото на своето живеалиште.

Согласно став 3 на овој член од Уставот, остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

6. Судот оцени дека определувањето на карактерот на подзаконскиот пропис за чие донесување се овластени министерот за внатрешни работи и министерот за одбрана во согласност со оспорената одредба од Законот, треба да се проценува во зависност од условите за остварување или ограничување на слободата на движење утврдени со одредбите од законот, преку што единствено може да се процени дали подзаконскиот пропис може да има оригинерни или само извршни односно спроведбени овластувања.

Така, Судот утврди дека во Законот движењето во граничниот појас е детално уредено во поглед на условите за издавање или одземање на дозвола (член 32, 33, 34, 35, 39 и 40) за движењето ноќе и дење во, со Законот, определени часови (член 36).

Во член 37 од Законот дозволата за лов и риболов се условува со претходна дозвола за таква дејност издадена според соодветниот материјален закон, и е пропишана обврска за претходно пријавување во најблиската гранична единица на Армијата (член 37).

Населувањето на граничниот појас е уредено со член 41 од Законот кој за тоа пропишува добивање дозвола од Министерството за внатрешни работи, а чие издавање може да се одбие од причини на заштита на безбедноста на државната граница.

Освен тоа Судот утврди дека Правилникот за движење, престој, населување и режимот на ловот и риболовот во граничниот појас (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/92) кој е донесен врз основа на оспореното овластување, уредува идентификациони процедури и документи, начин на поднесување на барања и сл., а во една одредба уредува и една посебна ситуација – хајка, за што пропушува посебни одобренија и услови за спроведување.

7. Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека граничниот појас претставува простор кој сам по себе содржи безбедносни импликации и дека затоа не може да се исклучи од опфатот на член 27 од Уставот, доколку постојат посебните услови за ограничување на движењето пропишани со закон. Од друга страна, означените одредби од Законот за преминување на државната граница и за движење во граничниот појас содржат, во голема мера, одредени услови за остварувањето на слободата на движењето односно нејзиното ограничување во граничниот појас, кои не оставаат простор за дискрециони овластувања на органите надлежни за спроведување на законот, освен во случаи кога безбедносните импликации настануваат во непредвидливи ситуации, но и тогаш ограничувањата мора да се оправдаат во контекст на целите на законот. Исто така и означениот Правилник што е донесен врз основа на оспорената одредба од законот, покажува дека законското овластување можело да се движи само во рамките на оперативно спроведување на законските одредби, а не
и како извор за оригинерно уредување на правата на граѓаните од страна на органите на управата.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека подзаконскиот пропис од оспорениот член од Законот, со оглед на прецизните граници за неговата содржина утврдени во законот, може да се третира само како пропис за спроведување на законот во рамките на законските основи и овластувања, што останува во границите на овластувања на државната управа од член 96 од Уставот и не е во несогласност со член 27 од Уставот на Република Македонија.

Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 64 од Законот со член 27 од Уставот.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.118/2000
22 ноември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов