97/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 ноември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 26 став 3 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр. 38/93, 48/93, 21/98, 25/99, 39/99, 81/99 и 49/2000).

2. Димитри Амбарков и други граѓани од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што некои институции неа ја разбирале како одредба со која не се признава девизниот влог за инструмент на готовинско плаќање при купување на акции или удели во претпријатијата, поради што таквата интерпретација на наведената законска одредба не била во согласност со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата всушност се бара Уставниот суд да даде толкување на значењето на зборот “во готово”, употребен во член 26 став 3 од Законот, при што Судот тоа да го направи во смисла дека под готовинско плаќање се подразбира и плаќање со депонирани девизни влогови на граѓаните, а не се оспорува согласноста на нормата со уставните определби.

Таквиот аспект на иницијативата, пак, според член 110 од Уставот, не е во надлежност на овој Суд, поради што се одлучи како во точката 1 од ова решение согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.97/2000
15 ноември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов